Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис ја востанови годишна награда „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации или поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата.
Конкурсот за оваа годишна награда е објавен денеска, предвидува две награди во две категории: Најдобар новинарски труд, односно стручен труд подготвен од граѓански организации и поединци (комплексни проверки на факти, анализи на проблемот со дезинформации, стручни трудови, истражувачки стории и слично) и Едукативна мултимедијална содржина подготвена за млади од 18 до 28 години, каде што на креативен и иновативен начин се употребени информациско – комуникациските технологии, со цел да допрат до младите и да ги едуцираат да се јакне отпорноста од дезинформациите.
Право на учество имаат сите оние коишто авторски (поединечно или групно) ги создале и објавиле материјалите во весник, на телевизија или на интернет-портали во периодот од денот на објавувањето на конкурсот до 1 септември 2024 година.
На конкурсот, авторите може да се пријават и со серија на содржини кои се меѓусебно поврзани, но се однесуваат на една конкретна тема. Авторот со пријавувањето на Конкурсот е согласен дека неговиот труд ќе биде ре-објавен во Зборник, кој е посебно електронско издание што ќе го подготви Метаморфозис, по завршувањето на Конкурсот.
Пријавените материјали ќе ги разгледува комисија од релевантни претставници на медиумската и на јавната сфера. При оценувањето на материјалите предност ќе имаат оние материјали кои: се однесуваат на дезинформации кои имаат висок капацитет за нанесување на штети во општеството; разоткриваат дезинформации кои се однесуваат на широкиот јавен интерес, односно засегаат голем број граѓани на Република Северна Македонија; ги зголемуваат сознанијата или доаѓаат до нови сознанија за проблемот со појавата на дезинформациите и нудат решенија за справување со проблемот и имаат креативен, современ, ефективен и иновативен пристап во презентацијата на наодите до широката јавност.
Конкурсот е отворен до 1 септември 2024 година.
Пријавите треба да се поднесуваат на info@metamorphosis.org.mk со назнака: За годишна награда „Илија Жупаноски“ за новинари, граѓански организации и поединци кои придонесуваат во справувањето со дезинформациите во земјата.
Наградата за првата категорија „Најдобар новинарски, односно стручен труд“ изнесува 3.000 евра во денарска противвредност. Наградата за втората категорија „Едукативна мултимедијална содржина подготвена од млади од 18 до 28 г.“ изнесува 1.000 евра во денарска противвредност.
На Конкурсот немаат право на учество вработените во Метаморфозис. Исто така, на Конкурсот немаат право на учество надворешните соработници на Метаморфозис со материјали кои биле/се подготвени и објавени во рамките на проектите кои ги спроведува Метаморфозис.
Илија Жупаноски беше општествен активист за демократија и активен борец против дезинформациите и против хибридните и сајбер напади врз демократиите на национално и меѓународно ниво.
Жупаноски бешe еден од основачите на концептот за дигитална отчетност и транспарентност кој придонесе македонската Влада од 2017 година да биде прва во регионот по проактивна транспарентност и отчетност. Беше советник за дигитални комуникации во кабинетите на Претседателот на Владата на РСМ во периодот 2017-2023.
Претходно имаше значајни постигнувања на полето на младинскиот активизам, во рамки на програмата Економско образование за млади (Junior Achievement), и беше еден од основачите на македонската дебатна асоцијација и директор на Младинскиот образовен форум (МОФ). Дел од кариерата работеше и во приватниот сектор.
Почина ненадејно во ноември 2023 година на 41-годишна возраст.