Специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобално ангажирање на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, денеска ја започнува посетата на Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, каде ќе разговара за борбата против руските дезинформации.
Како што соопштија од Стејт департментот, Рубин од денеска до 14 април ќе ги посети Подгорица, Скопје и Тирана.
Рубин пред неговото пристигнување изјави за N1 дека „предметот и темата на посетата се сериозни“, бидејќи на Западен Балкан „постои проблем со руските дезинформации: во Црна Гора, Северна Македонија и во целиот регион“.
„Сакам да работам со владите кои сакаат да бидат дел од европскиот систем и да бидат свет на права и правила каде се почитуваат европските принципи. Сакаме да се обидеме да направиме се за да го елиминираме ова загадување на медиумската средина“, рече Рубин.
Најавено е дека тој ќе се сретне со владини претставници во Подгорица и Скопје за да ја зајакне поддршката за иницијативите против дезинформации.
„Тие ќе разговараат за напорите на Русија, Кина и другите злонамерни актери кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност ширум светот и како нашите земји можат колективно да се спротивстават на заканите во информативниот простор“, се вели во соопштението.
Рубин во Тирана ќе учествува на средби со американските амбасадори од Западен Балкан.
Зборувајќи за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Рубин изјави дека САД ги поздравуваат „договорите на кои работи ЕУ и им помага на Косово и Србија да имаат нормални односи, да им овозможат на народите да живеат едни покрај други, да ги признаваат симболите, малцинските права, слободата на народот и да тргнат напред така што и Косово и Србија можат да бидат дел од европските институции“.
Тој додаде дека решението „мора да биде прифатливо и за Косово и за Србија“, дека „лидерите мора да донесат тешки одлуки и да тргнат кон нормализација“ и изрази уверување дека „денес тоа е можно“.