ЕУ: Никаков напредок во правосудството и зголемена корупција

Европската комисија во Извештајот за 2025 (објавен на 4 ноември) нотира дека Македонија „нема напредок“ во правосудството и „нема напредок“ во превенцијата и борбата против корупцијата – оценка што ја потврди и евроамбасадорот Михалис Рокас, велејќи дека ова е трета година по ред без значителен исчекор.

Клучната дијагноза на Брисел е политичкиот притисок врз правосудните институции. Комисијата забележува изјави на високи носители на функции што создаваат недозволено влијание, претрес во простории на Судскиот совет во декември и интерпелации против членови на Советот поради наводно непрофесионално работење – потези што го еродираат јавниот кредит на судството. Перцепцијата за независност и натаму е ниска, а довербата – „многу ниска“.

Во кадровскиот и институционален дел, Судскиот совет ги заврши поголемиот дел од унапредувањата, но изборот за претседател на Врховниот суд отвори дилеми: не биле дадени убедливи аргументи зошто избраниот е подобар од конкурентот. Регрутирањата во Граѓанскиот отсек на Апелација Скопје отстапиле од рангирањето. Во обвинителството, Венецијанската комисија бара доработки на законите и јасни дисциплински правила, автоматска распределба на предмети и посилна автономија.

Во борбата против корупцијата, извештајот регистрира системска ранливост. Трагедијата во Кочани на 16 март 2025 година, со 62 загинати, ја оголи слабата примена на антикорупциските правила; високопрофилните случаи често се одолговлекуваат, застапуваат или завршуваат со минимални казни. Дополнително, обвинението против тогашната претседателка на ДКСК и нејзината оставка го нарушија кредибилитетот на институцијата, која треба поактивно да проверува имотни листови и финансирање на кампањи.

Рецептот на ЕК за 2026 е конкретен: нов Закон за парнична постапка и забрзана реформа на судството; зајакнат Судски совет со ревидиран закон и вистинска транспарентност; целосно функционален АССМИС (судски ИТ-систем) усогласен со сложеноста на предметите; нов Кривичен законик по ЕУ-стандарди; подобра евиденција со конечни пресуди и конфискација на имот во висока корупција; нова стратегија за антикорупција 2026–2030; и доволно човечки и финансиски ресурси за ОЈО, ОЈО за ГОКК и ДКСК.

На политичката сцена, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува целосно посветена на европскиот пат и ќе постави „конкретни мерки, јасни рокови и отчетност“ во областите со застој. Но предупредувањето на Рокас – дека правосудството и антикорупцијата по трет пат се без напредок – ги става реформите во режим на итност. Од позајавени ветувања, земјата ќе биде мерена по резултати: независни совети, транспарентни и меритократски избори и унапредувања, нов законски пакет и завршени предмети со конфискација.


Следете го нашиот блог со сите најнови текстови на тема извештајот на ЕУ за Македонија на овој ЛИНК

Зачлени се на нашиот е-билтен