Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Автобиографија на принцот Хари, „пустински рок“ на Queens of the Stone Age, филм на Кристијан Мунџиу, претстава ГЛУМиЦИ

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…

Книга: „Резерва“ – Автобиографија на принцот Хари

Деновиве излезе од печат на македонски јазик една од најочекуваните книги годинава, автобиографијата на принцот Хари, насловена Резерва“. Книгата на принцот Хари, војводата од Сасекс, е една од најпродаваните во светот, рушејќи ги рекордите на продажба од областа на мемоарската проза на сите времиња.

„Резерва“ стана инстант-бестселер на „Њујорк Тајмс“ и досега е преведена на 15-тина светски јазици. Во неа принцот Хари открива многу интимни детали од неговото детство и младост: длабоката душевна лузна што ја оставила смртта на неговата мајка Дијана, принцезата од Велс, проблематичните тинејџерски години исполнети со луди журки, алкохол и скандали, заминувањето во британската армија и служењето во Авганистан…

Хари во „Резерва“ пишува и за односот со неговиот брат, принцот Вилијам, и неговиот татко, актуелниот крал Чарлс Трети, бракот на татко му со Камила Паркер Боулс. Секако, задолжително поглавје во мемоарите е неговата љубовна врска и бракот со американската актерка Меган Маркл, кавгата со кралското семејство и повлекување на двојката од него.

Критичарите ја нотираат суровата и непоколеблива искреност на Хари, посочувајќи дека тоа е реткост во мемоарите на личности од негов формат: ни дава увид во откровенијата, самоиспитувањето и тешко стекнатата мудрост за вечната моќ на љубовта над тагата.

Една од највпечатливите фотографии на 20 век е таа со две момчиња, двајца принцови, кои чекорат зад ковчегот на нивната мајка додека светот гледа со тага – и со ужас. Додека траеше погребот на принцезата Дијана, милијарди луѓе се прашуваа што мислат и што чувствуваат принцот Вилијам и принцот Хари – и како ќе се одвиваат нивните животи од тој момент понатаму.

Принцот Хари сега им ја открива таа приказна.

Автобиографската книга „Резерва“ е издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и може да се најде во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Филм: „Магнетна резонанца“ на Кристијан Мунџиу

„Магнетна резонанца“ (R.M.N. на романски, MRI на англиски), романско-белгиско-француска копродукција по сценарио и во режија на романскиот режисер Кристијан Мунџиу (Cristian Mungiu), со Марин Григоре, Јудит Стате, Макрина Барладеану (Marin Grigore, Judith State, Macrina Barladeanu) ја раскажува сторијата за гастарбајтерот Матијас, кој неколку дана пред Божиќ ја напушта работата во Германија и се враќа во неговото родно село во Трансилванија.

Матијас сака да биде повеќе вклучен во растењето на својот син и да му помогне на детето да се ослободи од неговите нејасни стравови, но е окупиран и со својот стар татко, како и желбата да ја види својата поранешна љубовница, Сила. Кога во малата фабрика, која ја води Сила, ќе се вработат неколку нови работници, мирот на заедницата во мултиетничкото село полека се нарушува. Жителите се исплашени, а фрустрацијата и страстите ја нарушуваат дотогашната состојба на привидното разбирање и смиреност.

Како што сугерира насловот, филмот прави снимка на заедницата што ја поклопува единката. На Мунџиу не му е првпат да го сецира општеството во кое сведочи како исклучително талентиран автор, кое не е нужно само локално, национално, романско, туку најмалку европско.

Мунџиу со „Магнетна резонанца“ минатата година победи на фестивалот во Палиќ, Србија, и беше во конкуренција на фестивалите во Кан и Чикаго. Тој со неговиот прв успех во 2007 година, „Четири месеци, три недели и 2 дена“ (4 luni, 3 saptamâni si 2 zile) освои педесетина награди и беше предводник на романскиот нов филмски бран што направи фасцинантен пробив во светската кинематографија.

„Магнетна резонанца“ можете да го погледнете на програмата на Кинотеката на 30 март (четврток), 21:00 часот.

Музика: Queens of the Stone Age

Queens of the Stone Age („Кралиците на каменото доба)“ е американски рок бенд формиран во 1996 година во пустината Палм, Калифорнија. Бендот е основан од вокалистот и гитарист Џош Хом, кој беше единствениот постојан член во текот на повеќекратните промени во составот.

Сегашната постава се состои од Homme заедно со Troy Van Leeuwen (гитара, челик за скут, клавијатура, перкусии, придружен вокал), Мајкл Шуман (бас гитара, клавијатура, придружен вокал), Дин Фертита (клавијатури, гитара, ударни инструменти, придружен вокал), и Џон Теодор (тапани, перкусии). Бендот има и голем број соработници. „Кралиците на каменото доба“ се познати по нивниот блуз, краутрок и стилот на риф-ориентирана и ритмичка хард-рок музика под влијание на електрониката, заедно со посебните фалсето вокали на Хом и неортодоксните скали на гитара.

Бендот седум пати е номиниран за Греми награди: четири пати за најдобра хард-рок изведба, двапати за најдобар рок албум и еднаш за најдобра рок изведба.

Хом во многу наврати ја опишал нивната музика како „рок верзии на електронската музика“, наведувајќи дека зема инспирација од репетитивната природа на електронската транс музика заедно со различни форми на денс музика, хип хоп, трип хоп и Краутрок. Овој хеви рок стил помешан со структурата на електронската музика е наречен од Homme како „робот рок“.

Студиски албуми:

Queens of the Stone Age (1998)

Rated R (2000)

Songs for the Deaf (2002)

Lullabies to Paralyze (2005)

Era Vulgaris (2007)

…Like Clockwork (2013)

Villains (2017)

Препорачани сонгови за запознавање со музиката на Queens of the Stone Age:

Queens Of The Stone Age – No One Knows https://www.youtube.com/watch?v=s88r_q7oufE

Queens of the Stone Age – Regular John https://www.youtube.com/watch?v=wjNbxJttwP8

Queens Of The Stone Age – The Lost Art Of Keeping A Secret https://www.youtube.com/watch?v=0l0nzPpvbFs

Queens Of The Stone Age – Song For The Dead https://www.youtube.com/watch?v=A6afG0s0LSU

Театар: Претстава ГЛУМиЦИ, гостување на сцената на Народен Театар Битола

Претставата во продукција на независното здружение „Артопија“, се игра веќе една сезона на театарските сцени низ Македонија. Во интерактивната претстава играат, или ја креаираат актерите Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Кристина Леловац, Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Никола Наковски, Никола Ристески и Дениз Ајдаревиќ, барајќи ги одговорите за „носењето на својот крст и верувањето“.

Претставата говори за стотина минути од нашите животи, во кои заедно играме, плачеме и пееме за сите нас во театарот и за него во светот – за вредностите, традициите, хиерархиите, предрасудите што нè/го одредуваат. Споделувајќи задоволство, многу хумор, но и грижа еден за друг, препуштање, искреност, радикална ранливост, ГЛУМиЦИ заговара свој создаден свет, кој е помалку суров, а повеќе сочувствителен.

„Оваа претстава ја сонуваме 10 години. Почнувавме да ја правиме неколку пати. Последниот пат кога почнавме, решивме да не ја завршиме никогаш. Прашање е дали ГЛУМиЦИ е воопшто претстава за глумици или за глумци, за театарот, за сите нас во него или за него во светот, за славата, блесокот, за сето она за што мечтаеме, за страдањето, за носењето на својот крст и верувањето. Можно е да не е. Можно е да не е ни претстава. Можно е да е нешто повеќе. Не знаеме. Не знаеме ни дали никогаш досега не сме го правеле ова или отсекогаш сме го правиле токму ова. Да пробаме заедно, па ќе видиме“, се вели во експликацијата на авторите.

Дизајнер на сценскиот простор е Ненад Тонкин, а оригиналната музика во претстагвата е на Дино Имери.

ГЛУМиЦИ гостува на сцената на НТ Битола на 25 март (сабота) со почеток од 20 часот.

Избрале: С.С., В.Л.

Зачлени се на нашиот е-билтен