За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарска претстава, филмови и концерти. Гледајте, слушајте…
Театар: Американска вечер на „Охридско лето“ со монодрамата „Бикот на Фаларис“
Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва (14 јули), со почеток од 21 ч., ќе се одржи Американска вечер со монодрамата „Бикот на Фаларис: Решавајќи ја загатката на чудесниот голем свет“ (Phalaris’s Bull: Solving the Riddle of the Great Big World), напишана и изведена од Стивен Фридман (Steven Friedman).
Монодрамата ќе се одигра во Предворјето на црквата „Света Софија“.
Една од најубаво прикажаните филозофски лекции на која е добро да се присуствува е напишана и испорачана од Стивен Фридман, со самоопишаниот „Подарок на умот“. Тој е поет сликар, автор, учител, и молекуларен биолог, но во суштината тој трага по одговорот на најголемите прашања за да извлече убавина од болката. Текстот, пренесен топло и духовито, е дел од автобиографија, делумна медитација, делумно упатство и делумно инспирација со длабоко потенцирање на афоризмите, кои се алтернативно густи, елементарни, предизвикувачки и откривачки.
Како молекуларен биолог образован на Харвард, визуелен уметник и провокативен визионер и филозоф, Стивен Фридман има одговори на големите животни прашања. Користејќи го личниот наратив, поезијата, уметноста и науката испорачува перформанс кој ја рефлектира неговата призматична, трансформациска и длабоко утешна визија за светот. Фридман нуди решение за светската болка базирана не само на верувањето и верата туку и логичната строгост- филозофија која започнува од приказната на Киеркегард, за античка направа за измачување, бикот на Фаларис, кој ужасните звуци на болката ги претвора во музика.
Бикот на Фаларис или таканаречениот бронзен бик е справа за мачење и направа за извршување на погубувања осмислена во Стара Грција. Според записите на Диодор Сицилиски, Перил од Атина го осмислил и го предложил бронзениот бик како справа која тиранинот Фаларис од Сицилија би ја користел за погубување на криминалците. Бикот целосно бил направен од бронза, шуплив одвнатре со вратичка отстрана. Бикот бил со облик и големина на жив бик и имал вграден звучен апарат кој вресоците ги претворал во бревтање. Oсудените биле заклучувани во бикот и се палел оган под справата, кој го загревал металот а личноста – жива, во внатрешноста се печела до смрт.
Фаларис заповедал да се осмисли бик на таков начин што чадот кој излегувал од него да мириса на парфем. Главата на бикот била осмислена со сложен систем на цевки и прегради кои обезбедувале вресоците да бидат претворени во звуци кои наликувале на збеснат бик. Според легендата, кога бикот ќе се отворел, изгорените коски на погубениот „светеле како накит и од нив биле правени алки “.
Концерти: Романска вечер на „Охридско лето“ со ФАМЕ’С европски оркестарски изведувачки институт и Ирина Мурешану – соло виолина
ФАМЕ’С европскиот оркестарски изведувачки институт претставува музички образовен центар кој што е создаден во рамките на компанијата ФАМЕ’С која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Организиран во објектот и професионалното студио на ФАМЕ’С во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа.
Овој проект е дел од програмата за Пан-Европски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE), поддржан од Европската Унија.
Виолинистката со романско потекло Ирина Мурешану е лауреат и победничка на повеќе престижни натпревари за виолинисти како Меѓународниот натпревар во Монтреал, натпреварот „Кралица Елизабета“, натпреварот на Универзитетот во Јужна Африка (УНИСА), меѓународниот натпревар во Вашингтон, натпреварот во „Шадт“ во Алентаун и др.
Мурешану е на сцената од рана возраст, добивајќи одлични критики што придонесува таа да се развие во исклучителен солист, настапувајќи со рецитали и како камерен музичар. Неодамна на Муресану и е доделена престижната „Фулбрајт“ стипендија од страна на Универзитетот во Мериленд како и грантот „Ж. Енеску“ од Романскиот културен институт со што се признава нејзиниот труд и се финансираат истражувања во „Градот на музиката“ во Париз посветени на проектот „Бесконечни жици“ – платформа посветена на промовирање на Романската музика за виолина создадена во последните 150 години.
Ирина Мурешану е барана како солист на двете страни на Атлантикот, како и во САД, Европа, Канада, Азија и Јужна Африка, а нејзините специфични програми кои се тематски конципирани придонесуваат да биде подеднакво активна на концертните платформи, како солист и камерен музичар. Таа е член на Бостонското камерно трио од 2001 година, а настапувала на бројни фестивали во САД, Холандија, Белгија, Франција и др. Мурешану е посветена и на изведбата на дела од современата музичка литература, од кои голем дел се напишани токму за неа. Нејзините изведби се запишани на носачи на звук на повеќе интернационални издавачки куќи.
Ирина Мурешану е професор на Универзитетот во Мериленд, а била дел од професорскиот кадар на Конзерваториумот „Беркли“ како и на Харвард и МИТ. Носител е на престижната Диплома за уметност и титула доктор на музичка уметност од Конзерваториумот „Њу Ингланд“ каде студирала со легендарниот француски виолинист Мишел Оклер.
