Додека низ Европа циклично кружи добро познатото сениште на крајната десница, а европските политичари, скриено или еуфорично, ја очекуваат разврската од претседателските избори во САД закажани за 5 ноември 2024 година, некако се чини дека земјите од Западниот Балкан сè уште ќе бидат исправени пред предизвиците да се справуваат со „фолклорен кемп“, „политичка уметност“ и(ли) естетски антидемократски шокови…, пишува Вистиномер.
Анализата ја пренесуваме интегрално:
Пластичната метафора на неодамна починатиот белградскиот новинар Петар Луковиќ – „Десница подигнута у висини очију“ ( Десницата – десната рака крената во висина на очите), веројатно најдобро ја опишуваше идеолошката поза на српските неофашисти од почетокот на 90-те години од минатиот век, во екот на распадот на екс Југославија, со тој препознатлив поздрав. Бескомпромисниот критичар на десничарското лудило во неговото окружување со безброј текстови ја опишуваше импостацијата на тие фашистички гласови во регионалниот политички контекст, но, секако, предизвикуваше и неизмерна почит кај луѓето кои сметаа дека нема штета од трезвеност, во какви било количини.
На промоцијата на книгата „Нова српска драма“ од авторите, брачниот пар Небојша Пајкиќ и Исидора Бјелица, во април 1994 година, Луковиќ ги забележа следниве елементи, кои и ден денес се присутни, не само во Србија, туку и во регионот:
Православен догматизам, субверзивен панестетички егзибиционизам, естетика на националниот патос, фолклорен кемп, монархистички театар, „политичка уметност“ чија примарна цел е да доведе до катарза преку естетски антидемократски шок со кој хуманистичката свест се трансформира во литургиска…
Триесет години подоцна од овие белешки, припадниците на крајната десница можеби не ја креваат толку впечатливо десницата во висина на очите, туку се уште повеќе „дотерани и нашминкани; совршено облечени…“, и во сè поголем број дури и во европските политички институции, како Европскиот парламент.
Иако политичката десница, посебно нејзината есктремна варијанта, трпеле разни мени низ историјата, нејзиниот подем во последниве години „… е лоша вест за проширувањето на ЕУ. Речиси без исклучок тие партии не сакаат ЕУ да се шири со нови членки“, забележа аналитичарот Љупчо Поповски уште минатата година.
Што можеме да очекуваме?
Кога американската интелектуалка и писателка Сузан Сонтаг пред 60 години во нејзината книга „Белешки за кемпот“ (1964) ги набројуваше фундаменталните карактеристики на овој стил – лукавство, несериозност, наивност, претенциозност од средната класа и „шокантниот“ вишок на сè што е употребливо во привлекување на вниманието во јавноста – веројатно не мислела на дузина денешни европски политички личности од крајнодесничарскиот спектар и политичари од нашиот сокак и од соседниот двор, како бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски. Но, не само што не би погрешила, туку би била апсолутно во право.
Всушност, и Сонтаг пред 60 години и Луковиќ пред 30 години ја детектираа виталноста на крајната десница која денес ја исцрт(ув)а „црната карта“ на Европа, а без неа веќе не може да се формираат национални влади.
Подемот на крајната десница е очигледен во Франција, Белгија, Холандија, Австрија, Шведска, Финска, Данска а во Италија ја водат државата. Во Италија пред една и пол година на власт дојде Џорџа Мелони со нејзината партија Браќата на Италија. Во текот на изборната кампања, ЕУ до Мелони испраќаше закани и најави за санкции. Но, само по една година, од „популист“ и „постфашист“, Мелони стана нормален партнер. Таа тврди дека ја свртела страницата на фашистичкото наследство, но историскиот ревизионизам е присутен. На почетокот на јануари во Рим стотици луѓе го користеа фашистичкиот поздрав и покрај забранетета фашистичката симболика. Мелони не ја осуди групата. Врховниот суд на Италија на 19 јануари 2024 година одлучи дека „изведувањето на фашистички поздрав не е кривично дело во Италија, се вели во анализата на Рес Публика од почетокот на годинава.
