Ексклузивно интервју со Ласло Андор: Унгарија утре бира а демократијата е на тест, за Балканот меѓу проширувањето и влијанијата

Ласло Андор е унгарски економист, поранешен еврокомесар за вработување, социјални прашања и инклузија во Европската комисија од 2010 до 2014 година, а денес е генерален секретар на Фондацијата за европски прогресивни студии (FEPS). Во пресрет на парламентарните избори во Унгарија, неговите оценки се важни не само поради тоа што доаѓаат од поранешен висок европски функционер, туку и затоа што станува збор за соговорник кој добро ја познава состојбата во Унгарија, односите со Европската унија, како и пошироките политички врски во регионот.

Во ексклузивно интервју за Рацин.мк, за состојбите пред изборите во Унгарија, за владеењето на правото, односот кон малцинствата, европската перспектива на Западен Балкан и допирните точки меѓу Будимпешта, Белград и Скопје, Андор зборува за драматичниот политички момент во неговата земја, за слабеењето на плурализмот, за можните последици од изборниот исход, но и за тоа како Европската унија треба да ја сочува својата кредибилност и внатре во Унијата и кон земјите кандидати.

За Рацин.мк, разговараше Леон БАКРАЧЕСКИ

Во продолжение интервјуто го објавуваме во целост, со превод на македонски јазик, без интервенции во прашањата и одговорите:

Унгарија е на неколку дена од парламентарни избори кои многумина ги гледаат како тест за системот, а не само како редовна промена на власта. Според вас, што навистина е на гласачкото ливче сега: ротација на власта или иднината на унгарската демократија?

Ова е популистички момент во унгарската политика. Сосема нова политичка партија, која влезе на сцената пред само две години, води во анкетите без конкретна програма или владино искуство. Во меѓувреме, веројатно ќе имаме парламент без ниту една прогресивна сила. Тоа е навистина драматична ситуација и оддалечување од европскиот модел во кој главните конкурентски сили се центар-левицата и центар-десницата. Денес во Унгарија главната конкуренција е меѓу центар-десницата и крајната десница, а ќе го имаме и најмалку плуралистичкиот парламент од 1990 година.

По години притисок од ЕУ, замрзнати фондови и процедури за владеење на правото, што го гледате како најефикасен механизам преку кој системот на Орбан сè уште ја зачувува политичката контрола: судовите, медиумската сфера, клиентелизмот, изборниот закон или стравот?

Орбан ја искористи својата политичка моќ за да изгради економска моќ, а и културна хегемонија. Освен тоа, тој изгради и држава во сенка: државните тела што би требало да ја контролираат извршната власт се исполнети со лојалисти на Орбан. Најкритично ќе биде како оваа мрежа ќе функционира ако дојде до промена на власта по изборите на 12 април.

Ако Орбан ги загуби изборите, колкав дел од унгарската држава и следното утро ќе остане политички заробен, и кои институции прво би ги следеле поради можни опструкции или саботажи?

Можеме да зборуваме за шефот на државата, односно претседателот, уставниот суд, државниот обвинител, врховниот судија, медиумскиот совет, фискалниот совет, канцеларијата за конкуренција, заводот за ревизија како тела или институции што може да му го отежнат животот на една нова влада, потенцијално предводена од Петер Маѓар. Од друга страна, во последните недели видовме и одредени трендови на дезинтеграција во администрацијата, на пример несогласувања во полицијата и армијата, што сигнализира дека дел од овие пречки би можеле да омекнат.

Претходно тврдевте дека социјалдемократијата не може да одговори на крајната десница само со технократија. Дали демократската опозиција во Унгарија конечно научи како да зборува за социјалната болка, или и натаму главно реагира на теренот што го постави Орбан?

Опозициските сили во Унгарија беа апсорбирани од партијата Тиса под водство на лидер кој се одвои од Фидес пред нешто повеќе од две години. Заклучокот е дека опозицијата не ги извлече доволно брзо поуките и беше заменета со политичка партија што е „Фидес лајт“.

Ако Тиса и Петер Маѓар победат, колку далеку очекувате да се помести надворешната политика на Унгарија, особено кога станува збор за Украина, односите со Брисел и позицијата на Унгарија во рамки на ЕУ?

