Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Дестабилизација“ – реална закана, политичко пророштво, или теорија на заговор?

Со лиферувањето на непотврдени информации и шпекулации за некакви „планови за дестабилизација“ (без докази за нивно постоење), а по кои не уследува соодветна институционална акција, се намалува довербата во државните институции кои треба да се грижат за безбедноста. Должност на премиерот е со својата комуникација да ја јакне довербата во државните и безбедносните институции, а не да ја подрива.

Жарко ТРАЈАНОСКИ*

Агрегаторите на вести на македонски јазик само во август регистрираа неколку стотици објави, во кои се среќава изразот „дестабилизација“. Најголем дел од „вестите“ не се однесуваа на она што се случило, или на она што се случува во сегашноста, туку на непроверливи политички изјави за она што би можело да се случи во иднината (наесен). Политичките изјави за иднината не содржат информации кои можат да се проверат или потврдат.  Оттаму, бројните новинарски и аналитички прилози на тема „дестабилизација“ тешко можат да се наречат „актуелни вести“,  туку тие поскоро спаѓаат во рубриката „вести од иднината“.

Сепак, може да се забележат и пропагандни медиумски известувања дека „дестабилизацијата“ веќе се случува и дека станува збор за „реална закана“. Меѓутоа, главните извори на „вести од иднината“ (премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ) не и понудија на јавноста никакви сериозни докази и факти за постоење на конкретни планови или сценарија за дестабилизација на државата и за повреда на суверенитетот и територијалниот интегритет.

Токму затоа, во отсуство на факти, хипотетичкото прашање за „дестабилизација“, со кое е преокупирана јавноста последнава седмица, може да се сведе на трилемата: дали станува збор за реална закана, за политичко пророштво, или пак за теорија на заговор заради пропагандни цели? Со лиферувањето на непотврдени информации и шпекулации за некакви „планови за дестабилизација“ (без докази за нивно постоење), а по кои не уследува соодветна институционална акција, се намалува довербата во државните институции кои треба да се грижат за безбедноста. Должност на премиерот е со својата комуникација да ја јакне довербата во државните и безбедносните институции, а не да ја подрива.

Кој прв ја покрена темата за „дестабилизација“ на владата?

Темата „дестабилизација“ (на владата) на крајот на јули ја лансираше лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, по повторното истакнување на албанското знаме со иста големина како и македонското, на координативен состанок одржан во владата од коалиционите партнери: „колегите од ВРЕДИ многу грешат ако сметаат дека со овие гестови ќе иницираат дестабилизација на Владата или излегување на ЗНАМ“, соопштија повеќе медиуми.

Во „ВЕСТИ ПЛУС” со Максим Димитриевски 31.07.2024, Димитриевски зборуваше и за „пост-изборен маркетинг“ на ВРЕДИ, укажувајќи дека незаконскиот потег на ВРЕДИ со знамето е „самовластие“, и им порача на коалиционите партнери дека ако практикуваат самовластие „тогаш не ви е место во владата“.

Кој продолжи да зборува за „дестабилизација“ на државата?

Потоа, темата „дестабилизација“ (на државата) беше медиумски покрената по интервјуто на премиерот Христијан Мицкоски за „Фокус“ од 01.08.2024, и во насловот на ТВ Сител од 04.08.2024 – Мицкоски: Нема да дозволиме дестабилизација на државата.

Насловната страница на „Фокус“
од 01.08.2024

Симптоматично е дека во насловот на ТВ Сител централен израз е „дестабилизација“, кој не се среќава ниту во прилогот, ниту во цитираната изјава од премиерот Мицкоски во која се споменува „криза“ во однос на „територијалниот интегритет и суверенитет“.

Исечок од прилогот на ТВ Сител од 04.08.2024

Како темата „дестабилизација“ стана медиумска тема на денот?

Темата „дестабилизација“ стана медиумска тема на денот на 05.08.2024, кога премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со премиерот на Република Косово, Албин Курти, како одговор на новинарско прашање, изнесе непотврдени „информации“ за „чекори во насока на дестабилизирање на државата“, кои наводно наесен ќе ги презема раководството на ДУИ:

„…имаме информации со кои што располагаме, кои се информации добиени по повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција, ова раководство на Демократската унија за интеграција, во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20, 22 години, ќе превзема чекори во насока на дестабилизирање на државата, што е многу значајно да се спомене, а ние како Влада имаме полно право да го браниме територијалниот суверенитет, интегритет и мирот на граѓаните. Тоа практично е и целта на една држава.“

Притоа, самиот Мицкоски укажа дека неговите информации се непотврдени и дека времето ќе покаже дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни: „И очекуваме тоа да се случи оваа есен, врз основа на тие информации кои што ги имаме. Да почекаме, времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или дали информациите нема да бидат точни“.

Иако во изјавата на премиерот не се употребува и акцентира изразот „дестабилизација“, туку се зборува за „дестабилизирање“, изразот „дестабилизација“ стана составен дел од клучните медиумски наслови: Имаме информации дека ДУИ за да го заштити капиталот кој го таложеше ќе предизвика дестабилизација вели МицкоскиМицкоски предупредува за дестабилизацијата од ДУИ – Ахмети молчиМицкоски: Имаме информации дека ДУИ оваа есен може да преземе чекори за дестабилизација на државатаМицкоски тврди: ДУИ наесен ќе презема чекори во насока на дестабилизацијаМицкоски повтори: Имаме информации дека ДУИ есенва подготвува дестабилизација!Мицкоски: Се очекува ДУИ да преземе чекори за дестабилизација на државата, но времето ќе покаже дали информациите се точни или не

Медиумско-експертски дезинформации и теории на заговор на тема „дестабилизација“

Иако премиерот изнесе непотврдени „информации“ кои се однесуваат за иднината, некои медиуми почнаа да известуваат за обиди за дестабилизација во сегашно време. На пример, во насловот на „Вечер“ „По најавите на ДУИ за дестабилизација, стручњаците коментираат: На секој повик за уривање на уставниот поредок, треба соодветно да се одговори“ (05.08.2024), се инсинуира дека ДУИ веќе најавила дестабилизација и дека веќе имало „повик за уривање на уставниот поредок“. Во текстот се пренесува изјава на „Професорот за безбедност и проректор за настава на Европски универзитет – Скопје, Александар Нацев“ (без да се нагласи неговата политичка поврзаност како гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ), во која дезинформира дека „Какви било протести се безбедносна закана, на која мора соодветно да се одговори и да се третира“.  Претходно, во интервју за „Фокус“, Мицкоски не зборуваше за „какви било протести“, туку за идни насилни протести: „Јас говорам за протести. Сѐ додека се демократски и мирни, тие се легитимни. Ако преминат во насилни, тогаш, повторно ќе кажам, како влада имаме право да го браниме територијалниот интегритет и суверенитет на државата.“

И јавниот сервис МТВ во централните вести излезе со „Анализа: за обидите за дестабилизација на државата“, наслов кој сугерира дека има конкретни обиди за дестабилизација. Во прилогот на МТВ, аналитичарот Ристо Никовски тврди дека премиерот Мицкоски е „апсолутно во право“: „Мислам дека Мицкоски е апсолутно во право. ДУИ спрема некаква дестабилизација на државата…“.  Никовски во изјавата дезинформира дека јавното зборување за нов концепт за уставно рекомпонирање на државата е загрозување на уставниот поредок: „А прво и основно е што тие зборуваат јавно за некакво уставно рекомпонирање на државата, некој нов концепт, што значи го загрозуваат уставниот поредок на државата.“ Дополнително, Никовски инсинуира дека станува збор за кривично дело рушење на уставниот поредок, за кое мора кривично да се одговара: „Секоја одговорна власт го штити својот уставен поредок, и секој што се појавува како рушител на тој уставен поредок мора да одговара веќе кривично“.

