Европска комисија бара од МЕТА да промени две функции на Фејсбук и Инстагра, еве кои

Промени на Фејсбук и Инстаграм би можеле да следуваат откако Европската комисија на 10 јули прелиминарно оцени дека компанијата „Мета“ го прекршува Законот за дигитални услуги со дизајн што поттикнува зависничко и неконтролирано користење на двете социјални мрежи.

Во центарот на истрагата се бесконечното прелистување на содржините и автоматското пуштање видеа. Европската комисија смета дека овие функции постојано им прикажуваат нова содржина на корисниците, без природна точка за запирање или свесна одлука дали сакаат да продолжат.

Од „Мета“ може да биде побарано бесконечното прелистување и автоматската репродукција да не бидат однапред активирани. Меѓу можните промени е и воведување ефективни паузи кои ќе го прекинуваат долгото користење на екранот.

Истрагата ги опфаќа и известувањата што пристигнуваат на телефоните, како и високо персонализираните системи за препораки. Овие механизми се создадени да го задржат вниманието и да го продолжат времето што корисниците го поминуваат на платформите.

Европската комисија оцени дека компанијата не ги проценила соодветно ризиците за физичката и менталната благосостојба на корисниците, особено на малолетниците и ранливите возрасни лица. Под сомнение се и постојните алатки за ограничување на времето поминато на платформите, бидејќи корисниците можат лесно да ги исклучат.

Родителскиот надзор, според наодите од истрагата, не обезбедува доволна заштита доколку родителите немаат техничко знаење или време детално да ги следат поставките и активностите на своите деца.

Станува збор за прелиминарен став, поради што „Мета“ има право да ги разгледа документите и писмено да одговори на наодите. Доколку прекршувањата бидат конечни потврдени, компанијата може да се соочи со казна до шест проценти од нејзиниот глобален годишен приход.

Најчитано