Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дерала, добитник на наградата за солидарност на новинари од Југоисточна Европа: Секој од нас е важен дел од огромната сложувалка на светот, која е засенета од мрачната закана од војна и диктатури

Џабир Дерала ја доби наградата за солидарност за новинари од Југоисточна Европа, која се доделува од 2020 година. Со наградата им се оддава почит на новинарите и на нивната извонредна работа како и нивниот придонес во промовирањето на демократијата, владеењето на правото и слободата на печатот.

Наградата, исто така има, за цел да придонесе за заштита на новинарите на терен преку вниманието на јавноста што го привлекува и да ги почитува големите достигнувања на добитниците на наградите.

Во своето обраќање по добивањето на наградата Џабир Дерала истакна дека оваа награда за него лично, но и неговите колеги значи дека не се сами во борбата за човековите права и слобди и демократијата, туку дека постои солидарност и постои надеж.

Во продолжение обраќањето на Џабир Дерала на доделувањето на Наградата за солидарност:

Кога ја добив електронската порака од г-дин Кристијан Хагеман со која ме информираше дека ќе бидам добитник на Наградата за солидарност за новинари од Југоисточна Европа, морав да ги проверам фактите. Двапати. Дури и сега, недели подоцна, стоејќи тука, чувствувам потреба за уште една проверка на фактите и проверка на реалноста. И покрај моите вештини со зборови, останува предизвик да ги најдам вистинските зборови за да ја изразам мојата длабока благодарност за оваа чест.

Ви благодарам.

Дозволете ми да се обидам да објаснам што значи оваа награда за мене и за моите колеги. Тоа значи дека не сме сами. Дека борбата е тешка, но дека има признание. Тоа значи дека има солидарност. Поддршка. Надеж.

Оваа награда претставува неочекувано, но мошне потребно признание за работата и немилосрдните напори кои јас и моите колеги ги вложуваме за да осигураме дека фактите преовладуваат над лагите-манипулациите-и-пропагандите. Ние го браниме правото да го искажеме нашето мислење и да ги откриваме вистинските приказни на дискриминираните и угнетените, дури и по цена на нашата благосостојба и безбедност.

И да, стојам тука денес за да ја добијам оваа награда, но тоа го правам во име на моите колеги кои ги делат истите предизвици секој ден. Не би бил тука без нив. Им се заблагодарувам ним што го направија ова возможно.

Исто така, упатувам благодарност до нашата публика во Северна Македонија. Не е лесно да се биде информиран граѓанин денес, а уште потешко е да се биде активен, вклучен граѓанин. Кога луѓето ги ЛАЈКНУВААТ или СПОДЕЛУВААТ нашите приказни за дезинформации, борбата на народот во Украина, кршење на човековите права, родово базирано насилство или ЛГБТИК прашања, и тие исто така добиваат пораки на омраза од радикалите и троловите.

Би сакал, исто така, да упатам срдечна благодарност до неколку поединци: д-р. Волфганг Ресман и г-ѓа Марион Краске што ме номинираа, д-р. Гудрун Штајнакер за нејзината безрезервна поддршка за време на нејзиниот мандат како германски амбасадор во Северна Македонија и пошироко, германската амбасада во Северна Македонија за нивната континуирана помош, г-ѓа Аделхајд Феилке за нејзиното топло добредојде и проникливи разговори и посветениот персонал на Асоцијацијата на Југоисточна Европа.

Конечно, јас и моите колеги треба да се заблагодариме на донаторската заедница за поддршката на граѓанското општество и на независните и продемократски медиуми во земјата, бидејќи олигарсите не се рекламираат кај медиуми што не можат да ги контролираат, а на владата не ѝ се оди против олигарсите.

*

Неколку зборови за мене. Моето име е Поранешен југословенски граѓанин Џабир Мемеди Дерала, сега граѓанин на Северна Македонија, често етикетиран како предавник, платеник или шпион поголемиот дел од мојот возрасен живот. Предавник на која нација, сé уште не знам, бидејќи сум од мешано албанско, турско и хрватско потекло, а мојата ќерка е сето тоа плус Македонка – вистинска салата macédoine, како што велат Французите. Секогаш сум работел во корист на јавниот интерес, а не како платеник. Што се однесува на тоа дека сум шпион, Фејсбук и Гугл веќе ја вршат целата работа, мислам.

Доаѓам од земја која неодамна го зазеде „вистинскиот“ правец, како Франција уште понеодамна и веќе неколку години актуелната земја претседавач со ЕУ. Меѓутоа, мојата земја останува длабоко поделена, почнувајќи од нејзиното име. Порано бевме ПЈРМ сé додека премиерите на Грција и Северна Макаедонија, г-дин Ципрас и г-дин Заев, со помош на меѓународната заедница, не го решија децениското прашање во 2017 година, преименувајќи ја во Северна Македонија. Сепак, некои политичари сега на власт го одбиваат ова име, поттикнувајќи како надворешни, така и внатрешни поделби и поларизација.

