-Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно, посочи денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче, одговорајќи на новинарско прашање во однос на најавата за предвремени парламентарни избори.
Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци после формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не и оди најдобро.
Тој вели дека нивната теренска анкета укажува оти 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.
-Нашата теренска анкета укажува дека 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.
Тоа значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот, од нашиот европски пат.
Исто така, тоа е и порака дека Влен и ЗНАМ очигледно имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка, рече Филипче.
Филипче посочи дека интензивно работат на стекнување доверба на нивните членови и симпатизери, и напомена дека постои значајно подобрување на атмосферата во општинските партиски организации.
-Тоа што јас и сите мои партиски другари го работиме интензивно во изминатите месеци е стекнување на довербата на нашите членови и нашите симпатизери.
Можам да кажам дека имаме фидбек, постои значајно подобрување на атмосферата внатре во општинските партиски организации, вратен е ентузијазмот, ни пристапуваат многу наши членови, но и оние кои што не гласале, останале дома или пак гласале за друг политички субјект.
Иако тој процес не е лесен и потребно е време, сметам дека патот на консолидација дефинитивно е почнат, рече Филипче.
Тој потсети дека конгресот на СДСМ е закажан на 20 ноември, каде ќе се избере новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.
Прашан за неговото патување во Дубаи, Филипче рече дека не сака да коментира работи од неговиот приватен живот.
Во однос на претседателката на ЛДП и пратеничката Моника Зајкова, Филипче одговори дека таа присуствува на координациите на пратеничката група, а денеска е отсутна затоа што е на службено патување во САД.