ЕУ обезбеди 90 милијарди евра за Украина

Украина ќе ги врати парите само ако Русија ѝ плати воена отштета, а доколку одбие, ЕУ ќе разгледа конфискација на замрзнатите средства на Русија.

Членките на Европската Унија денес постигнаа договор за обезбедување 90 милијарди евра за Украина, за да може Киев да го покрие дефицитот во буџетот и да купи оружје, објави кипарското претседателство со Советот на ЕУ.

Без тие пари, Украина ќе останеше без готовина од април и повеќе немаше да може да ги исполнува своите буџетски обврски или да купува оружје.

Сепак, законодавците на ЕУ сè уште треба да решат некои проблеми, како што е договор за условите што Украина мора да ги исполни за да добие пари, пред Брисел да почне да собира пари на глобалниот пазар, чие враќање го гарантира седумгодишниот буџет на ЕУ, објавува Политико.

Договорено е 30 милијарди да бидат наменети за буџетот, а 60 за вооружување. а спорна точка меѓу членките на ЕУ беше како Украина ќе може да ги потроши парите и кој ќе има корист од нив.

Франција инсистираше Украина да се обврзе да потроши што е можно повеќе пари за вооружување што ќе го купува од домашната индустрија во ЕУ, со образложение дека европските даночни обврзници ќе плаќаат три милијарди евра годишно за покривање на каматата на заемот, додека Германија, Холандија и скандинавските земји инсистираа на тоа да ѝ се даде флексибилност на Украина.

Нацрт-договорот, на кој се повикува Политико, ќе ѝ овозможи на Украина да го купува најважното оружје од трети земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, доколку тоа не е достапно во ЕУ или кога има итна потреба. ЕУ ќе ги надгледува тие трансакции.

Доколку Велика Британија или други трети земји, како што е Јужна Кореја, кои потпишаа безбедносни договори со ЕУ, сакаат да учествуваат во набавката што го надминуваат тој износ, ќе мора финансиски да ја покријат каматата на заемот.

Канада, која веќе има договор за учество во специјалната шема на ЕУ за заем за оружје SAFE од 150 милијарди евра, нема да мора да плаќа дополнително за учество во програмата за Украина, но ќе мора детално да ги објасни производите што Киев би можел да ги набави.

По овој договор, Европскиот парламент мора да ги испита промените направени од Советот во законскиот текст пред да го одобри. Доколку сè оди добро, оваа година Киев ќе добие 45 милијарди евра од ЕУ во транши, а преостанатите 45 милијарди во 2027 година.

Украина ќе ги врати парите само ако Русија ѝ плати воена отштета, а доколку одбие, ЕУ ќе разгледа конфискација на замрзнатите средства на Русија.

Европските пари нема да ги покријат вкупните финансиски потреби на Киев, дури ни со заемот од осум милијарди долари, што се очекува од Меѓународниот монетарен фонд.

Според проценките на ММФ, на Киев ќе му бидат потребни најмалку 135 милијарди евра за да ги одржи своите воени и буџетски потреби оваа и следната година.

Според договорот, Унгарија, Словачка и Чешка ќе бидат целосно ослободени од сите финансиски обврски, вклучително и годишните плаќања на камата.

Зачлени се на нашиот е-билтен