Европскиот парламент (ЕП) усвои резолуција за растечката поларизација и репресија во Србија, една година по уривањето на кровот на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Уривањето предизвика невидени протести низ целата земја.
Резолуцијата, исто така, потсетува на извештаите за прекумерна употреба на сила против демонстрантите, употреба на звучно оружје и наводите за нелегално прислушување и емитување на приватни разговори на активисти и студенти.
ЕП „остро го осудува бранот на насилство спонзорирано од државата, закани и апсења на мирни демонстранти, новинари и опозициски личности“ и ги повикува властите да ја гарантираат слободата на медиумите и да ги прекинат кампањите за клевета против судиите, обвинителите и академиците кои ги поддржуваат протестите.
Документот нагласува дека истрагата за трагедијата сè уште не е завршена и повикува на „целосно и транспарентно спроведување на постапката“ и за гонење на одговорните. ЕП е загрижен за растечкото влијание на Кина во Србија, особено преку инфраструктурни проекти, кои често се спроведуваат надвор од рамките на Законот за јавни набавки и без доволна транспарентност. Исто така, потсетува дека во март 2025 година, Канцеларијата на европскиот јавен обвинител (ЕЈО) отвори истрага за можна злоупотреба на европски средства за време на реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад.
Во резолуцијата се наведува дека од февруари до крајот на септември 2025 година, повеќе од 10.000 протести се одржале на повеќе од 630 локации во Србија, вклучувајќи го и „најголемиот граѓански собир во модерната историја на земјата“. ЕП подвлекува дека го поддржува правото на студентите и граѓаните на мирен протест и дека студентите се номинирани за наградата Сахаров за слобода на мислата.
Изразувајќи поддршка за дијалогот и реформите, ЕП оценува дека ситуацијата во Србија останува „напната и поларизирана“, што, како што е наведено, е резултат на говор на омраза, кампањи за клевета и антиевропска пропаганда во провладините медиуми и од страна на државните функционери.
Во резолуцијата се споменува и наведува дека српската влада преговарала со сопствениците на „Јунајтед Медиа“, во која е вклучена и Н1 ТВ, со цел „слабеење на овој медиумски канал“, што, доколку се потврди, би претставувало „сериозен напад врз веќе загрозениот медиумски плурализам“.