Аналитичарот Јан-Вернер Милер, алудирајќи на некогаш популарниот цитат од воведот на „Комунистичкиот манифест“ на Карл Маркс и Фридрих Енгелс („Едно сениште ја прогонува Европа – сеништето на комунизмот“), предупредува дека денес низ Европа кружи добро познатото сениште на крајната десница, кое редовно ни се враќа секои пет години.
Додека граѓаните се упатуваат кон гласачките места за да го изберат новиот Европски парламент, коментаторите повторно се прашуваат дали екстремно десничарските антиевропски партии ќе освојат повеќе простор и ќе се обединат за да ја уништат Европската унија однатре. Вистина е дека оние кои не веруваат во ваквото сценарио за судниот ден отсекогаш тврделе дека екстремната десница засекогаш ќе биде поделена, бидејќи националистичкиот интернационализам е contradictio in adjecto. Уште поверојатно е дека политичките несогласувања за конкретни прашања – главно за војната во Украина – и драстично различните визии за политичките стратегии ќе ги спречат европските екстремно десничарски партии да формираат „супер сојуз“, пишува Милер за влијанието на европската радикална десница.
Можеби ќе изгледа неумесно како споредба, но нашминканите и дотераните екстремни десничари од белградските белешки на Луковиќ пред три децении ги наоѓа и Милер во актуелните стратегии на европските десничарски партии по одржувањето на евроизборите:
Екстремно десничарските партии во меѓувреме се приближија до визијата за која се залага ЕУ и ги отфрлија плановите за напуштање на блокот по дебаклот на Брегзит. Наместо тоа, тие настојуваат да ја сведат улогата на Европската комисија на минимум и да го претворат нејзиниот претседател во обичен „функционер“ во служба на земјите-членки, како што рече минатата година унгарскиот премиер Виктор Орбан. Ваквата речиси деголистичка визија за „Европа на татковините“ е далеку поприфатлива за гласачите кои стравуваат дека драстичната мерка за напуштање на ЕУ ќе предизвика хаос. Длабоките политички разлики стојат на патот на обединувањето на екстремната десница. Орбан, кој се залагаше повеќе за „окупација“ на Брисел отколку за развод, се залага за сојуз меѓу француската опозициска лидерка Марин Ле Пен, чија партија Национален фронт е движечка сила во групата ID, и италијанската премиерка Џорџиа Мелони, важна фигура во ECR група. Но, Ле Пен е позната по нејзиниот мек став кон рускиот претседател Владимир Путин, додека Мелони изгради репутација на меѓународната сцена поради нејзината непоколеблива поддршка за Украина (што ги затапе критиките за нејзината авторитарна внатрешна политика), забележува Милер.
Новата нормалност на екстремната десница
Таа „нова нормалност“ кога во прашање се идеите на крајната десница денес резултира со детабуизација и прифатеност од традиционалните партии.
Белгискиот професор на Универзитетот во Лиеж, Франсоа Дабрас, во својата докторска теза нотира дека во 90-те години екстремно десните партии почнале кампања за нормализација, па во нивните говори повеќе не споменуваат термини како „раса“, туку култура или религија.
Еволуцијата на реториката на екстремно десните партии кон одбрана на културните разлики не значи дека расизмот исчезнал туку дека денес се изразува преку друг вокабулар. Преку речник што не е законски санкциониран и кој зборува за правото на различност, слободата и секуларизмот, го цитира анализата на Рес Публика.
Секако дека крајната десница не е само европска „ексклузивност“. Интересни се – а допрва веројатно ќе станат уште поинтересни – поместувањата и на пошироката политичка мапа. Ако на таа мапа „фиксеви“ се „демократските автократии“ и „илиберални општества“ на Путин, Орбан, Ердоган, Вучиќ… тогаш вистинскиот предизвик ќе биде новиот американски претседател.
