Најмалку четири лица загинале во голем пожар што зафатил неколку станбени згради во Хонг Конг, а уште три се повредени и хоспитализирани, соопшти локалната влада.
Пожарот избувнал во средата во 14:51 часот по локално време во станбениот комплекс Wang Fuk Court, во северниот дел на округот Тај По. Комплексот се состои од осум згради со вкупно околу 2.000 станови. Драматичните снимки од местото на настанот покажуваат три кули обвиени со густ чад и пламен, додека службите за итни интервенции се обидуваат да ги спасат заробените жители.
До 17 часот седум лица биле пренесени во две болници, пренесува BBC.
Од нив, четири лица се прогласени за мртви, две се во критична состојба, а едно лице е стабилно. Меѓу повредените има и пожарникари кои се обидувале да го изгаснат пожарот.
Сè уште не е познато како започнал пожарот, но се верува дека се проширил преку бамбусовата скела поставена на надворешните страни на зградите, што придонело за брзото ширење на огнот.
Фотографиите од местото покажуваат густ чад што излегува од висококатниците и пламен што ги зафаќа станбените блокови. Екипите за итни интервенции се на терен и интензивно работат на спасување на станарите и ставање на пожарот под контрола.

