Што правиме за да им биде секојдневието на пензионерите поведро? Дали македонското општество е солидарно со пензионерите? Дали е доволно само да се покачи пензијата? Дали тоа е единствен начин за грижа за пензионерите?
Зоран БОЈАРОВСКИ
Што правиме за да им биде секојдневието на пензионерите поведро? Дали македонското општество е солидарно со пензионерите? Дали е доволно само да се покачи пензијата? Дали тоа е единствен начин за грижа за пензионерите?
За да фрлиме повеќе светлина на третото доба, одговори на овие прашања побаравме од самите пензионери. Тие најдобро знаат што им треба бидејќи секојдневно се соочуваат со предизвиците на ниските пензии и на постојаниот раст на животните трошоци. Додека се справуваат со овие прашања, многу малку време им останува третото доба да го исполнат во спокојна атмосфера, во дружба и со активности за кои додека биле вработени немало доволно време.
А волја, па дури и активности за тоа, имаат многу. Во тоа се уверивме во разговорите со нив.
Претседателката на Сојузот на пензионерите Станка Трајкова вели „треба и други мерки, во делот на здравството, во делот на социјалното домување, да бидат ослободени од сите видови партиципација во здравството“.
Трајкова укажува дека во Словенија пензионерите се целосно ослободени од партципација во сите степени на здравството.
„Ситемски тоа треба да се реши. Сега функционира на принципот на пилот проекти. Еве да речеме Општина Центар има таков проект, ама не е тоа решение. Треба да има системско, долгорочно решение каде што ќе се знае кој финансира, кој ги дава услугите, што треба да избере пензионерот, колку ќе биде сигурен. Тоа треба да се направи“, препорачува Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на пензионерите.
Во последните години Сојузот, но и општинските здруженија на пензионерите, развиваат различни програми за поддршка на пензионерите, како што се програмите за економско зајакнување на пензионерите и за развивање на солидарноста меѓу нив, но и за поттик на општествената одговорност кон нашите највозрасни граѓани.
Така, на пример, Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија и компанијата „Веро“ на почетокот на авуст оваа година склучија меморандум за соработка за вработување со договор за дело на пензионерите со цел подобрување нивниот материјален статус на корисниците на пензија.
Ангажманите на пензионерите за работа на дело како акцијата на СПМ и на Веро ја следат и во општинските здруженија. Митко Стојановски, претседател на здружението на пензионерите во Ѓорче Петров вели дека тоа се добри иницијативи.
И здружението во Ѓорче Петров има искуство во ангажманот на пензионерите во општината во делот на општо полезната работа, вели Стојановски.
„И општо полезната работа како што е кај нас. Општината е задоволна од пензионерите што се ангажирани на хигиената на улиците и јавните површини, за косење на трева и друго било што. Имаме околу 10-15 пензионери ангажирани на таа работа и тие се презадоволни. Исто така имаме ангажирано што ги чуваат градинките како ноќни чувари, пензионери што ги чуваат школите. Значи тој сегмент кај нас во Ѓорче Петров ангажира мал број, реков од 15-20 пензионери, но сепак за 20-тина семејства буџетот, домашниот буџет се зголемува“, информираше Митко Стојановски, претседател на здружението на пензионерите во Ѓорче Петров .
Овие дополнителни активности на пензионерите, освен економското зајакнување на овие наши граѓани им им обезбедува и една додадена вредност, како што е на пример меѓугенерациското поврзување и инклузијата.
„Мојата внука студира на Њујоршкиот унивезитет, Њу Универзити, и преку лето работеше во еден маркет. Таа ми вели јас работам со баби над 80 години коишто се многу интересни. Јас од нив многу работи научив. Ете, тоа е еден пример каде што имате една меѓугерациска поврзаност и солидарност и тоа ќе продолжи и понатаму“, вели Трајкова.
Во Општина Ѓорче Петров, околу 1500 пензионери се од категоријата со најниски пензии од 13 до 15 илјади денари. Тие добиваат еднаш годишно по 2 илјади денари, а за пензионерите од општината, вели претседателот Митко Стојановски, издвојуваат средства за лекарства или за посериозни здравствени зафати, операции и слично за овие нивни сограѓани.
Имаат соработка и со волнтерите на општината кои им помагаат на пензионерите, одење на лекар, плаќање сметки во банка, пазарување, чистење по дома.
Она што заслужува внимание е нивната иницијатива да организираат волонтери и волонтерски активности како иницијатива на здружението и членовите пензионери.
„Ние сме првото здружение во државата со своја програма за волонтерско работење. На доброволен, на еден хуман принцип нашето здружение направи, нашите пензионери, бидејќи поголем дел од младите деца се иселија, заминаа во странство, останаа пензионерите сами дома и нема кој да им помогне. И сега, ако не си помогне пензионер на пензионер, кој кому ќе му помогне. Нема кој. И затоа ние преку комисијата за здравство направивме правилник за волонтерство“, ни рече Стојановски.
Станка Трајкова од СПМ потсетува дека волонтерскиот активизам дојде до израз за време на ковид кризата, а потоа, откако се препознаа придобивките, започнаа активности за афирмација и за развој на доброволните акции на пензионерите за пензионерите.
„Тогаш си помогнаа самите пензионери, а пензионерот знае дека ако тој му помогне на другиот, може да се доведе во ситуација и на него да му треба помош и може да побара да му помогне неговиот другар пензионерот“, истакнува Трајкова за солидарноста меѓу пензионерите.
Духот на солидарност, емпатија и за меѓусебна поддршка најдобро може да се види во самите клубови на пензионерите или на дружбите што по различни поводи и прилики си ги организираат во рамките на нивните здруженија.
Митко Стојановски, претседател на Здружението на пензионерите во Ѓорче Петров, раскажува за бројните и секојдневни активности во сите нивни ограноци во општината Ѓорче Петров.
Од секојденвните дружби во секциите на пензионерите, до меѓуопштинските, регионалните и меѓународните иницијативи кои ги исполнуваат деновите на пензионерите со радост и со акивности.
Пензионерите од Ѓорче Петров на гостувањето во Љубљана, во Словенија, на 1 октомври, на Денот на старите лица, ја воодушевиле тамошната публика и нашите иселеници со играорната о хорската секција на здружението.
Го прашавме Стојановски што ги прави пензионерите од Ѓорче петров толку добри играорци о песнопојци.
„Климата и воздухот, најверојатно. Тука ни се блиску Вардар, Треска, Лепенец, дува некое си ветре и затоа луѓето се среќни и радосни. Во тој сегмент, песната и играта ги растеретува луѓето од секојдневните проблеми. Преку овој испустен вентил ги надминуваат сите свои тешкотии“, открива Стојановски.
Пензионерите од Ѓорче петров на регионални спортски натпревари редовно учествуваат со 30 до 40 членови на друштвото учествуваат во сите дисциплини.
Оваа година во дисциплината шут на кош женските кошаркарски тим на здружението го освоил првото место и златен медал.
Имаат склучено меморандуми за соработка со неколку бањи во државата каде што имаат попуст од 10% до 20%.
Одат на излети со минимална партиципација, а од тие средства се прибираат доволно за една бесплатна екскурзија. Така, некои од нив за прв пат некои од нив беа во Солун.
Станка Трајкова, претседателката на Сојузот на пензионерите вели дека 88.000 пениознери примаат најниска пензија, и прашува зошто да нема субвенции од страна на државата да им се помогне на оние пензионери што не можат со такви пензии да си го платат сместувањето во домовите за стари лица. Во приватните, се разбира, зашто во државните одамна нема место.
Знаете ли кога е изграден последниот државен дом за стари лица? Пред 40 години.
Сите овие прашања се тука за да не потсетат дека ни треба повеќе јавност за прашањата на пензионерите. Да се промовираат темите за пензионерите, да не ги забораваме, зашто тие се тука меѓу нас, а и ние сите еден ден ќе бидеме пензионери.