Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Фирма“ на Витошевиќ, нов филм на браќата Дарден, ден на бесплатни стрипови, концерт на „Алтус“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, театарската претстава, концерт на камерен оркестар и стрипови. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: „Фирма“ на Нела Витошевиќ во Драмски театар Скопје

Работена според текстот „Push up 1-3“ од Роналд Шимелфенинг, во драматуршка обработка на Викторија Рангелова – Петровска, „Фирма“ е новата поставка на режисерката нела Витошевиќ во Драмски театар Скопје.

Актерската екипа ја сочинуваат Ирена Ристиќ, Ивана Павлаковиќ, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Игор Ангелов и Стефан Вујисиќ.

Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимографијата на Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката е на Нела Витошевиќ.

Во режисерската експликација Витошевиќ го посочува Роланд Шимелфениг како еден од најплодните, најуспешни и најпреведувани германски автори.

Во текстот „Фирма“ (Push Up 1-3) авторот храбро прави вивисекција на капиталистичкото општество и последиците што доаѓаат како резултат од така поставениот систем. Тој во преден план ја истакнува бескрупулозната борба на индивидуата која се стреми да се искачи на врвот на хиерархиската пирамида, како и проблемот на осаменоста и отуѓеноста, кои се рефлексија на таквото капиталистичко уредување. Целото дејство во претставата се случува во ИТ-корпорација. Во тоа „застрашувачко“ опкружување карактерите се натпреваруваат меѓусебно за повисока позиција во фирмата. Механизмите да се стигне до врвот се бескрупулозни, карактерите се служат со вербална манипулација и лицемерие за да го зграбат она што го посакуваат. Посветени да ги добијат овие битки, тие остануваат без социјален живот, затворени во нивните големи празни станови, асоцијативни за нивната духовна и социјална празнина.

Публиката е сместена на самата сцена, а актерите ќе играат пред неа како во боксерски ринг. Со тоа се истакнува психолошкиот момент во драмата, чија основна порака е дека станува збор за социјално-хендикепирани ликови кои во меѓусебната борба за успех во кариерата заборавиле на една од најважните работи во животот, каква што е љубовта.

Со премиерата на „Фирма“ беше отворено второто издание на регионалниот театарски фестивал РУТА , кој се одржа во Драмски театар од 3 до 8 октомври.

Претставите на „Фирма“ се на 13 октомври (петок) и 14 октомври (сабота) со почеток од 20 ч.

Стрип: „Ден на бесплатни стрипови“ во „Бункер“

Стрип книжарницата „Бункер“ в сабота (7 октомври) со почеток во 10 часот по третпат го организира „Денот на бесплатни стрипови“ кај нас.

Се работи за најмасовниот настан во светот на стрипот – ден во годината кога во специјализираните книжарници за стрипови на посетителите им се делат бесплатни примероци.

Манифестацијата за првпат се одржа во Соединетите Американски Држави во 2002, а потоа се прошири и во многу други земји. Во првите 6 години поделени се повеќе од 12 милиони бесплатни стрипови во над 30 земји. Стрип книжарницата „Бункер“ организираше „Ден на бесплатни стрипови“ во 2017 и 2022 година, а целта е промовирање и ширење на стрип-културата.

„Бункер“ годинава обезбеди околу 700 стрипови кои ќе бидат поделени бесплатно. Во понудата е широк спектар на изданија наменети за различни возрасни групи. Бројката расте бидејќи во акцијата се вклучуваат и голем број домашни издавачи и поединци.

Манифестацијата ќе трае до 15 часот или додека не се потрошат количествата. Стриповите ќе бидат делени по принципот „прв дојден, прв услужен“, а секој посетител ќе има право да земе најмногу два стрипа од претходно направената листа. Покрај бесплатните стрипови стрип книжарницата Бункер ќе понуди и 30% попуст на целокупниот асортиман.

