Европската Унија мора радикално да го промени својот систем на одлучување и финансирање, така што 27-члениот блок ќе биде подготвен да се прошири со нови земји до 2030 година, се наведува во експертската анализа нарачана од владите на Франција и на Германија, пренесува Ројтерс.
Во моментов, осум земји имаат кандидатски статус – Турција, Украина, Молдавија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија – а Грузија и Косово се потенцијални кандидати.
„Од геополитички причини, проширувањето зазема високо место на политичката агенда на Европската унија, која, сепак, се уште не е институционално или политички подготвена за тоа“, се вели во извештајот, кој денеска беше претставен пред министрите во Брисел.
Во документот, во кој се наведува дека тоа не треба да се гледа како став на Париз и Берлин, се наведува дека ЕУ треба да одлучува со квалификувано мнозинство наместо едногласно во некои области.
„Институциите и механизмите за одлучување не беа создадени за група од 37 земји-членки и всушност го отежнуваат процесот на одлучување денес, кога одлуките за управување со кризи ги носи блок од 27 земји“, сметаат експертите.
Едногласното одлучување е пропишано за прашања од надворешната и безбедносната и даночната политика, во финансирањето на ЕУ, во некои области на правдата и внатрешната политика и социјалната сигурност и заштита.
Некои влади и експерти веќе го критикуваа овој императив за едногласност, оценувајќи дека тој во голема мера го успорува, па дури и го блокира развојот на Унијата, бидејќи сите одлуки во споменатите области мора да се сведат на најмал заеднички именител.
Од друга страна, доколку тој закон се смени, ќе треба да се донесат амандмани на договорите на ЕУ, што би бил долг и тежок процес кој сам по себе би барал едногласност.
Понатаму, експертите повикуваат на јакнење на условите владите на земјите-членки да мора да го почитуваат владеењето на правото и европските вредности за да имаат право на финансиски средства од фондовите на ЕУ. Оваа препорака треба да се гледа во контекст на фактот дека Брисел со години се бори со националистичките и авторитарни влади на Полска и на Унгарија.
Документот бара од ЕУ да ги измени своите договори за да дозволи издавање обврзници и да го скрати буџетскиот циклус од сегашните седум на пет години за Европската комисија и Европскиот парламент.
Буџетот, кој сега изнесува околу еден процент од бруто националниот доход, треба да се зголеми за да се задоволат барањата на се поголемиот број задачи со кои ЕУ се занимава како блок и постојано да им се доделуваат нови извори на приходи.
Конечно, експертите заклучуваат дека на некои членки на ЕУ треба да им се дозволи поблиска соработка меѓу себе, што би создало четири нивоа на европска интеграција. Најдлабоката интеграција би била внатрешен круг сличен на еврозоната користејќи единствена валута и пасош за Шенген зоната.
Второто ниво би било самата ЕУ, а поширокиот круг би се состоел од придружни членки кои би учествувале на единствениот пазар на ЕУ за стоки и услуги и би дејствувале според заедничките принципи на ЕУ.
Конечно, би постоела Европска политичка заедница, форум предложен од Франција и започнат минатата година, како надворешно ниво на политичка соработка кое не е обврзано со правото на ЕУ.