ХЕРА: Правата мора да бидат достапни секому, без исклучок

Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Народниот правобранител и ХЕРА, како дел од Националниот механизам за мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, денеска во Центарот за социјални претпријатија во Скопје организираа настан посветен на спроведувањето на Конвенцијата во нашата држава.

Васка Бајрамовска Мустафа, државен советник од Тимот за мониторинг на Конвенцијата при Народниот правобранител, јавно порача:

„Со ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во декември 2011 година, државата се обврза да ги почитува правата на лицата со попреченост и да придонесе за достоинствен живот на овие граѓани преку унапредување, заштита и целосно уживање на сите човекови слободи и права. Согласно Конвенцијата, државата е потребно да создаде можности за вклучување на овие лица на еднаква основа со другите во сите општествени сфери. Но, лицата со попреченост не само кај нас, туку и ширум светот и денес се соочуваат со широк опсег на повреди на човековите права, вклучително и дискриминација, стигма и изолација, Многу лица со попреченост немаат пристап или имаат отежнат пристап до јавни добра и услуги, здравствена заштита, образование, социјални услуги базирани во заедницата и можности за вработување. Недостасува доследна и целосна практична имплементација на Конвенцијата, па оттаму потребни се уште многу напори од страна на сите нас, за да можеме да го наречеме нашето општество фер и инклузивно. Свесни сме за предизвиците, кои се системски и долготрајни, како и за потребата од оснажување на лицата со попреченост и подобрување на нивната информираност и свесност за правата кои ги имаат, како и за механизмите на заштита кои им стојат на располагање. Притоа го потенцирам значењето на учеството на лицата со попреченост кои во соработката со Народниот правобранител вршат активности за промоција, заштита и следење на остварувањето на правата согласно домашната и меѓународната легислатива.“

Програмската раководителка од ХЕРА, Весна Матевска, додаде: „Промената почнува кога ќе ги слушнеме потребите и проблемите на луѓето и кога ќе престанеме да ги игнорираме. Не смееме да дозволиме човековите права да зависат од добра волја, познанство или административна среќа. Секое лице, секој човек има права, но за да ги ужива правата мора да има и пристап до сите институции и услуги, образование, транспорт, здравство, култура… Во периодот на одбележување на 16 дена активизам за борба против семејно и родово засновано насилство, дополнително апелирам и за пристапност на специјализираните сервиси за поддршка на жртвите на семејно и родово засновано насилство, но и на Центрите за социјална работа и полицијата.”

За време на дискусијата, учесниците зборуваа за своите реални искуства:

⦁ отежнат пристап до функционална проценка по МКФ особено во стручните тела на Службата за функционална проценка на деца и млади во Скопје;
⦁ нередовна исплата на социјални услуги кон давателите, што влијае врз континуитетот и квалитетот на поддршката за корисниците;
⦁ необезбедени образовни асистенти за голем дел од учениците со попреченост, особено оние вклучени во основните училишта;
⦁ млад човек кој не може да влезе во матична амбуланта затоа што нема пристапна рампа;

„Овие лични приказни ја разоткрија реалноста дека иако правата постојат, пристапот до нивно остварување е отежнат. Лицата со попреченост секојдневно ги чувствуваат последиците од недоволната примена на законските решенија. Одговорноста на институциите е овие празнини да се надминат без одлагање.

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост мора да се применува доследно и на сите нивоа. Таа не претставува само меѓународна обврска, туку основа за креирање на инклузивни политики и програми, како и инклузивни сервиси и услуги на национално и локално ниво“ велат од ХЕРА

Зачлени се на нашиот е-билтен