Исто така, и годинава во соработка со „Светот на Биби“ еден дел од стриповите ќе бидат подарувани и во нивната продавница во Битола, со што настанот добива регионален карактер.

Плакатот за годинешниот „Ден на бесплатни стрипови“ е дело на уметникот и стрип-цртач Михајло Димитриевски – Тхе Мичо.

Филм: „Тори и Локита“ на браќата Дарден

„Тори и Локита“ (Tori et Lokita) е најновиот игран филм на браќата Жан-Пјер Дарден (Jean-Pierre Dardenne) и Лук Дарден (Luc Dardenne), снимен по нивно сценарио (2023, 88 мин., колор, ДЦП). Во француско-шпанско-германско-португалската копродукција играат Мбунду Жоели, Албан Укај, Тијмен Говаертс, Шарлот Де Брујн, Надеж Уедраого (Mbundu Joely, Alban Ukaj, Tijmen Govaerts, Charlotte De Bruyne, Nadège Ouedraogo).

Откако го преживеале опасното патување од Западна Африка, Тори и Локита живеат во Белгија. Тие создаваат блиска врска и се преправаат дека се брат и сестра за да ги обезбедат документите на Локита. Очајно им требаат повеќе пари, работат разни работи, па дури и продаваат дрога, но набрзо работите излегуваат од нивна контрола.

Браќата Дарден, двократни победници на Канскиот филмски фестивал, создаваат општествен трилер кој е парабола за социјалните и за расните неправди во година. „Тори и Локита“ ја освои специјалната награда за 75. Кански фестивал.

Проекциите се „Тори и Локита“ се во Кинотеката на 12 октомври (четврток) од 18 ч. и 19 октомври (четврток) од 20 ч.

Музика: Концерт на Камерниот ансамбл на Филхармонија – „Алтус“

Камерниот ансамбл на Филхармонија – „Алтус“ в понеделник (9 октомври) со почеток во 19 часот ќе одржи концерт под диргентската палка на маестро Паскал Галоа од Франција.

Камерниот ансамбл „Алтус“ во состав Катарина Павловиќ – виолина, Гонца Богоромова Краповски – сопран, Елена Стојческа – флејта, Игор Иванов – кларинет, Паскал Краповски – виолончело, Маријана Николовска – пијано и Антоние Весковски – вибрафон ќе изведе дела од А.Р. Томас, Ј. М. Стауд, П. Булез и дело на македонскиот композитор Панде Шахов.

Како уметник со многу таленти и мајстор на фагот, еден од најенигматичните дувачки инструменти, Паскал Галоа е солист, оркестарски музичар и професор кој остава печат и со својата работа како диригент. Неговата прва изведба на „Секвенца 7“ од Берио беше исклучително важен настан за неговата кариера, исто како и неговата изведба на „Дијалог на сенките“ од Пјер Булез и „Псалми“ на Волфганг Рим за кларинет и оркестар.

Галоа ги организира и т.н. Музички моменти заедно со своите пријатели, како за 85. роденден на Пјер Булез во Музејот на уметноста во Париз, или за 95. роденден на Анри Дутие во хотелот „Де Лаузун“. Тој ги снима и своите современици со исто толку голем ентузијазам, како што Пјер Булез, Лучано Берио и Олга Ноивирт. Неговото мото како уметник е дека музиката како уметност заслужува подобро место во општеството. И токму поради тоа тој го води најголемиот конзерваториум во срцето на Париз. Во 2015 година, тој го формира и фестивалот во Киброн во кој се среќаваат класичната и модерната музика. Диригирањето во моментов е негова централна определба преку која ја искажува својата пасија кон музиката и неговата оригинална перспектива и гледање на современиот и на класичниот репертоар.

Концертот се реализира во соработка со Центарот за едукација и музика – ЦЕМ МКД и Францускиот институт Скопје.

 

Треба да знаете
Moже да ве интересира