Ова прашање со името е само една причина за внатрешната поделба и поларизација. Меѓуетничката поделба и тензиите меѓу македонската и албанската заедница се актуелни. И покрај договорите како Охридскиот рамковен договор од 2001 година, кој стави крај на шестмесечната војна и бројните уставни измени, закони и начела (често прекршени кратко по нивното усвојување), заедниците продолжуваат да се оддалечуваат. Без разлика на стратегиите и процесите, поделбата опстојува, влошувајќи ја состојбата во земјата.

Што се однесува на владеењето на правото – демократијата – и – политичката култура, дозволете да ви дадам личен пример за да илустрирам како стојат работите во мојата земја. Лидерот на најголемата политичка партија, до неодамна во опозиција, поднесе две идентични тужби против мене за клевета и оцрнување. Двајца различни судии пресудија во негова корист, обвинувајќи ме за кршење на неговите човекови права според Европската конвенција за човекови права, членови 8 и 10, небаре сум некој вид на владина, полициска или воена структура. Неговиот адвокат подоцна стана технички министер за внатрешни работи, пред изборите. Се жалев, а тужбите се сé уште активни. Во меѓувреме, овој лидер стана премиер, а неговиот адвокат сега е министер за внатрешни работи со целосен мандат. Последен пат кога проверив, во ЕУ, ова се нарекува СЛАПП (Стратешки тужби против јавното учество).

Меѓутоа, има прашања кои се многу позагрозувачки од СЛАПП-увањето на новинари и јас би сакал накратко да се осврнам на нив.

Северна Македонија е цел на долгогодишни и систематски руски операции на влијание и разни тактики на хибридна војна. Овие операции се видливи во медиумскиот дискурс и јавните комуникации, што влијае на политичката, општествената и економската сфера. Медиумите се еден влијателен канал, но политичките партии, академијата, граѓанското општество, олигарсите и Црквата се уште помоќни и влијателни. Заедно, овие операции ја загрозуваат демократијата и стабилноста на нашата земја. Зошто?

Изолирана, нестабилна, сиромашна и поделена земја во проблематичен регион како што е Западен Балкан – претставува закана за ЕУ и јужното крило на НАТО. Ова е тоа за кое што ние известуваме, иако за некои тоа не е пријатна вистина.

Нашата работа е клучна во изнесување факти за настаните во нашата земја и светот, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина. Од суштинско значење е да се обелодени дека Русија ја нападна Украина и окупираше делови од нејзината територија, а не обратно. Кијив не е престолнина на нацистичка влада. Претседателот Зеленски е Евреин, а земјата е предводена од демократски избрана влада која ја брани нејзината слобода и суверенитет, како и слободата на демократскиот свет.

*

Во општество каде човековите права се доживуваат како закана за националниот идентитет, се создаваат наративи и се користи кодиран јазик. Оваа дезинформација оди толку длабоко што дури и оние кои се декларираат самите себе како прогресивни понекогаш ги шират овие лажни наративи.

Омразата и смртните закани се секојдневни предизвици со кои се соочуваме ние и нашите семејства и пријатели. Нашата работа е дискредитирана не со факти и аргументи, туку со омраза и повизици за отфрлање.

Во длабоко поделено општество каде што „чистотата“ е високо ценета и „различноста“ се гледа како предавство, тешко е да се натераат луѓето да ја разберат вредноста на фактите. Луѓето ја доживуваат реалноста со емоции на страв – што води кон омраза, поделби и насилство. Во една таква средина, демократијата не е повеќе пожелна, а автократијата се гледа како одбрана против „другите“.

Луѓето често веруваат дека ако тие не дејствуваат, некој друг тоа ќе го направи. Ако не гласаат за партијата која носи просперитет и демократија, некој друг тоа ќе го направи. Ако не се бориме против дезинформациите, националистичките наративи и руската пропаганда, некој друг тоа ќе го направи.

Вистината е, ако ти не го направиш тоа, никој нема.

Ова е нашиот заеднички предизвик и мисија: да ги зачуваме и негуваме демократијата и демократските вредности преку напорна работа и посветеност на фактите во јавната комуникација, личен и професионален ангажман во бранењето на човековите права и слободи за сите и искрено и несебично да се поттикнува мир во светот.

Секој од нас е важен дел од огромната сложувалка на светот, која е засенета од мрачната закана од војна и диктатури. Ова не е само празна фраза; тоа е реалност докажана одново и одново.

Ви благодарам уште еднаш за оваа чест и што ја препознавте важноста на нашата работа. Силно верувам дека заедно, можеме да осигураме вистината, правдата и демократијата да надвладеат.

Подготви: Б. Ј. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен