Вкупно 140 здравствени и еколошки експерти, меѓу кои лекари, научници и активисти за заштита на животната средина, упатија отворено писмо до властите во Брисел со кое бараат од нив „да заземат построг став во однос на загадувањето на воздухот во градот“.
– Секоја година повеќе од 900 жители на Брисел умираат предвреме како последица на лошиот квалитет на воздухот. Ова претставува повеќе од два смртни случаи дневно и над 10 отсто од сите смртни случаи во градот, се наведува во писмото упатено во пресрет на регионалните избори на 9 јуни и локалните избори предвидени за во октомври.
Експертите посочуваат дека Брисел е еден од најзагадените градови во Европа, нагласувајќи дека според Институтот за глобално здравје (ИС Глобал), белгискиот главен град е на осмото место меѓу над 800 европски градови според нивото на азот диоксид во воздухот.
Тие наведуваат дека во Брисел концентрациите на фини честички ПM2,5 се два пати, а на азот диоксид пет пати повисоки од препораките на Светската здравствена организација (СЗО).
– Загадувањето на воздухот е поврзано со зголемен ризик од кардиоваскуларни болести, мозочни удари и деменција, како и одредени видови на дијабетес и рак, се додава во писмото.
Според експертите, на најголем ризик од здравствени компликации како резултат на загадениот воздух се изложени најранливите категории граѓани во општеството, пред се децата.
– Децата, на пример, се особено ранливи на аерозагадувањето, бидејќи нивниот метаболизам се уште се развива, затоа што дишат побрзо и поради нивната висини се поблиску до изворите на загадување, како што се издувните гасови од автомобилите. Со тоа, борбата против загадениот воздух помага да се заштити здравјето на најмалите деца, посочуваат авторите на писмото.
Тие наведуваат и дека загадувањето на воздухот има поголемо негативно влијание врз домаќинствата со пониски приходи, бидејќи постои поголема веројатност дека тие живеат во населби кои се позагадени, што придонесува за значително намалување на животниот век.
– Овие луѓе често имаат ограничен пристапот до зелени површини, спортски активности и здравата и се прави малку или ништо за да се неутрализираат штетните ефекти на загадувачите врз нивното здравје, наведуваат експертите, додавајќи дека покрај ризикот по здравјето на луѓето, загадувањето на воздухот исто така резултира и со зголемен одлив на финансиски средства.
Според нив, дури ниту плановите на ЕУ за построги стандарди за квалитетот на воздухот нема да придонесат и нема да бидат доволни за адекватна заштита на здравјето на жителите на градовите согласно препораките на СЗО, па затоа властите мора да преземат дополнителни мерки за справување со загадувањето.
Отвореното писмо доаѓа откако најголемата партија во Парламент на Регионот Брисел и во регионалната Влада, франкофонската Социјалистичка партија (ПС) го поддржа предлогот на коалицискиот партнер, либералната партија Независни федерални демократи (ДЕФИ) за делумно ублажување на мерките против загадувањето на воздухот, со одлагање на забраната за Евро-5 возилата во Брисел.