Европските аеродроми стравуваат од летен удар

Европските аеродроми влегуваат во чувствителен период пред летната сезона, откако аеродромската индустрија предупреди дека Европската унија би можела да се соочи со системски недостиг на авионско гориво во рок од три недели ако не се стабилизира протокот низ Ормускиот теснец. Предупредувањето доаѓа во момент кога Брисел е повикан итно да направи мапирање на залихите, можните алтернативни извори и ризиците за внатрешното снабдување низ ЕУ.

Проблемот не е само во можен недостиг, туку и во ценовниот удар што веќе се чувствува низ секторот. Според податоците што ги следи ИАТА, глобалната просечна цена на авионското гориво минатата недела пораснала за 7,1 отсто и достигнала 209 долари за барел, додека Ројтерс објави дека во последните недели цените во Европа се движеле меѓу 150 и 200 долари за барел, повеќе од двојно над претходните нивоа.

Првите сигнали дека кризата не е само теоретска веќе се појавија во Италија. На аеродромите во Линате, Венеција, Тревизо и Болоња минатата недела имаше привремен проблем со ограничена достапност на гориво, иако летовите не беа откажани бидејќи интервенираа алтернативни добавувачи. Овој случај покажа колку брзо прекин во снабдувањето може да се прелее врз европскиот воздушен сообраќај.

Дополнителен притисок создава и зависноста на Европа од Блискиот Исток, бидејќи повеќе од половина од увезеното авионско гориво лани дошло токму од тој регион. Во вакви околности, секое подолго нарушување на испораките може да значи поскапи билети, намалување на капацитетите и нови турбуленции во период кога европскиот туризам и авиосообраќајот треба да влезат во најсилниот дел од годината.

Зачлени се на нашиот е-билтен