Кајрон на МТВ,
„Анализа: за обидите за дестабилизација на државата“

Иако во прилогот на МТВ емитуван по 19.30 часот се тврди дека „Од ДУИ засега нема одговор по сериозните обвинувања од страна на премиерот Мицкоски дека интегративците се подготвуваат за немири и дестабилизација оваа есен“, на веб-страницата на ТВ21 во 19.00 часот беше објавена веста „ДУИ со одговор до Мицкоски: Ние сме гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на државата“, по соопштението на ДУИ кое е објавено на нивната Фејсбук страница во 18.47 минути.

ДУИ тврди дека е гарант на мирот и стабилноста и дека ќе презема демократски мерки

Неколку часа по изјавата на Мицкоски и медиумското прозивање на ДУИ на тема „дестабилизација“, следуваше соопштението на ДУИ во кое се тврди дека се државотворна партија, гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на државата, и дека ќе ги користи „сите демократски мерки“. Соопштението на ДУИ беше пренесено од повеќе медиуми на македонски јазик, а од Канал 5 ТВ како демант во насловот „ДУИ демантира дека ќе прави дестабилизација, биле државотворна партија“.

Филипче: Доколку Мицковски поседува информации за дестабилизација, да ги достави до надлежните институции

Истата вечер на 5.08.2024, повеќе медиуми го споделија и статусот на лидерот на СДСМ Венко Филипче, со пораката дека Доколку Мицковски поседува информации за дестабилизација, да ги достави до надлежните институции.

Во својата реакција, Филипче истакнува дека „Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба“.

Партиски и аналитички препукувања на тема „дестабилизација“

На 06.08.2024 беа објавени стотина вести и анализи на тема „дестабилизација“ од најразлични извори. Најнапред, владејачката „ВМРО-ДПМНЕ“ ги прозва „СДС и ДУИ“ да кажат „кој е планот за дестабилизација“, без да посочи било какви докази за постоење на таков план. СДСМ пак апелираше до Обвинителството да го повика Мицкоски на сослушување за информациите за дестабилизација, барајќи „Сиљановска Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран“. Медиумската  Битка со соопштенија околу наводната дестабилизација се продлабочи откако медиумите ја пренесоа изјавата на пратеникот на „Вреди“ (ВЛЕН), Сали дека  Вреди нема информации за план за дестабилизација на ДУИ. Сепак, истиот ден и ВЛЕН во посебно соопштение ја обвини ДУИ за иден обид за дестабилизација: „ДУИ ќе се обиде, но нивниот капацитет за дестабилизација е слаб“.

Покрај партиските извори, темата „дестабилизација“ медиумите ја форсираа и со изјави од повеќе аналитичари и новинари. На пример, во анализата Каде оди и каде нѐ води Мицкоски, Ерол Ризаов тврди дека „Последниот обид да се прикријат катастрофалните потези на владата во низа, додека гори од пожари цел месец државата, е дека ДУИ подготвува дестабилизација на Македонија  и нарушување на територијалниот интегритет.“ Ризаов сугерира дека  причините за можната дестабилизација на државата треба да се бараат во одложувањето на преговорите со ЕУ, што е „многу опасна и скапа работа која ја прави неизвесна иднината на Македонија“. Во прилогот „Героски: Премиерот не дава паушални изјави, веројатно има информации од разузнавачките служби“, се потенцира изјава на „новинар“ кој без докази и аргументи изнесува политичко пророштво дека „ДУИ може да се обиде да го мобилизира членството, но не може многу да ја дестабилизира државата“.

