АД ЕСМ соопшти дека истата храна што ја консумирале дел од вработените во РЕК Битола ја јаделе и работници од секторот „Термо“, кај кои, според компанијата, не се појавиле никакви симптоми. Соопштението доаѓа откако во изминатите два дена десетици вработени побараа лекарска помош поради здравствени тегоби.
Од компанијата наведуваат дека веднаш по појавата на првите симптоми, лицата кои се пожалиле на труење биле упатени на прегледи и анализи во Клиничката болница во Битола. Според досегашните информации што ги изнесе ЕСМ, на преглед се јавиле вкупно 81 лице, при што најголемиот дел биле со лесна клиничка слика и биле пуштени на домашно лекување.
Во меѓувреме, мензата е превентивно затворена до целосно завршување на анализите. ЕСМ соопшти дека инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, заедно со Центарот за јавно здравје Битола, Институтот за јавно здравје и Државниот санитарен и здравствен инспекторат, спровеле вонреден надзор во кујната на операторот што вршел снабдување со храна за РЕК Битола. Земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, како и од вработени лица затекнати во кујната.
Според соопштението, наредено е и вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата, како и санитарни прегледи за сите вработени. Од ЕСМ апелираат да не се шпекулира додека не завршат лабораториските испитувања и надлежните институции не ја утврдат причината за случајот.