Концертот ќе се одржи на 15 јули (сабота) со почеток од 21 ч., во црквата „Света Софија“
Српска вечер на „Охридско лето“: „Корени“ на Немања Радуловиќ – виолина
Српско-францускиот виолинист Немања Радуловиќ со неговата уникатна енергија и искреност во изведбите, како и со возбудливата виртуозност, длабочина на изразот и со авантуристичкиот пристап кон програмата која ја изведува говори за тоа дека музиката навистина има моќ да ги зближува луѓето. Неговиот долгоочекуван деби настап на фестивалот Би-Би-Си Промс во 2019 година со симфонискиот оркестар на градот Борнмут и под диригентската палка на Кирил Карабитс беше изведба на Концертот за виолина и оркестар од С. Барбер.
Неговиот претходен албум „Баика“е еден од низата од девет успешни албуми направени за „Дојче грамофон“ и „Јуниверзал мјузик“ кои ќе му го донесат епитетот „огнен виор на музика“ од страна на магазинот „Би-Би-Си Мјузик“ кој му додели 5 ѕвездички и наградата „Избор на критиката“. Добитник е на наградата „Ехо Класик“ во 2015 година за „Откритие на годината“, Немања Радуловиќ е уметник кој настојува да ги прошири границите на класичната музика. Тоа му носи вистинска армија на обожаватели низ целиот свет кои уживаат во неговите настапи со водечките светски оркестри и диригенти вклучувајќи ја Лондонската филхармонија, оркестрите во Минхен, Берлин, Дрезден, Хановер, Келн, Кралската филхармонија во Ливерпул, Токио Симфони, Симфонискиот оркестар на Монтреал, националните оркестри во Лил и во Шпанија, Холандската Радио филхармонија и многу други, а скорешните настапи ги вклучуваат дебито со Њујоршката филхармонија, оркестрите во Гетеборг и Даблин, Филхармонискиот оркестар во Стразбур како и опсежна турнеја низ Велика Британија со Симфонискиот оркестар од Гавле и диригентот Хаиме Мартин, а распродадени се неговите настапи со Double Sens на фестивалите во Нант, во парискиот театар „Шанзелизе“ и во Берлинската филхармонија.
Немања Радуловиќ (1985 г.) е роден во Србија, студирал на ФМУ во Белград, како и на Високата музичка школа во Сарбрикен, на академијата „Штауфер“ во Кремона во класата на Салваторе Акарда и на Конзерваториумот во Париз во класата на Патрис Фонтанароса.
За албумот „Корени“ кој Радуловиќ и Double Sens го промовираат на голема балканска турнеја, самиот тој ќе рече: „Овој проект за мене е многу интересен и е создаден за време на пандемискиот „локдаун“ кога многу слушав музика, главно Моцарт и „world music” и тоа всушност ме враќаше во живот. За време на пандемијата имав можност длабоко да размислувам за музиката денес, но и за музиката во минатото и иднината. Слушав музика од различни стилови, и почнав да ја развивам идејата за овој проект кој е исчекор за мене како музичар.
Ансамблот „Double Sens” е основан во 2008 година кога виолинистот Немања Радуловиќ ги собра на едно место неговите омилени француски и српски музичари да настапат заедно како камерен оркестар. Оваа уникатна ансамбл – формација ја соединува пријателството и тие како едно семејство ја делат љубовта и желбата да музицираат заедно што е очигледно кога тие се на сцена во Франција или во странство.
Радуловиќ и Double Sens имаат снимено 4 заеднички албуми „Пет сезони“ (2011), „Патување на исток“(2015) како и Рококо варијациите од Чајковски во оригиналниот аранжман за виола (2017) и последниот „Баика“ (2018) на кој се заедно во изведбата на „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков. Последниот албум исто така, е издаден како видео-албум со наслов „Уникатно“ снимен во Карнак и на него ансамблот свири дела од Бах, Вивалди, како и традиционални и дела кои се преод од класиката кон тн.„world music”. Овој „визуелен албум“ беше емитуван во кино-салите во цела Франција. Во 2022 година Радуловиќ и Double Sens го снимаат првиот заеднички албум за издавачката куќа “Ворнер“ со наслов „Корени“ (Roots). Тој содржи аранжмани на традиционална и модерна музика во еден вид музичко патешествие околу светот.
Концертот на Немања Радуловиќ ќе се одржи на 18 јули (вторник) со почеток од 21 ч., на сцената на Долни Сарај
Филмови на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ 2023
Годинешното, 22-ро издание на „Синедејс“ започна вчера (на 13 јули) со македонската премира на долгометражниот игран филм на Вардан Тозија – „М“, а фестивалот ќе биде затворен на 18 јули (вторник) со премиерата на уште еден македонски филм – „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски.
Во шесте фестивалски денови, „Синедејс“ под слоганот „Муви најт“ нуди 52 наслови од најновата европска филмска продукција и кратки филмови во шест програми, 11 придружни програми, со над 50 гости, три музички настани и седум работилници.
Што и да изберете од насловите на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров, или новиот филм на Горан Столевски, а секако и од понудата во официјалната и SEE селекција… нема да згрешите!
Локациите се во кино „Фросина“, паркот и Џебното кино во МКЦ, и во Кинотеката – во киносалата и на отворено. Комплетната програма на „Синедејс“ со термините на проекциите можете да ја видите ТУКА.