Цените во маркетите постојано растат, а особено високи се тие на зеленчукот и овошјето што не е карактеристично за месец септември. Доматите достигнаа цена и до 130 денари, пиперките за ајвар 80 денари, краставиците 70-80 денари. Цената на грозјето се движи меѓу 80 и 130 денари, пиперките 60 денари, а слични се цените и на пазарите.
Владата најави мерка дека ќе поевтинат над 100 производи, но таа уште се разгледува, наредната недела би се нашла на владина седница, а и прашање е колку ќе има реално поевтинување бидејќи најголемиот број на трговци веќе ги зголемија цените поради започнување на примената на Законот за нефер трговски практики кој беше изгласан на 13 март годинава, а прикрај е шестмесечниот период за приспособување и почеток на примената.
Со Законот, маржите на трговците се ограничуваат на максимум 10 отсто од производствената цена, што е значително намалување од сегашните 30-40 отсто. Се очекува оваа мерка да донесе пониски цени за потрошувачите и поголема правичност во трговијата.
За непочитување на законските одредби се предвидени глоби до 20 000 евра.
Министерот за економија Бесарт Дурмиши објаснувајќи ги „кошничките“ на премиерот Христијан Мицкоски, посочи дека ќе се прави ограничување на цените во одредено ниво или ограничување на маржата од пет до 15 проценти.
-Овие акциски кошнички ќе продолжат и во наредниот период ќе има, велигденска, рамазанска, зимска. Оваа мерка ќе биде доставена следната недела до владата со цел да се усвои и како што изјави Дурмиши веднаш ќе се започне со процедура да се почитува таа мерка.
За експертите се уште најавената мерка има доста нејаснотии, како прво не се знае колку време ќе траат одредените кошнички кои се најавени и кои производи конкретно ќе бидат со намалени цени.
Оваа најавена мерка доаѓа по пожестоките реакции на граѓаните во јавноста и во социјалните мрежи дека цените на храната континуирано се зголемуваат. За разлика од кај нас на светските берзи најголемиот дел од храната со месеци поевтинува, а соседните земји пак веќе реализираат мерки за поевтинување на цените.
С.Т.