Главното, а можеби и единственото конкретно ветување на Петер Маѓар е дека ќе го обнови приливот на европски средства. Поради тоа, граѓаните очекуваат економската состојба значително да се подобри. Поради оваа нужност, Маѓар би морал да се усогласи со сите услови за европските фондови, што значи дека по повеќето прашања тој би бил јасно проевропски. Тоа, сепак, не значи дека би прифатиле сè што ќе каже Европската комисија. На пример, во надворешната политика постојат ограничени надлежности на ЕУ, а земјите членки можат да имаат многу различни ставови. Маѓар сигурно би ги искористил националните надлежности за сè што го смета за национален интерес. Конкретно за Украина, верувам дека Маѓар го почитува кандидатскиот статус, но без да поддржува некаква хипотетичка забрзана постапка.

Кога ги гледате односите меѓу Орбан, Вучиќ и актерите околу ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, дали гледате идеолошки сојуз, оперативна политичка мрежа или трансакциска размена на заштита, медиумски наративи и институционално знаење?

Орбан гради регионална мрежа со луѓе како Вучиќ, Јанша и други. Тоа е делумно трансакциско, делумно идеолошко. Повеќето од овие ликови поминаа долг пат, па дури и цик-цак движења во своите политички животи, па затоа економскиот, односно бизнис-интересот, веројатно е доминантниот фактор тука, повеќе отколку идеологијата, која може и дополнително да се усвои.

Вие сте поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Може ли проширувањето и натаму да биде кредибилно ако една земја членка реторички го поддржува пристапувањето, а истовремено помага да се нормализира демократското назадување во регионот?

Интегритетот на политиката на проширување на ЕУ беше поткопан од неосновани ветувања и други недоследности. Имаше иницијатива полна со надеж пред 15 до 20 години да се дефинира и соседска политика, но под Урсула фон дер Лајен тоа беше елиминирано и таа почна да се преправа дека политиката на проширување нема граници. Тоа очигледно не е точно, а политиката на проширување не успева да испорача ни таму каде што би можела, доколку политичките напори се подобро концентрирани. Според мене, ЕУ треба недвосмислено да разјасни дека Копенхашките критериуми се на сила и, доколку демократските критериуми не се исполнети, разговорите за проширување не започнуваат или можат да останат заглавени.

Конкретно за Северна Македонија: ако Скопје вели дека ја сака ЕУ, но го одбива уставниот чекор за бугарското малцинство, додека Будимпешта негува односи со националистички актери таму, што треба Брисел да престане да толерира, а што треба појасно да почне да бара од двете страни?

Малцинствата се важни. Сепак, ЕУ и нејзините земји членки треба да го почитуваат она што е прашање на национален суверенитет. Ако мене ме прашувате, дел од националниот суверенитет е една држава самата да си го избере името. Во однос на улогата на унгарската влада и нејзиното влијание, очигледно е дека зачувувањето на демократските стандарди и владеењето на правото е клучно за ЕУ ако сака да ја задржи својата кредибилност пред земјите кандидати. Проширувањето е стратешка можност, но бидејќи членството во ЕУ практично е засекогаш, важно е кандидатите да се приближат до бараните стандарди пред пристапувањето, а да постојат и институционални сопирачки за назадување.

Како генерален секретар на FEPS, која е една конкретна иновација што најсилно сакате да ја поттикнете во следните години – не само уште еден труд или дебата, туку нешто што може материјално да ја зајакне демократијата, социјалната отпорност и европскиот капацитет да одговори на авторитарната политика?

Приоритетите на нашата организација ги поставува избраното раководство. Од јануари Никола Шмит е наш претседател, а имаме и тројца потпретседатели. Тие имаат право да ги дефинираат среднорочните и долгорочните приоритети на FEPS и да ги артикулираат во медиумите.

FEPS, исто така, ги поврзува политиката со научници, истражувачи и помлади академици. Во време кога експертските гласови често се напаѓани или игнорирани, што треба да прават институции како FEPS за академската заедница да биде поприсутна во јавната дебата и повлијателна во креирањето политики?

FEPS има добра пракса да вклучува академски експерти и активисти во дебатата и развојот на политики на ниво на ЕУ. Ова помага политиките да бидат кохерентни и засновани на докази. Нашата улога е да го собереме академскиот инпут, да го организираме и да го претставиме на начин што му помага на процесот на креирање политики. Дел од нашата работа е и да ги објаснуваме политиките на ЕУ на експертската заедница. Значи, ние олеснуваме дијалог од кој корист имаат сите страни. Сепак, не треба да имаме илузии дека академскиот глас може да биде пресуден во процесот на креирање политики. Креаторите на политики мора да бидат добро информирани, но крајната одговорност за одлуките е нивна, и затоа треба да прифатиме дека во демократски услови улогата на избраните политичари е пресудна.

Зачлени се на нашиот е-билтен