„Ганевден“ на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Вчера се одржа „Ганевден“ на Четвртата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во Скопје (МСМЈЛК) пред семинаристите македонисти, балканолози, слависти, филолози, културолози и преведувачи од целиот свет кои следеа предавања и лекторски вежби, и учествуваа во Преведувачката работилница.

-Во чест на 90 години од раѓањето на великанот Гане Тодоровски се одржаа предавања „Поетска Ганевина“ од проф. д-р Кристина Николовска и „Зборобразувањето во поезијата на Гане Тодоровски“ од проф. д-р Славица Велева. На Преведувачката работилница на Меѓународниот семинар се работеа препеви на поезијата на Гане Тодоровски на повеќе странски јазици кои потоа ќе се објават во „Зборник поезија со кажувачки“, се наведува во денешното соопштение на МСМЈЛК при УКИМ во Скопје.

Редовните лекторски вежби по македонски јазик, како што информираат од МСМЈЛК при УКИМ, се одвиваа на почетно, средно и напреднато рамниште кај проф. д-р Борче Арсов, доц. д-р Бобан Карапејовски, доц. д-р Бојан Петревски и асс. м-р Марија Пандева.

Работата на Четвртата зимска школа, која се одвива на далечина, се одржува секој ден од 22 до 26 јануари пред 81 семинарист од 21 земја.

Новото издание на Зимската школа привлече досега најголем број семинаристи од целиот свет кои се посветни на развој на македонистиката на странските универзитети и во други културни средини. Семинарот, со зимските и летните школи е голема меѓународна афирмација на македонистиката.

Треба да знаете
Moже да ве интересира