Државата доцни, граѓаните плаќаат: зошто сè уште немаме бесплатен роаминг со ЕУ?

роаминг

Во моментов е во тек измена на Законот за електронски комуникации со која Владата конечно се обидува да ги усогласи домашните правила со европската регулатива за роаминг. Истовремено, од образложението за измените се гледа дека со овој чекор сериозно доцниме. Роковите за анализа и усогласување веќе се поминати, а подзаконските акти допрва треба да се носат. Ова отвора директна дилема: дали токму ова институционално доцнење и неажурност е причината поради која граѓаните на Северна Македонија и во 2026 година сè уште немаат бесплатен роаминг со ЕУ и продолжуваат да плаќаат високи трошоци секогаш кога ќе патуваат во земјите-членки.

Законските измени што доаѓаат предоцна: што точно менуваме?

Со предложените измени на Законот за електронски комуникации државата дури сега ги внесува во своето законодавство европските правила кои се предуслов за приклучување кон иницијативата „Roam like at home“ на Европската унија. Овие измени се претставени како чекор кон тоа македонските корисници да можат да ги користат мобилните услуги во ЕУ по исти или слични цени како дома, без дополнителни роаминг надоместоци. Но самиот факт дека овие регулативи се пренесуваат со задоцнување, а не како превентивна подготовка за отворање на врата кон европскиот роаминг режим, покажува дека институциите не работеле проактивно на европската агенда во електронските комуникации.

Дополнителен проблем е што измените на законот се само прв чекор. По нив следи носење низа подзаконски акти и технички правила кои треба да го направат системот навистина оперативен. Во планските документи на ресорното министерство се гледа дека токму овие обврски се поместувани и одложувани, што ја продлабочува разликата меѓу политичките декларации и конкретната имплементација. Наместо да се работи паралелно и превентивно, државата реагира доцна и фрагментирано.

Неажурна влада, повисоки сметки за граѓаните

Додека институциите ги доработуваат анализите и законските текстови, граѓаните продолжуваат да плаќаат за роаминг секој пат кога патуваат во ЕУ, бидејќи нашата земја формално не е дел од европскиот режим на „roam like at home“. За разлика од тоа, во рамки на Западен Балкан, благодарение на регионалниот договор потпишан во контекст на Берлинскиот процес, од 1 јули 2021 роаминг трошоците меѓу земјите од регионот се укинати и граѓаните разговараат и сурфаат по цени „како дома“. Тоа покажува дека кога има јасни рокови и силен политички и технички притисок, договори од ваков тип можат да се реализираат навреме.

Европската унија веќе има воспоставено јасна регулаторна рамка за роаминг во рамки на ЕУ и неколку години го применува принципот „roam like at home“ за своите земји-членки. Во последните години се отвори и можност Западен Балкан да се приклучи на овој режим преку специфични договори, но тоа бара земјите од регионот прво да го усогласат своето законодавство и да ги завршат домашните обврски – токму тука Северна Македонија касни. Со други зборови, цената на доцнењето не е само политичка или имиџ, туку директно финансиска за секој корисник, гледлива во секоја месечна сметка.

Позитивните примери од минатото: како Берлински процес и „Отворен Балкан“ донесоа брзи и опипливи бенефити

Во овој контекст, контрастот со претходните регионални успеси е многу јасен. Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, поддржан од регионалните структури и ЕУ, доведе до тоа од 1 јули 2021 роаминг трошоците во регионот да бидат сведени на нула – реален, опиплив бенефит што граѓаните веднаш го почувствуваа во своите сметки. Тука институциите успеаја да ги испочитуваат роковите, да ги усогласат техничките стандарди и да ги потпишат договорите навреме, што покажа дека кога постои политичка волја и координација, резултатите стигнуваат релативно бргу.

Слично се случи и со иницијативата „Отворен Балкан“, каде Северна Македонија, Србија и Албанија отворија полесен пристап до пазарите на труд, со поедноставени процедури и практично укинување на класичните работни дозволи меѓу трите земји. На тоа се надоврза и поврзувањето на електронските системи за наплата на патарина (TAG/M-тег), што овозможи едно електронско средство за плаќање да важи на повеќе автопатски мрежи и им го олесни патувањето на граѓаните. Во двата случаи, бенефитите беа брзо видливи и широко препознаени во јавноста – луѓето буквално ги почувствуваа на граница, на патарина и на телефонска сметка.

Од регионален успех до европски застој: зошто доцниме кон ЕУ и кој ја плаќа цената

Кога ќе се споредат овие примери со сегашниот застој околу роамингот со ЕУ, сликата е јасна: истата држава (со друга влада) која успеа да донесе навремени и ефективни бенефити преку регионални иницијативи, сега доцни со усогласување на законите со европските правила. Наместо по регионалниот успех природно да следи ново поглавје (проширување на „roam like at home“ и кон ЕУ) процесот заглавува во доцнење на анализи, одолговлекување на законски решенија и одложено носење на подзаконски акти.

Така, наместо да зборуваме за датум од кога македонските граѓани ќе можат да патуваат во ЕУ без дополнителен роаминг трошок, денес зборуваме за тоа дека дури сме во фаза на усогласување на законот што требаше да биде завршено уште претходно.

Прашањето што логично се наметнува е: ако можевме навреме да донесеме регионален роаминг, слободен пристап до пазар на труд и заеднички М-таг, зошто сега доцниме со следниот чекор – приклучување кон европскиот режим на роаминг? Сè додека тоа прашање нема убедлив одговор и конкретни рокови, останува горчливиот впечаток дека граѓаните ја плаќаат цената на институционалната неажурност, секој пат кога ќе го вклучат мобилниот телефон во некој град во Европската унија.

Зачлени се на нашиот е-билтен