Едно од тие специфични, но и индикативни поместувања, е прилично забележливо кај најбогатиот човек на светот, техномилијардерот Илон Маск, кој еден ден откако стана мегадонатор за претседателската кампања на Доналд Трамп, доживеа дебакл во напорите да биде овенчан како борец за човекови права заради неговите ставови против „радикалниот исламизам и вокизам“.
Технолошкиот милијардер Илон Маск во четвртокот не успеа да влезе во потесниот круг за престижната европска награда за човекови права, и покрај екстремната десничарска кампања која ја фалеше неговата тврда линија за слободата на говорот. Маск беше номиниран од две екстремно десничарски групи во Европскиот парламент за наградата Сахаров за слобода на мислата за 2024 година, годишна награда која претходно им се доделуваше на Нелсон Мандела и Малала Јусафзаи, пишува „Политико“ за некогашниот подржувач на демократите.
Доволно е само брз преглед на насловите на овој угледен медиум за да се сфати заканата од крајната десница во Европа. Во предвечерјето на евроизборите „Политико“ ја анализираше врската меѓу подемот на екстремно десничарските партии во Европа и младите гласачи.
Многу партии со антиимигрантска агенда дури гледаат поддршка од млади гласачи кои првпат гласаат на претстојните избори за Европскиот парламент на 6-9 јуни. Во Белгија, Франција, Португалија, Германија и Финска, помладите гласачи ги поддржуваат партиите против имиграцијата и анти-естаблишментот во бројки еднакви, па дури и поголеми, од постарите гласачи, сугерираат анализите на неодамнешните избори и истражувањето на политичките преференции на младите луѓе.
Од другата страна на Атлантикот, пак, интересна анализа на тинк-тенк организацијата Институт Актон кој прашува дали актуелната десница на Западот може да ја нарече и фашистичка?
Во изминатите неколку години американските конзервативци забележаа дека некои меѓу нив се префрлија во мислења кои изгледаат „десничарски“, но не традиционално конзервативни. Откако започна Новото конзервативно движење во 1960-тите, а особено по изборот на Роналд Реган за претседател во 1980 година, конзервативците традиционално се придржуваат до консензус од четири принципи: слободни пазари, антитоталитаризам, верски вредности и ограничена влада. Консензусот беше доволно силен за да се развијат несогласувања околу тоа на кој од четворицата да се даде приоритет без да се напушти ниту еден од принципите – до неодамна.
Анализата на Институтот Актон смета дека новата американска десница сè уште не е фашистичка, бидејќи нејзините заложби не се комплементарни со „стариот“ европскиот фашизам.
Институтот ги преиспитува критериумите презентирани во студијата „Анатомијата на фашизмот“ од Роберт Пакстон:
1. Опсесивни преокупации со опаѓање на заедницата, понижување или жртва 2. Компензациски култ на единство, енергија и чистота составен од масовна партија на посветени националистички милитанти 3. Непријатна, но ефикасна соработка со традиционалните елити 4. Напуштање на слободата да се продолжи со искупувачко насилство без ограничување за внатрешното чистење и надворешната експанзија. Како што се случува, Новата десница се поклопува со оваа дефиниција за фашизам најмногу во првата и втората категорија, се обидува со третата, но само делумно е заинтересирана за четвртата, анализира Институтот Актон.
Сепак, без разлика колку европските политичари, скриено или еуфорично, ја очекуваат разврската од претседателските избори во САД закажани за 5 ноември 2024 година, некако се чини дека земјите од Западниот Балкан сè уште ќе бидат исправени пред предизвиците да се справуваат со „фолклорен кемп“, „политичка уметност“ и(ли) естетски антидемократски шокови…
Пишува: Стојан Синадинов