Охрид доби нова шанса од УНЕСКО

Охрид

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот Регион засега да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност и им даде рок на Македонија и Албанија до 2031 година да го спроведат Стратегискиот план за рехабилитација. Одлуката беше донесена на 48. сесија на Комитетот во Бусан, Јужна Кореја.

Новиот рок не значи дека ризиците се отстранети. УНЕСКО оценува дека вкупниот напредок во справувањето со влошувањето на природните и културните вредности на регионот останува ограничен, а спроведувањето на корективните мерки и препораките од мисиите во 2020 и 2024 година е недоволно.

Како главни проблеми се наведуваат слабата прекугранична координација, бесправните градби, нерешеното урбанистичко планирање, развојниот и туристичкиот притисок, недостигот од сеопфатна стратегиска оцена на влијанијата и доцнењето на проектите за отпад и отпадни води. Комитетот предупредува дека нивниот кумулативен ефект предизвикува сериозно влошување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион.

Од Македонија се бара да ја забрза процената на влијанието на бесправните градби и да примени корективни мерки, вклучувајќи отстранување каде што е потребно. УНЕСКО бара и запирање на измените на деталните урбанистички планови и одобрувањето локални развојни планови надвор од населбите, сè додека не биде изработена оцена што ќе покаже дека нема негативно влијание врз заштитените вредности.

Комитетот повторно бара забрзана подготовка на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, законска заштита на Охридското Езеро како споменик на природата и прогласување на Студенчишкото Блато за парк на природата. Посебно е изразена загриженост поради продолжувањето на комплексот „Горица 3“, за кој се бара запирање до завршување на потребните стратегиски и проектни оцени.

За железничкиот дел од Коридорот 8 се бара да бидат разгледани алтернативни траси и сите студии да бидат доставени до Центарот за светско наследство пред да се донесат одлуки што тешко би можеле да се поништат. До завршувањето на проверката, УНЕСКО бара проектот да не се спроведува.

Македонија и Албанија треба до 1 февруари 2027 година да подготват заедничка рамка со конкретни мерки, рокови и одговорни институции. Потоа ќе доставуваат годишни извештаи до 2031 година, а Комитетот ќе следи дали е постигнат суштински и мерлив напредок и може повторно да го разгледа впишувањето на регионот на Листата на светско наследство во опасност.

Владата претходно соопшти дека ќе ги спроведува препораките и ќе ја продолжи соработката со Албанија за долгорочна заштита на регионот. Во одлуката е поздравено формирањето координативно тело и дел од преземените законски, научни и инфраструктурни активности, но тие сè уште не се оценети како доволни за отстранување на опасностите.

Најчитано