Повеќе од половина од граѓаните на Европската Унија (56 отсто) ја поддржуваат идејата за проширување на Унијата, покажуваат најновите податоци од Евробарометар.
Најголема поддршка е забележана во Шведска (79%), Данска (75%) и Литванија (74%), додека најмала поддршка има во Австрија (45%), Чешка (43%) и Франција (43%).
Младите Европејци се најголеми поддржувачи – 67% од испитаниците на возраст меѓу 15 и 24 години ја поддржуваат идејата за прием на нови членки, а кај групата од 25 до 39 години тој процент е 63.
– Поддршката доаѓа најмногу од младите и образованите граѓани, што не е изненадување – тоа се луѓе кои се поотворени и имаат разбирање за такви иницијативи, изјави Корина Стратулат, заменик-директор на Европскиот политички центар.
Истражувањето покажува дека 37 отсто од граѓаните веруваат дека проширувањето ќе го зајакне влијанието на ЕУ во светот, исто толку сметаат дека тоа ќе го зајакне европскиот пазар, а 30 проценти очекуваат поголема солидарност меѓу земјите членки.
Меѓутоа, 40 отсто од анкетираните изразуваат загриженост поради можноста од неконтролирана миграција, 39 отсто поради ризици од корупција и криминал, а 37 проценти поради дополнителни трошоци за даночните обврзници.
Според Евробарометар, 44 отсто од граѓаните сметаат дека проширувањето мора да биде проследено со мерки за владеење на правото и борба против корупцијата, а 38% бараат земјите кандидати да преземат јасни обврски за спроведување европски реформи.
– Би било добро политичарите да го искористат овој бран јавна поддршка за да бидат поамбициозни и да ги забрзаат подготовките за прием на нови членки, нагласи Стратулат.
