ЕУ го пеплоса планот на Мицкоски за членство на Македонија

Мицкоски

Идејата Македонија да „влезе“ во Европската Унија во 2027 година без право на глас – како вид получленство врзано со мировниот пакет за Украина – доживеа ладен туш во Брисел. Во момент кога премиерот ја претставуваше како опција што „се слуша“ во европските кругови, амбасадорите на земјите членки ја исекоа токму таа логика: членство со ограничени привилегии и ограничено учество во одлучувањето беше „насилно отфрлено“ на ниво на постојаните претставници.

Тезата што Владата ја продаваше дома е политички едноставна: брза лента за Украина не смее да биде неправедна кон Западен Балкан, па ако се „забрзува“ Киев, треба пакет-решение во кое Македонија, Албанија и Црна Гора би седнале на европската маса уште на почетокот на 2027 година, но без право на глас – учество во Советот, комисиите и телата, со внатрешни контролни механизми.

Ова сценарио не беше само дипломатска шпекулација; беше и домашна политичка алатка. Таа треба да ја замени тврдината на уставните измени со наратив дека постои „трет пат“: членство без да се прифати логиката „сменете Устав и никој ништо не ви гарантира“. Токму таков став беше пласиран и порано – дека постојат „10 идеи“ за европски исчекор и дека „само уставни измени“ не се план.

Но Брисел во меѓувреме покажува дека не сака нова категорија членки „од втор ред“. Одбивањето на концептот на „обратно проширување“ практично го урива мостот по кој Мицкоски се обидуваше да ја префрли македонската јавност од реалноста на Францускиот предлог кон „получленство“ што би ја заобиколило најболната точка – уставните измени и внатрешните политички ризици.

Политичката логика на ЕУ зад ова е сурова, но јасна: проширувањето денес се гледа низ стравот од „Унгарија 2.0“ – нови членки кои подоцна назадуваат во владеење на правото и ја држат Унијата како заложник преку вето и блокади. Затоа Комисијата паралелно турка заштитни механизми во пристапните договори, а членките – особено највлијателните – се сè порезервирани кон импровизации што би го релативизирале критериумот „реформи па членство“.

Во македонски контекст, ова значи дека „планот Брисел ќе нè внесе без глас“ тешко може да преживее како кредибилна патека. Ако моделот е политички неприфатлив за амбасадорите на ЕУ, тогаш остануваат две варијанти: класичната методологија со уставни измени и преговори, или продолжување на статус-кво со уште подолга временска линија и уште поголем ризик од нови условувања.

Ова „пеплосување“ има и домашна последица: кога лидер гради надеж врз прозорец „2027“, а Брисел го затвора прозорецот на ниво на постојаните претставници, тогаш смирувачката реторика лесно се претвора во бумеранг. Пораката што се испраќа е дека европската математика не се решава со креативни формули за статус, туку со класични услови – а токму тие услови се политички најтешки за спроведување дома.

Зачлени се на нашиот е-билтен