Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ФЕЉТОН (5): Проклетство или умирање во убавината: За некои сликари Македонија била нивната крајна дестинација

Кога ИТ експертот Влатко Милошевски започнал да го создава „Лексиконот на странски сликари во Македонија 1850-1950“ во виртуелна форма како интернет-сајт, а подоцна и како печатено издание во форма на монографија, тоа било плод на неговиот обид да ги собере сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми, во временска отсечка од еден век.

Неговата методологија подразбира дека уметничкото дело е оригинална креација во маслена техника, акварел, цртеж или илустрација со молив, графит, мастило, туш, гваш или пастел, уметничка фотографија, графика од типот на гравура, бакрорез, дрворез, гравура врз линолеум, сува игла, литографија, скулптура…

Трагајќи по странските сликари кои престојувале или ја посетиле Македонија како географски регион и комуницирале со македонските етникуми – сите етнички групи кои живееле во посочениот период,  етнички Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бугари, Грци, Муслимани од нетурско потекло, Евреи и други – креаторот на Лексиконот создава вистинска галерија на епоха и автори.

Рацин.мк во неколку продолженија ќе приопшти дел од приказните во таа богата галерија на слики, автори, инспирации и судбини, со редакциска опрема на текстот и фотографиите.

Каде е гробот на Џерард Чаун?

Мапата на битката кај Дојран

Џерард Хенри Тилсон Чаун (Gerard Henry Tilson Chowne; 1875 Индија – 1917 Македонија) е британски сликар што се образувал на школата за уметност Слејд и ликовните академии во Париз и Рим. Станал професор по сликарство на универзитетот на Ливерпул и е основач на студиото „Сандон“ во Ливерпул.

Пред Големата војна (Прва светска), патувал низ Франција и Шпанија и бележел успеси со неговите изложби, меѓу останатите, во лондонскиот салон, галеријата Бали, галеријата Лестер. Неговата уметничка кариера била ветувачка. И тогаш започнала Големата војна.

Регрутиран е во 9-от Источен полк на Ланкашајр и е испратен на Солунскиот фронт во Македонија. За неговата храброст тој бил унапреден во капетан. Голготите на овој полк на македонскиот фронт се документирани на веб-страницата на полкот: http://www.kaiserscross.com/304501/552343.html.

Во пролетта од 1917 година е испратен на фронтот крај Дојранско Езеро, откако францускиот командант на сојузничките сили во Македонија, генералот Морис Сарали, наредил офанзива. За жал, овој генерал немал пешадиско искуство. Тој им наредил на британските трупи да тргнат со напад од низинските мочуришта во кои владеела маларијата кон ридовите на Дојран, каде што бугарската армија окупирала командни позиции и одлични места за набљудување.

Пеколот на битката кај Дојранското Езеро

На врвот на највисокиот рид, бил стациониран  огромен бугарски бункер за набљудување од бетон, наречен од британските трупи „Окото на ѓаволот“ затоа што блуел кон сојузниците со митролеcки оган и гранати. Бугарската армија прецизно ги предвидела локациите од каде што Британците се обидувале да напаѓаат, и кон овие локации биле позиционирани огнени мисии.

Дополнително биле поставени бодликави жици, бункери од цврст бетон за заштита на митролеските гнезда и рефлектори за осветливање на полето. Митролезите пукале и на слепо кон „фиксни линии“ каде се очекувал пробој на Британците додека било темница. Моралот на бугарските војници бил висок бидејќи најдобрата формација во нивната војска, 9-та (Плевен) дивизија ги бранела ридовите.

Where-is-the-grave-of-Gerard-Chowne-2

Британскиот напад започнал вечерта на 27 април 1917 година. Британските жртви беа големи: 5000 војници. Проценетите жртви од бугарска страна во оваа прва битка на Дојран биле околу 1500. Телата на загинатите војници брзо се распаѓале на жешкото сонце, па затоа биле погребувани брзо во текот на ноќта додека имало прекин на оган.

Една од тие жртви беше сликарот и капетанот Џерард Чаун. Починал од куршумите на бугарски митралез, во вечерните часови на 1 мај. Неговото тело е погребано некаде во ридовите над Дојранското Езеро.

По неговата смрт, истата година била отворена спомен-изложба за време на Зимската изложба на Новиот англиски уметнички клуб. Преживеале само неколку акварели на Македонскиот фронт и биле прикажани на оваа изложба. Во летото 1918 година е отворена уште една уметничка изложба од Солунскиот фронт, каде „ѕвездата на шоуто“ требало да биде познатиот британски воен сликар Вилијам Т. Вуд.

Само 7 акварели на Џерард Чаун биле селектирани за оваа изложба. Сепак, поетиката на акварелите на Чоун и тагата за неговата загуба го украле вниманието на уметничките критичари кои го величеле делата на Чаун над делата над славниот В.Т. Вуд.

Еден од овие 7 последни акварели од 1918 година, „Зора над езерото“, е во моја сопственост. Не е тешко да се разбере зошто критичарите биле толку импресионирани -Чаун ги доловил ретките моменти на мир и раѓање на денот, пред крикот на митролезите да ја разбудат Смртта. Неговите дела се исполнети со спокојство и желба за убавина.

Where-is-the-grave-of-Gerard-Chowne-5

Придонесот на Чаун во уметничко наследство кое е поврзано со Македонија е значителен. Најмалку што тој го заслужува е некој да го најде неговиот гроб и каде што би се овековечил со мала спомен плоча.

Постојат неколку споменици на Првата светска војна од грчка страна, на пример споменикот Дојрани кај Кукуш, Грција. Се прашувам дали таму се споменува Чаун?

Where-is-the-grave-of-Gerard-Chowne-6

Чаун изработил серија на акварели и цртежи, сликајќи го Солун и воени сцени од Македонскиот фронт. Дел од неговите македонски дела, како акварелите “Ровови“ и “Солунски Фронт“, се продадени од аукциската куќа Sotheby’s во Лондон на 26 март 2003 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен