Дури 94 отсто од жителите на ЕУ сметаат дека во случај на елементарна непогода или несреќа со катастрофални последици во членка на Унијата, другите земји од блокот треба да и пружат помош, додека 91 проценти од нив сметаат дека во таков случај помош треба да се пружи и на која било држава во светот, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за активностите на европската Цивилна заштита.
– Резултатите од истражувањето укажуваат на јасна поддршка за улогата на ЕУ во справувањето со кризи, при што девет од десет испитаници изјавиле дека е важно Унијата да помогне во координирањето на одговорот на катастрофи во ЕУ и другите земји, соопшти Европската комисија, објавувајќи ги резултатите од анкетата на годишнината од усвојувањето на Целите на ЕУ за отпорност на катастрофи.
Според истражувањето, 90 отсто од Европејците се согласуваат дека е потребна покоординирана акција на ЕУ за поефикасно справување со катастрофи и кризи во иднина. Оваа претставува раст на процентот на граѓани на ЕУ кои споделуваат ваков став во однос на анкетата во 2020 година, кога вакво мислење имале 84 проценти од анкетираните.
– Желбата на граѓаните да се зголеми отпорноста на Европа при катастрофи се совпаѓа со Целите на ЕУ за отпорност на катастрофи, усвоени во 2023 година. Европската комисија и земјите членки на ЕУ заеднички идентификуваа пет клучни области за да направат повеќе заедно за да се спречат и да се подготват за катастрофи. Петте области ги предвидуваат и подготвуваат ризиците, ги подобруваат раните предупредувања, ги зголемуваат капацитетите за одговор и обезбедуваат робусни системи за цивилна заштита. Петте цели на ЕУ за отпорност на катастрофи ќе служат како компас за политики и инвестиции кои им помагаат на властите да донесат одлуки врз основа на подобра информираност и да ги заштитат граѓаните, средствата за живот и животната средина, се додава во соопштението на ЕК.
Еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич изрази задоволство од ваквите резултати и тоа што мнозинството граѓани на ЕУ се согласуваат со ставот дека координираната акција во справувањето со големите катастрофи е поефикасна, отколку обидите за индивидуално справување со нив.
– Резултатите од истражувањето само придонесуваат за нашата определба за дополнително зајакнување на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, како еден од најагилните механизми кој обезбедува брза помош во заштитата на луѓето кога ќе се случи катастрофа во Унијата, но и надвор од неа, истакна Ленарчич.
Тој порача дека ЕУ заедно со земјите членки ќе продолжи да ги развива Целите за отпорност на катастрофи усвоени на овој ден пред една година, затоа што така „колективно ќе бидеме подобро подготвени за идни катастрофи“.
Механизмот за цивилна заштита на ЕУ има за цел да ја зајакне соработката за подобрување на превенцијата, подготвеноста и одговорот на катастрофи помеѓу членките на ЕУ и 10 европски земји учеснички – Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Молдавија, Норвешка, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
– Кога итен случај ќе ги надмине можностите за одговор на една земја во Европа и пошироко, таа може да побара помош преку Механизмот. Европската комисија игра клучна улога во координирањето на одговорот при катастрофи ширум светот. Од своето основање во 2001 година, Механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран за повеќе од 600 итни случаи и кризи внатре и надвор од ЕУ, се додава во соопштението.
Европската комисија на 8 февруари 2023 година усвои Препорака за воспоставување заеднички цели за зајакнување на отпорноста при катастрофи во областа на цивилната заштита, која вклучува и начини за подобра подготвеност на европските земји за одговор на природни непогоди, вклучително и земјотреси, поплави и шумски пожари.
– Европските Цели за отпорност на катастрофи имаат за цел да го подобрат капацитетот на ЕУ, нејзините земји членки и учеснички во Механизмот за цивилна заштита и да ги предвидат и подобро да се справат со последиците од идните големи катастрофи и вонредни состојби, се додава во соопштението.