Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН (2): Аферата Мис Стон – инспирација за илустрациите во американскиот печат и за првиот македонски филмски спектакл

Кога ИТ експертот Влатко Милошевски започнал да го создава „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“ во виртуелна форма како интернет-сајт, а подоцна и како печатено издание во форма на монографија, тоа било плод на неговиот обид да ги собере сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми, во временска отсечка од еден век.

Неговата методологија подразбира дека уметничкото дело е оригинална креација во маслена техника, акварел, цртеж или илустрација со молив, графит, мастило, туш, гваш или пастел, уметничка фотографија, графика од типот на гравура, бакрорез, дрворез, гравура врз линолеум, сува игла, литографија, скулптура…

Трагајќи по странските сликари кои престојувале или ја посетиле Македонија како географски регион и комуницирале со македонските етникуми – сите етнички групи кои живееле во посочениот период,  етнички Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бугари, Грци, Муслимани од нетурско потекло, Евреи и други – креаторот на Лексиконот создава вистинска галерија на епоха и автори.

Рацин.мк во неколку продолженија ќе приопшти дел од приказните во таа богата галерија на слики, автори, инспирации и судбини, со редакциска опрема на текстот и фотографиите.

Филмот „Мис Стон“ – првиот македонски спектакл во боја

1958 година e историска година за македонската кинематографија. „Мис Стон“ е првиот македонски и југословенски филм во боја, снимен со, за тогашни услови, напредната оптичка технологија „Тоталскоп“. Филмот ја раскажува приказната на скоро заборавената „Ударна вест“ од самиот почеток на XX-тиот век: во септември 1901 година, американската методистичка мисионерка Елен Марија Стон и нејзината бремена придружничка, г-ѓа Катерина Цилка се грабнати во Отоманска Македонија од бунтовничката група на Јане Сандански и ослободени (заедно со новороденчето) во февруари 1902 година, откако била платена откупнина од 14.000 турски златни лири. Филмот се фокусира на спонтаното креирање на врска меѓу киднаперите и киднапираните (што е првиот случај на Стокхолмски синдром во модерно време), откако киднапираните дами сведочат на серија злосторства извршени од страна на Османлиите и серија херојства од страна на бунтовниците.

Креаторите на филмот превземаат голем ризик. За тоа време „Мис Стоун“ бил една од најскапите и најамбициозни југословенски продукции. Тоа бил првиот македонски т.н. „костимиран“ или епхоа филм (костимограф е Милица Бабиќ-Јовановиќ). Режијата (Жика Митровиќ), сценарио (Ѓорѓи Абаџиев и Трајче Попов), кинематографијата (Миша Стојановиќ и Љубе Петковски) сценографија (Василиј Поповиќ -Цицо) и музичката придружба (Иван Рупник) го следат стилот на холивудските вестерн филмови.

Сцена од филмот „Мис Стон“

Ризикот се исплатил. Филмот станува хит. Публиката го обожува филмот. Децата се смеат на шегите и глупостите на дедото бунтовник сличен на Чарли Чаплин наречен „Манданата“ (глумен од Петре Прличко). Сцената кога Манданата го крштева новороденото бебе сè уште е една од најшармантната сцена во македонската кинематографија.

Мажите го чувствуваа својот заштитнички инстинкт кон двете беспомошни убави странски дами (глумени од Олга Спиридоновиќ и Марија Тоциноски) кои се изгубени во пустелијата на Дивиот исток. Жените романтично воздивнуваат кога ги гледаат младите и храбри бунтовници (Илија Милчин, Илија Џувалековски, Дарко Дамески меѓу другите) со груби лица и витешки срца. Филмот ја трансформа аферата „Мис Стоун“ во една од најромантичните епизоди на историјата на Македонија.

Мис Стон (Олга Спиридоновиќ) на филм (лево) и вистинската Елен Стон (десно)

Лето е 1901 година. На Македонската бунтовничка организација очајно и се потребни пари за вооружување. Киднапирањето на богати и важни луѓе за откуп е проширено на територијата на Македонија и го практикуваат разни етнички групи со различни намери. Самиот Гоце Делчев (водач на организацијата) еднаш имал грабнато богат Грк а другпат богат Турчин, но акциите биле извршени невешто, и киднапираните успеале да избегаат без да биде платена откупнината. Раководството на бунтовничката организација заседава и разговара која важна и богата личност би требало да се киднапира. Јане Сандански предлага спектакуларни идеи: киднапирање на кралот Фердинанд од Бугарија за време на неговата посета на Рилскиот манастирот, или синот на бугарскиот премиер Иван Естратиев Гешов или Сулејман бег – синот од турска паша од Џумаја. Сите овие планови биле отфрлени од Делчев. Конечно, целта била избрана: американската христијанско-протестантска мисионерка Мис Елен Марија Стоун која се наоѓала во Банско. Грабањето се случило на 21 август 1901 година на патот од Рила кон планината Пирин додека мисионерките патувале од Банско кон Горниот Џумаја од групите на бунтовничките лидери Јане Сандански и Христо Чернопеев.

Филмот менува многу историски детали. Стефан Мандалов (11.12.1875 – 03.09.1903), вистинскиот „Мандана“ бил всушност 26-годишен млад човек кој директно учествувал во акцијата на грабањето. Во филмот „Мис Стоун“ тој загинува спасувајќи ги животите на двете жени и со тоа ја трогнува филмската публика, додека во реалноста, тој починал една и пол година подоцна, во септември 1903 година по Илинденското востанието.

За време на киднапирањето, Јане Сандански си го повредил зглобот и три месеци одвај можел да стапне на ногата. Мис Стон секојдневно се жалела на постојаното пушење од бунтовниците кое таа не го одобрувала. Мис Стон исто така секојдневно ја користела ситуацијата и се обидувала да ги доближи востаниците во Библијата и протестантизмот, нешто што многу ги иритирало бунтовниците. Вo eден натпис во Њујорк Тајмс (The New York Times) од 13 декември 1901 година може да се прочита „Се чини дека бунтовниците сега се жалат дека Мис Стоун се обидува да ги конвертира“. Кога аферата започнала да се одолговлекува, бунтовниците почнале да стануваат сѐ по очајни и по нервозни. Во еден момент, бунтовниците размислувале за опциите за ставање крај на аферата, каде што Христо Чернопеев размислувал жените дa се убијат, додека Јане Сандански бил остро против таа идеја.

За светските медиуми, аферата „Мис Стон“ била прва „ударна вест“ („Breaking News“) и прва американска криза со заложништво („hostage crisis“) во XX-тиот век. А секоја „ударна вест“, било денес било во минатото, носела каравани со известувачки репортери на местото на настанот.

Една од нив бил и „ѕвездата“ на британското известување од воените жаришта: Вилијам Т. Мод (1865-1903).

Илустрација за Аферата „Мис Стон“ направена врз ознова на оригинален цртеж од William T. Maud за францускиот весник “L Illustration” 1902

Вилијам Теобалд Мод се школувал на Кралската ликовна академија во Лондон. Како професионален сликар не бил посебно познат. Сепак, ја согледува својата шанса во кариерата во воено сликарство.

Кон крајот на XIX-тиот век, бизнисот на илустрираните неделни весници процветал, како резултат на наглиот пораст на писменоста во цела британска империја, во комбинација со развојот на глобалната телеграфска мрежа. Весниците испраќале специјални воени уметници на боиштата за да создадат насликани записи на битки, или да скицираат слики од секојдневието на војниците на фронтот. Многу уметници од овој период ја превзеле оваа опасна задача од едноставна причина: ова војно сликарство било попрофитабилна и носело поголема медиумска слава отколку сликањето во студио. Воените уметници не биле обучени за бојното поле, но поради нивната задача биле поставувани во центарот на воената акција, и изложени на ризик од повреди, заробеништво или болести. „Наоружани“ со моливи, четки и тефтери за цртање нивната работа била да одат таму каде што ќе дувнеле ветровите на војната, да живеат под оган, да ги издржат тешкотиите и опасностите од војните и да ги испраќаат своите груби и брзо-нацртани скици до илустрираните весници кои ги вработувале.

Вилијам Т. Мауд  се одлучува за кариера во военото сликарство и чекор по чекор ја здобива репутацијата на елитен британски воен сликар и известувач. Тој започнал да работи за британскиот илустриран магазин „Graphic and Daily Graphic“ во 1895та година и патува во Турска Ерменија во својата прва мисија каде што цртал и известувал за масакрите. Во 1896та година, патува во Куба од каде известува за кубанската револуција. Неговата прва посета на Македонија била во 1897ма година кога се приклучува на грчката војска во Тесалија. Година подоцна патува во военото жариште во Судан. Потоа оди во Египет а од Египет патува за Индија и ја набљудува кампањата на Северо-Западниот граница (North-West Frontier), а потоа се враќа во Египет каде што прави хронологија на настаните во Омдурман. Бил ранет во Јужна Африка како избувнала Англо-Бурската војна и бил затворен во градот Ладисмит. Подоцна се пријавува доброволно за активна воена служба, а генералот Сер Иан Хамилтон му даде чин на потполковник. Бил ранет и пратен дома но наскоро повторно се спрема да оди во странство и продолжува кон Македонија во потрага по американската мисионерка Мис Стон.

William T. Maud, Пристаништето во Солун со еврејските рибари, 1902 година. Цртеж во колекцијата на музејот Викторија и Алберт, Лондон.
William T. Maud, Пристаништето во Солун со еврејските рибари, 1902 година. Цртеж во колекцијата на музејот Викторија и Алберт, Лондон.

Пристигнува во Македонија во јануари 1902 година. Аферата „Мис Стон“ била главна медиумска вест во тој момент и Мод тука гледа шанса за лична репортерска промоција и слава. Неговата амбиција била да го подигне светското вниманието кон аферата и да добие ексклузивност за објавување на приказната од госпоѓица Стон.

Во моментот на неговото пристигнување, светскиот интерес за аферата „Мис Стон“ започнал да бледи. Аферата веќе траела 4 месеци и крајот не бил на повидок. Вилијам Т. Мод ги запознава госпоѓица Стон и Катерина Цилка во јануари, и црта возбудливи цртежи од секојдневните борби и збегови на бунтовниците, кои ги  биле објавувани во  водечките европски и американски весници.

Илустрации за аферата „Мис Стон“ врз база на оригинални цртежи од  W.T.Maud за The Graphic (Британија) and L’Illustration (Франција)
Илустрации за аферата „Мис Стон“ врз база на оригинални цртежи од W.T. Maud за The Graphic (Британија) and L’Illustration (Франција)
Илустрации за аферата „Мис Стон“ врз база на оригинални цртежи од  W.T.Maud за The Graphic (Британија) and L’Illustration (Франција)
Илустрации за аферата „Мис Стон“ врз база на оригинални цртежи од W.T. Maud за The Graphic (Британија) and L’Illustration (Франција)

Драмата и возбудата во илустрациите на Вилијам Т. Мод повторно го запалуваат интересот на јавноста. „Аферата“ се вратила на насловните страници на весниците. Светскиот притисокот да се спасат мисионерките започнал да расте. Отоманската империја се согласува да ја плати откупнината од 14000 златни лири – но со една тајна. Откупнината била мамка со кој турскиот аскер се надевал дека ќе ги привлече и зароби бунтовниците. Во овој турски план, Вилијам Т. Мод „намирисува“ возбудлива и драматична новинарска приказна и решава да го следи караванот со откупнина и да ја чека последната битка.

Тука Мод прави голема тактичка грешка.

