Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Граѓаните се жалат, од ЕСМ велат дека радијаторите се ладни поради надворешните темератури

На самиот старт на греењето, без парно останаа само оние објекти во кои не се отстранети дефектите на внатрешната инсталација или имаат проблеми со потстаницата, како и осумте училишта во општина Карпош.

Грејната сезона што почна пред два дена, со себе ги донесе и вообичаените жалби на граѓаните дека греењето во некои објекти е слабо и дека парно се пушта само наутро толку колку да се замлачат радијаторите. Од ЕСМ веќе информираа дека испораката на топлинска енергија во наредниов период ќе зависи од надворешните температури, кои навистина се високи во текот на денот.

Сепак, според процената на Регулаторна комисија за енергетика, годинава нема голем обем на жалби, а проблемите околу греењето во некои објекти немаат никаква врска со тоа што топловодот под мостот „Беласица“ сѐ уште не е поставен.

Сега има мала испорака на топлинска енергија. Ние сме во комуникација и со ЕСМ Дистрибуција, излезени се на терен. Може да има поплаки и навистина да има проблеми и веднаш ќе бидат решени. Компанијата е транспарентна, објави дека имало проблеми – не можат да пристапат до топлинските станици, немаат клуч, некој треба да им отвори, има одредени објекти каде што не се платени сметките за електрична енергија и пумпите не работат, значи тоа се вообичаени работи. Но, тоа нема никаква поврзаност со топловодот под мостот „Беласица“ – посочи претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.

На самиот почеток на греењето, без парно останаа само оние објекти во кои не се отстранети дефектите на внатрешната инсталација или поради проблеми со потстаницата. Но, без греење се и осумте училишта во општина Карпош. Таму, по барање на Општината, парното ќе стигне на 1 ноември, во обид да се заштеди затоа што овие училишта имаат неплатен долг од 8 300 000 денари за изминатата грејна сезона.

За тоа дали градоначалникот на Општината, Стевчо Јакимовски, може да побара грејната сезона за основните училишта наместо од 15 октомври, како што е вообичаено, да почне две недели подоцна, Бислимоски рече дека тоа е одлука на самиот потрошувач. Како што нагласи, во Скопје моментално температурите се релативно високи, така што верува дека ќе нема никаков проблем.

Тој посочи дека сите скопски општини во изминатиот период се соочија со зголемени трошоци за топлинска енергија.

Ние токму за оваа категорија на потрошувачи во февруари годинава еднаш ја намаливме за 35 проценти цената за топлинската енергија и сега во јули ја намаливме за дополнителни 20-ина проценти со цел да ги растовариме пред сѐ основните училиштата, средните училишта и градинките – истакна Бислимоски.

Она што е важно е дека во текот на грејната сезона скопјани не треба да очекуваат промена на цената за парно греење. Таа треба да остане стабилна до следното лето, освен доколку не се случи драстична промена на цената на природниот гас на пазарот. Нема да има ниту проблеми ниту со снабдувањето со гас. Според првиот човек на РКЕ, пресметките сега се прават според цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават-час, а зголемување на износот што го плаќаат потрошувачите може да се случи само доколку оваа цена претрпи драстична промена, нешто за што Бислимоски не верува дека ќе се случи.

Во однос на снабдувањето со природен гас, претседателот на РКЕ посочи дека гасот во Македонија се испорачува од Турција преку таканаречениот Турски тек.

Нема никаков проблем за да дојде гасот. Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција којашто ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем – рече Бислимоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен