Турција и другите земји во регионот не сакаат другите да внесуваат свои конфликти во оваа географска област, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пренесува Анадолија.
– Ние, како земји од регионот, не сакаме трети страни да ги внесуваат своите конфликти во нашата географска област, рече Фидан на прес-конференција заедно со неговиот катарски колега Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани во Доха.
– Повторуваме дека потезите на Израел може да предизвикаат регионална војна. Минатата недела покажа дека таков ризик сè уште постои, рече тој, мислејќи на иранскиот напад врз Израел што ги поттикна стравувањата од регионална војна.
– Очигледно е дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се обидува да го вовлече регионот во војна за да обезбеди моќ, рече Фидан.
Највисокиот турски дипломат рече дека Турција „се стреми да постигне решение за две држави“ и оти прави дипломатски напори за да го постигне тоа.
Фидан рече дека разговарал и со претседателот на политичкото биро на Хамас, Исмаил Ханије, кој е во Катар.
– Официјални лица на Хамас ми рекоа дека ќе го распуштат вооруженото крило и ќе продолжат како политичка партија откако ќе се формира палестинска држава, рече Фидан.
Ал Тани рече дека Катар ги води дипломатските напори за Појасот Газа, кој страда од израелските напади од 7 октомври 2023 година.
– Улогата на Турција во решавањето на кризата е клучна, додаде Ал Тани.