Пристигање на откупнината, според илустрација на W.T.Maud за The Graphic (UK)
Пристигање на откупнината, според илустрација на W.T. Maud за The Graphic (UK)

Немало „конечна битка“. Бунтовниците ги надмудриле Турците и успеале да избегаат со богатството. Во меѓувреме, сопственикот на американското илустрирано списание „Мек Клурс Магазин“ (“McClure’s Magazine”), г-дин, Сем Меклур (Mr, Sam McClure)  лично допатувал во Македонија и  брзо склучува екслузивен договор со Мис Стон во износ од 5000 долари за отпечатување на сензационалната сторија. Мис Стон, г-ѓа Цилка и нејзиното бебе биле ослободени, но не дале ниедно детално интервју, целата приказна отишла само во списанието на Меклур.

Вилијам Т. Мод ја напушта Македонија со празни раце и се упатува кон неговата следна авантура. Оди директно во Јужна Африка од каде известува за Втората Англиско-Бурска војна (1899-1902) а потоа ја следи британската експедиција во Аденскиот Залив на Британски Сомалиленд каде избувнале нови борби. Таму умира од срцев удар на почетокот од 1903та година.

Настаните потоа…

Кога пристигнала дома со брод во Њу Џерси на 10ти април 1902 година, Мис Стон ја пречекале голема група репортери. Јавниот интерес бил толку голем што, освен Меклур, исто така познатиот агент, мајорот Џ.П. Понд, очекувал комерцијален успех и ја обврзал Елен Стон за хонорар од 29.000 долари да одржи 54 предавања низ САД и да ја прераскаже својата приказна.

Турнејата доживеала тотален неуспех. Првото предавање било на 15 април 1902 година во нејзиниот роден град. Публиката и печатот очекувале да слушнат приказни за безбожни балкански дивјаци кои вршат ѕверства за време на нејзиното заробеништво. Наместо тоа, таа раскажувала приказни за храбри џенлмени кои не се плашеле да ги дадат своите животи за слобода. Таа започнала да зборува за турските злосторства во Македонија и да лобира за ослободување на провинцијата. Ова отворено залагање за слободна Македонија ја довело американската дипломатија во незгодна состојба кон својот балкански сојузник – Турција. Американските органи на власт ја предупредиле Мис Стон да ги намали своите критики кон Турција на следните предавања. После ова предупредување, американските медиуми нагло ја отстраниле Мис Стон од насловните страници.

Мис Стон умира во својот дом на 13 декември 1927 година. Г-ѓа Катерина Цилка се враќа во семејството во Албанија и починала во Тирана во 1952 година. И двете дами ги надживеале сите свои киднапери, млади луѓе родени во 80тите години на XIX-тиот век кои умираат во разни битки со Турците или во Првата светска војна.

Македонските бунтовници никогаш не предвиделе ваков огромен интерес од медиумите. Главната цел на грабањето биле парите. Одеднаш, тие ја разбрале моќта на печатот. Ослободувањето на Македонија може да се постигне само со голема и позитивна светска новинарска кампања. Фрустрирани од тоа што се отсликани како дивјаци, тие започнуваат да ја планираат следната медиумска ударна вест  – акција што би шокирала и би го здобила вниманието на  Западот уште повеќе. Оваа акција за привлекување на западно медиумско внимание била извршена на 27 април 1903 година: атентат врз францускиот пароброд Гвадалвивир, разнесување на Отоманската банка и поставување бомби во разни кафулиња во Солун – позната во историјата како „Солунските атентатори“.

Аферите „Мис Стон“ и „Солунските атентатори“ биле големи интернационални медиумски настани при  што сензационалистичкото известување ја консолидирала и утемелила прилично негативната слика за Балканот на Запад, која продолжува да живее во некои кругови сѐ до денес.

Во 1962 година голема поплава го погодува Скопје и голем дел од материјалите во „Вардар Филм“ биле уништени. Со оваа хаварија нагло завршува меѓународната кино дистрибуција на филмот „Мис Стон“. Сепак, направена е една заштитена копија од повеќе различни дистрибутерски копии, но дигиталната реставрација на филмот „Мис Стон“ сè уште не е направена.

(Продолжува)

Зачлени се на нашиот е-билтен