Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Халими: Партијата на Курти ги заробува независните институции во Косово, се лизгаме во диктатура

 Портпаролката на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК), Сибел Халими оцени дека дејствијата на владејачката партија во Косово, Движење самоопределување (ВВ), против независните институции во државата се алармантни и диктаторски, јави дописникот на МИА од Приштина.

Коментирајќи ја вонредната седница на собраниската Комисија за јавна администрација, локална самоуправа, медиуми и регионален развој свикана во петокот за расправа за Независната комисија за медиуми (КПМ), Халими напиша дека јазикот и однесувањето на пратениците на партијата на премиерот Албин Курти кон членовите на КПМ наликувал на комитетите на поранешниот комунистички диктатор на Албанија, Енвер Хоџа.

– Дејствијата на власта се повеќе од политички интервенции, тоа се диктаторски дејствија. Јазикот и пристапот на пратениците на владејачката партија кон членовите на Независната комисија за медиуми наликуваше на комитетите на Енвер Хоџа. Сета оваа драма се случува, иронично, во домот на демократијата, во Собранието на Република Косово, напиша Халими на Фејсбук.

Таа порача дека седницата свикана од пратениците на ВВ треба да биде предупредување до сите за тенденцијата на власта да напаѓа, дисциплинира и контролира секое движење на поединци за кои смета дека „не одговараат на нивниот диктат“.

– Седницата свикана како вонредна од дел од пратениците на ВВ … е аларм што треба да ја разбуди свеста кај сите за опасниот тренд на владејачката партија да дисциплинира и да го контролира секое движење што не одговара на нивните диктати преку навреди и напади врз достоинството на поединци. Оваа власт го оцрнува интегритетот на сите, тоа е единствениот начин за да се зароби сè, можеби единственото нешто што знаат да го прават и за што дојдоа на власт, напиша Халими.

Според портпаролката на ЛДК, до крајот на мандатот на ВВ единствен резултат ќе им биде заробувањето на сите независни институции.

– До крајот на мандатот на оваа власт, единствен видлив резултат ќе биде заробувањето на сите независни институции. И за жал, никого не го загрижува тоа како оваа земја целосно се лизга кон диктатура, со чии последици сè уште не сме се соочиле и ќе ги видиме подоцна, кога дури и мислата ќе се контролира, напиша Халими на Фејсбук.

Во петокот во споменатата собраниска комисија беше свикана итна седница на која пратеници од редовите на ВВ побараа разрешување на Управниот одбор на КПМ, поради враќање кај некои кабелски оператори на преносот на каналите „Арена спорт“, кои беа забранети откако на нив беа објавени комерцијални пораки со кои се величаа српските напаѓачи во Бањска во северно Косово во септември минатата година.

Организации на граѓанското општество во Косово исто така ја критикуваа власта за односот кон независниот регулатор на медиумите. 

Зачлени се на нашиот е-билтен