Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Едукацијата е суштински елемент во борбата со корупцијата, нејзино превенирање и постепено искоренување

Едукацијата за негативните ефекти од корупцијата и за начините за нејзино спречување се суштински елемент во борбата со корупцијата особено за нејзино превенирање и постепено искоренување, истакна вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска на отворањето на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.

Промените, рече таа, почнуваат од нас самите кога ние со свето однесување влијаеме врз потесен круг и средината во која секој ден функционираме, а потоа и пошироко. Притоа посочи дека има воспоставени секојдневни практики кои не се ни перципираат како коруптивни односно луѓето не ги сметаат за корупција. Затоа, рече Грковска, важна е основата и младите од најрана возраст да знаат да ја препознаваат и да се промени свеста кај секој граѓанин. Во таа насока нејзиниот Кабинет ја почнал кампањата „Зависи од тебе и од мене“ која се фокусира на младите, но укажува и дека сите граѓани се дел од промените.

-Интегрирање на антикорупциското образование во програмите во училиштата и универзитетите е исклучително важно и може многу да придонесе за учениците да ги разберат негативните ефекти од корупцијата. Но ако младите не гледаат во пракса дека тие принципи реално се применуваат, ефектот од теоретското знаење ќе биде минорен, порача Грковска.

Укажа дека корупцијата во самиот образовен систем е проблем кој ги саботира шансите за позитивен исчекор во овие заложби, наведувајќи ги како примери подложноста на наставниот кадар од притисоци, нефер постапки и користењето двојни аршини, влијанија и инсистирање за повисока оценка по секоја цена, се до сексуална изнуда на универзитетите како една од најсериозните форми на корупција.

-Токму во училишните клупи почнува таа отпрвин блага толеранција на корупцијата, од ситните измами како што е препишувањето задачи, а подоцна и посериозни активности – бесрамна понуда на социјалните мрежи за подготовка на дипломски и магистерски студии за одредена сума. Тоа директно го поткопува квалитетот на образованието и оди во прилог на широкоприфатеното мислење дека важно е да е снајдеш, а не се важни методите, рече Грковска.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека справувањето со корупцијата почнува од базата, а тоа е образованието, но дека тоа не е единствен сегмент во општеството во кое треба да се работи за искоренување на овој феномен.

-Има консензус дека кај децата од најрана возраст треба да се поттикнуваат ставови за нетолерантност кон корупцијата и да се развиваат вештини кои ќе им помогнат успешно да се справуваат со притисоци кога ќе се соочат со коруптивни акти, рече Шаќири.

Додаде дека во таа насока МОН го подигнува квалитетот на Граѓанското образование и во негови рамки антикорупциското образование кое се учи и во воннаставни активности. Како пример го наведе и начинот како се одбележуваат празници и подароците што им се даваат на наставниците, како што е 8 Март.

-И јас кога сум бил ученик сме давале подароци за наставниците. Оттука треба да почнеме заедно да се менуваме, порача Шаќири.

Според Џовани Гало, шеф на секцијата на одделението за борба против корупцијата и економскиот криминал во Канцеларијата на Обединетите нации за борба со корупцијата, напорите и успехот може да почнат, но нема да завршат со институционален пристап.

-Треба да се променат погледи, норми и однесувања. Сметаме дека образованието е најважен инструмент за да се промовира културата на отпорност кон корупцијата и во сите сфери на образованието да се поддржат сите концепти и вредности на борбата со корупцијата и да се постави интегритет, рече Гало.

Посочи дека според УНЕСКО, повеќе од илјада академици од многу универзитети низ светот се вклучиле во иницијативата од 2021 година која се бори против корупцијата во образованието.

-Подготвени сме да ги понудиме нашите експертизи и да видиме кои алатки може да ги користиме и да ги слушнеме вашите потреби и постигнувања, да ги најдеме приоритетите и да ги унапредиме начините за борба со корупцијата, рече претставникот на ОН.

Владимир Георгиев, член на Антикорупциската комисија, на отворањето на тркалезната маса истакна дека образованието е најспецифичен сектор кога е во прашање корупцијата и дека треба паралелно да се работи – да се намалува корупцијата во образованието и да се воведуваат антикорупциски содржини во наставните програми.

-Ако ние сакаме образованието да го искористиме како алатка за борба против корупцијата, самите наставници/професори треба да бидат луѓе со интегритет и отпорни на корупција, рече Георгиев.

Посочи и дека претставници на ДКСК се во билатералните скрининзи од сите поглавја кои треба да се исполнат на патот на членството во ЕУ, меѓу кои се и поглавјата за наука и образование.

-На тие состаноци Европската комисија инсистира да се утврдат ризици од корупција поединечно од секое поглавје. Ние како членови на Антикорупциска комисија учествуваме на тие состаноци и дополнително откриваме ризици кои може соодветно да се адресираат се со цел да се намалат ризиците во тие поединечни поглавја вклучувајќи го и образованието, додаде Георгиев. (МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново