Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју на Канал 5 ТВ рече дека со претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов се сретнал во македонското Собрание пред речиси год ина ипол, кога биле преземени одредени иницијативи.
„Со човекот немам никаква комуникација ниту пак некаква координација. Единствено нешто што имаме заедничко е тоа што власта тренира злоупотреба на институциите, го сликаат, го пратат итн. Мене ме сликаат на аеродроми. Излезе пратеникот Бране Петрушевски и кажува кога сум ја напуштил земјата. Од каде знаат тие луѓе каде се движам. Каква е таа злоупотреба на безбедносните служби“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Претседателот на најголемата опозициска партија, Филипче додаде дека повторно се враќаме во периодот на злоупотреба на безбедносните служби од времето на Груевски.
Говорејќи за барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија, за зголемување на минималната плата на работниците, Филипче порача дека поддршката на СДСМ за зголемување на платите е принципиелна и конзистентна.
„Станува збор за една тема којашто сериозно засега илјадници семејства во државата и мислам дека оваа тема како ниту една друга на виделина ја носи конзистентноста на нашите политики, ставови и така натаму, и лицемерието на моменталната власт. Барањата се реални. Луѓето тешко врзуваат крај со крај. Во првите две години од нашата власт социјалната помош ја зголемивме за 300%, минималната плата од 8.000 на 14.000 денари. Сега, по две години од оваа власт – што зголемија? Ништо. Ние имаме конкретен предлог од каде да се обезбедат средства – кратење на непродуктивни трошоци , патувања, репрезентации, нов мебел, опрема на кабинети. Со тоа може да се обезбедат околу 200 милиони евра – доволно за минимална плата од 600 евра и субвенционирање придонеси за компаниите. Но оваа влада нема волја да се откаже од луксузот, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.