Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Финската полиција истражува можна саботажа на гасоводот Балтиконектор

Финската полиција соопшти дека покренала кривична истрага за можна саботажа на подморскиот гасовод меѓу Финска и Естонија, кој беше затворен во текот на викендот по истекување.

Финското Национално биро за истраги (НБИ) вчера соопшти дека почнало да собира докази на локацијата на истекувањето, кое беше откриено во неделата во економската зона на Финска на гасоводот Балтиконектор што ги поврзува двата сојузници на НАТО, пренесоа американските медиуми. Во можната саботажа оштетен е и телекомуникациски кабел.

-Финска не може да ја исклучи можноста дека „државен актер“ е вмешан во оштетувањето на гасоводот Балтиконектор и на паралелниот телекомуникациски кабел, изјави директорот на финската безбедносна разузнавачка служба Анти Пелтари, пренесоа британските медиуми. 

Целта на истрагата е да се утврди дали гасоводот Балтиконектор е оштетен намерно или случајно и кој го оштетил.

Финските власти веќе ја отфрлија можноста за оперативна несреќа, велејќи дека штетата е предизвикана од надворешна активност.

Истакнувајќи дека анализата е сè уште во рана фаза, НБИ соопшти дека се откриени траги на морското дно во близина на истекувањето, без да наведат детали.

Аналитичарите шпекулираат за сè, од удар на сидро на брод во гасовод до експлозија како можна причина.

Седумдесет и седумкилометарскиот гасовод Балтиконектор минува низ Финскиот залив од финскиот град Инко до естонското пристаниште Палдиски. Тој е двонасочен, транспортира природен гас меѓу Финска и Естонија во зависност од побарувачката и понудата. 

Зачлени се на нашиот е-билтен