Претседателката не планира да го свика Советот за безбедност, иако МВР постапува по индициите за „дестабилизација на државата“

Повикувајќи се на „вознемирената јавност“, дел од медиумите уште веднаш побараа и повеќе одговори од надлежните институции, како на пример, прилогот„Партиите вријат за можната дестабилизација, а надлежните спијат“. „360 степени“ соопшти дека до кабинетот на претседателката на државата ги испратиле следниве прашања: „Дали во врска со овие информации претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова планира да го свика Советот за безбедност? Дали вакви информации поседува и кабинетот на претседателката?“, а дека од кабинетот добиле мошне кус одговор „Почитувани, одговорот на вашето прашање е: не.“ (Сиљановска-Давкова нема да го свика Советот за безбедност и покрај сознанијата на Мицкоски за можна дестабилизација на државата). Истиот одговор го соопшти и ТВ24, на прашањето „дали Сиљановска-Давкова ќе го свика Советот за безбедност, по индициите на премиерот?“.

Сепак, Сител извести дека МВР постапува по индициите дека се спрема дестабилизација на државата, а по гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија на министерот Тошковски, повеќе медиуми го пренесоа неговото тврдење „Точно е дека постојат информации кои се во насока на тоа што го говори премиерот“ (И Тошковски тврди дека ДУИ подготвува дестабилизација на државата – не открива детали).

Кој треба да ја провери информацијата за „заканите за дестабилизација“?

„Дестабилизацијата“ беше една од клучните медиумски теми и на 07.08.2024, како што сведочат и насловите „Дестабилизацијата засега постои само во изјавите на Мицкоски и Тошковски“, „Дестабилизација или театар?“, „Дестабилизација од ДУИ или дефокус на ВМРО-ДПМНЕ“.

Од друга страна, некои „експерти“ за безбедност добија простор во национални медиуми (чија основна работа е да проверуваат информации), за да ја убедуваат јавноста дека информацијата за „заканите за дестабилизација“ била „проверена“ информација, затоа што премиерот „ја добил од некои служби“ (Хаџи-Јанев: Заканите за дестабилизација треба да се земат сериозно). Но, токму новинар(к)ите имаат етички кодекс да не објавуваат непроверени информации, а обврската за „проверка на факти“ важи како за тврдењата на премиерот, така и за тврдењата на експертите кои не треба да се земаат „здраво за готово“.

ДУИ продолжи јавно да укажува дека станува збор „за лажна пропаганда и обвинувања“, дека „Не е исклучена можноста за протести наесен но во рамки на демократските механизми кои стојат на располагање“, и дека „И протестите се демократски начин за изразување на политичката волја“.

Истовремено, медиумите продолжија да шират оцрнувачки политичко-пропагандни пораки од владејачката ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ: Додека ДУИ заседава, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека нема да дозволат една криминална банда да ја киднапира државатаВМРО-ДПМНЕ: ДУИ во моментот е во заложништво на мала група бандити во врвот.

Пропагандни наративи на ВМРО-ДПМНЕ: Пред избори „дуизација“, по избори „дестабилизација“, а каде е „институционалната реакција“?

И во наредните неколку дена, повеќе медиуми одиграа улога на пропаганден сервис на ВМРО-ДПМНЕ во оцрнувачката кампања против ДУИ и СДСМ, во која се спомнуваше „план“ или „сценарио“ за „дестабилизација“, без да се наведат било какви конкретни докази за постоење на таков план или сценарио.

Некои критичари укажаа на отсуството на соодветна институционална реакција по „заговорот за безбедносна дестабилизација на државата“: „Кога премиерот и министерот за внатрешни работи ви тврдат дека постои заговор за безбедносна дестабилизација на државата, очекувате институционална реакција, а не ширење страв од говорница и пред камери“ (Џабир Дерала); „Како граѓанин не очекувам од премиер на телевизија да ми кажува дека има индиции оти некој сака да ја дестабилизира државата, па и да ми најавува дека таа дестабилизација ќе се случи наесен. Од премиер очекувам да ми соопшти што презеле државните органи.“ (Горан Михајловски); „Што прават институциите за да одговорат сериозно на овие закани, доколку тие закани навистина постојат?… Доколку е состојбата толку сериозна, што бара премиерот да оди на одмор?“ (Петрит Сарачини).

И поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски апелираше „Институциите да преземат мерки ако навистина постојат индиции за дестабилизација на државата“.

Наместо институционална реакција во врска со „заканите од дестабилизација“, следуваа партиско-пропагандни пораки дека „Дестабилизацијата е осуетена“. Истиот ден, на 10.08.2024 повеќе медиуми во насловот ја акцентираа изјавата на Мицкоски „ја стабилизираме државата“, која пак имплицира дека и сега државата не ни е стабилизирана.

Реална закана од дестабилизација, теорија на заговор или пророштво на „гатачката“ на ВМРО-ДПМНЕ?

Во отсуство на факти, прашање за „дестабилизација“, со кое е преокупирана јавноста последнава седмица, е хипотетичко прашање кое може да се сведе на трилемата: дали станува збор за реална закана од дестабилизација, за теорија на заговор заради пропагандни цели, или пак ВМРО-ДПМНЕ повторно ја ангажирало „гатачката на Груевски“ за предвидување на иднината?

Отсуството на соодветна институционална реакција, 10 дена откако премиерот Мицкоски на 1 август јавно предупреди на можен конфликт и опасност по територијалниот интегритет, напоредно со зголеменото присуство на оцрнувачка партиска пропаганда од страна на ВМРО-ДПМНЕ, се индикатори кои наведуваат на заклучокот: И доколку има некаква реална закана од дестабилизација, тогаш нема реална институционална реакција, туку само партиска пропагандна кампања.

Колку за потсетување, како држава имаме многу лошо искуство со водењето на слични негативни кампањи од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во периодот 2015-2017, кога напоредно со руската пропаганда се ширеа теории на заговор за дестабилизација на Македонија со „втора хибридна војна”, со „украинско сценарио“, со „сценарио за дестабилизација на државата и за пуч во државата“, со некаква „соросоидна“ „обоена револуција“. Наспроти руската пропаганда за некакво насилно „украинско сценарио”, насилството како метод беше искористено од страна на провладините демонстранти на 27 април и тоа за спречување демократска промена на власта од страна на новоформираното парламентарно мнозинство.

Токму затоа, сегашните пропагандни анализи дека „И Ахмети ќе проба да направи шарена револуција“, потсетуваат на еден пропаганден период, кога власта се обидуваше да ги делегитимира и дискредитира опозициските протести како насилни (како „украинско сценарио“ или „обоена револуција“), пред истите воопшто да се случат. Оцрнувачките партиски кампањи, во кои се препознатливи намерите за дискредитирање на секои идни опозициски протести како насилни и дестабилизирачки, потсетуваат на времето кога Груевски водеше црни кампањи против „федерализација“ и „кантонизација“, а беше под влијание на неговата гатачка.

Целата оваа хаотична ситуација со „заканите од дестабилизација“ е резултат на несоодветната комуникација со јавноста на премиерот за тема од врвен национален интерес како што е безбедноста, преку споделување на непроверени информации. Крајно несериозно е премиерот да споделува во јавност безбедносни информации, кои не се ни потврдени, ниту пак можат да се потврдат, затоа што се однесуваат на иднината. Премиерот воопшто не треба јавно да споделува ваков вид информации, затоа што тогаш се претвора во извор на шпекулации, теории на заговори, па и дезинформации.

Ваквиот несериозен пристап во владините комуникации на тема „дестабилизација на државата“ нанесува сериозни штети и на националната безбедност и на државните институции.  Со лиферувањето на непотврдени информации и шпекулации за некакви „планови за дестабилизација“ (без докази за нивно постоење), а по кои не уследува соодветна институционална акција, се намалува довербата во државните институции кои треба да се грижат за безбедноста на државата и нејзините граѓани. Должност на премиерот е со својата комуникација да ја јакне довербата во државните и безбедносните институции, а не да ја подрива.

*(авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново