Струга и околните населени места повторно се гушат во чад и смрдеа. Наместо свеж воздух од Дрим и Охридското Езеро, граѓаните дишат депонија која со години труе илјадници жители.
Наместо на периферија, депонијата речиси е во самиот центар на градот. Секојдневно таму се фрла отпад од цела Струга и околината, а кога ќе се запали чадот и тешкиот мирис се чувствуваат на километри далеку. Никој од надлежните со години не понуди ниту конкретно решение, ниту мерка – ниту дислокација, ниту барем систем за контролирано депонирање.
Град на вода – без капка вода
Иронијата е уште поголема: градот кој живее на вода, денес цел ден остана без вода. На високи температури, жителите на Струга, но и околните села како Враништа, беа принудени да се снаоѓаат како знаат. Од ЈП „Водовод“ – ниту јавна информација, ниту одговор на телефонските повици. Се шпекулира за дефект, но официјални објаснувања нема.
Еколошка бомба што тивко чука
Ова не е изолиран проблем само на Струга. Слична е ситуацијата и со несоодветната депонија во Буково кај Охрид, каде секојдневно се фрлаат околу 90 тони отпад. Регион богaт со подземни води, извори и пасишта веќе со децении е труен. Кога депонијата ќе се запали, чадот и смрдеата се шират по целата Охридско-Преспанска област. Почвата и земјоделските површини одамна се загадени, велат од СОС Охрид.
Граѓаните како заложници
Депониите одамна престанаа да бидат само „градски проблем“ – тие станаа најголемите загадувачи во земјава. Скопје со „Дрисла“, Тетово со „Русино“, Охрид со „Буково“, Струга со својата диво-црна точка – сите сведочат дека институциите или не сакаат, или не знаат да понудат одржливо решение.
А граѓаните остануваат заложници – едни без воздух, други без вода, а сите заедно без одговори.