Европскиот парламент ја повика ЕУ да им се спротивстави на авторитарните режими што ги замолчуваат критичарите и дисидентите

Со 512 гласа „за“, ЕП усвои извештај со кој бара од Унијата да го спречи ширењето на транснационалната репресија и злоупотребата на технологијата за контрола и заплашување

Европскиот парламент денеска ја повика Европската унија да преземе поцврсти мерки против авторитарните режими кои ги следат, контролираат или уценуваат своите политички противници и критичари надвор од сопствените граници.

Во извештајот што беше усвоен со 512 гласа „за“ и 76 „против“, европратениците нагласуваат дека бранителите на човековите права се клучен столб на демократијата и владеењето на правото, но дека во моментот се недоволно заштитени.

Ова е првпат Европскиот парламент да усвои детална дефиниција на транснационална репресија – форма на државна контрола и заплашување што се спроведува преку граници, против активисти, новинари и припадници на дијаспората.

Десет земји – најголеми извршители на репресија

Според европратениците, за 80% од сите познати случаи на ваква репресија се одговорни десет земји:
Кина, Турција, Таџикистан, Русија, Египет, Камбоџа, Туркменистан, Узбекистан, Иран и Белорусија.

Во извештајот се наведува дека во последната деценија се регистрирани повеќе од 1.200 физички инциденти во 103 држави, вклучувајќи убиства, киднапирања, присилни враќања и исчезнувања.

Репресијата не е само физичка

Европратениците предупредуваат дека авторитарните режими користат и „нефизички“ методи – дигитален надзор, заплашување преку интернет, уцени и закани кон семејствата на критичарите.
Сè почесто се злоупотребуваат технологии како вештачка интелигенција и шпионски софтвери, кои стануваат клучен инструмент за глобална контрола.

Во документот се споменува и злоупотребата на правните механизми, како што се Интерполовите црвени потерници, лажни обвиненија за тероризам, или манипулации со екстрадиции и дипломатски притисоци преку конзулати.

ЕУ да воведе санкции и контрола на извозот

Европскиот парламент бара ЕУ и земјите членки да воведат клауза за следење на човековите права во сите договори со трети земји, како и забрана за извоз на шпионски софтвер и технологија со двојна намена во држави што се прогласени за виновни за транснационална репресија.

Посебно се бара да се воведат целни санкции преку Глобалниот режим на ЕУ за санкции за човекови права.

„Време е Европа да стане безбедно прибежиште“

Известувачката на Европскиот парламент, Клое Ридел, изјави дека Европа мора да остане безбедно прибежиште за сите што се борат за слобода и демократија.

„Физички закани, труења, шпионски софтвери, онлајн вознемирување, одземање пасоши… авторитарните режими ги следат своите противници дури и на европска територија.
Досега тоа го дозволувавме. Време е да ставиме крај,“ изјави Ридел.

Зачлени се на нашиот е-билтен