Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје организираше панел-дискусија на тема „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“, која се одржа на 29.06.2023 во Скопје.
Драгана Дрндаревска од „Коалиција Маргини“, на панел-дискусијата укажа дека антиродовите движења „веќе се препознаваат и од европски институции како сериозна закана на демократијата, и медиумите имаат обврска да ги врамат во тој контекст, да не им дозволуваат премногу простор за говор на омраза, за изразување на вакви ставови засновани на невистини…“.
Според Дрндаревска, „она што го прави МПЦ, јас сметам дека медиумите треба да го врамат како религиозен фундаментализам“, укажувајќи дека станува збор за авторитарна манипулација со религија и употреба на екстремни толкувања на религија за политички цели. „Ова што го гледаме сега е толкување на религијата со цел да се негираат правата на другите, крајната цел е тие да ја прошират и да ја задржат својата политичка моќ“, истакна Дрндаревска.
Кире Василев, од Дијалог – Центар за делиберативна демократија, истакна дека говорот на омраза може да е и посуптилен и затоа непрепознатлив: „Но, говорот на омраза може да е и посуптилен и затоа непрепознатлив за многумина. Имено, употребувајќи вакви елементи од моќни наративи тие свесно или несвесно отвораат врати за стравотни интерпретации што ги сведочиме во параноични изјави дека, на пример, со законот за родова еднаквост ќе се воведе некаков си тоталитаризам, ќе се укине бракот, ќе се распадне семејството, ќе се злоупотребат децата, итн. Дури и да не е искажан директен говор на омраза, и директна дискриминација, ваквите изјави и формулации воопшто не се наивни, бидејќи тие ја наведуваат публиката до одредени заклучоци кои резултираат со страв, паника, агресија, омраза, итн.“
Според Василев, потребно е „итно заострување на уредувачките политики на медиумите и јасно позиционирање против радикалните идеологии, да не се инструментализира, на пример, поимот слобода на говор за да правиме простор за некакви радикали, кои постојано ги прекршуваат основните човекови права и основите на демократскиот систем…“ . Василев смета дека уредничките политики треба да подразбираат и отстранување на оние коментари кои што се извори на дезинформации и говор на омраза.
Вики Младенова, докторантка на меѓународни студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол, укажа дека слободата на изразување не е неограничена, дека „има легитимни цели за ограничување на таа слобода“, во случаи на „одземање или побивање на туѓите права и слободи“.
Младенова истакна дека и квир лицата имаат право да негуваат вредности на заедништво, семејно живеење и на љубов: „Нашите квир пријатели не се демони…, тие вредностите на заедништво, вредностите на семејно живеење, вредностите на љубовта, ги позиционираат како едни од најважните во нивните животи“.
Давид Тасевски, од „Скопски квир центар“ на панел дискусијата упати пораки кон медиумите да не прават текстови кои се насочени кон кликови и да бришат коментари со говор на омраза: „Се додека не реагираме, поттикнуваме нови коментари, поттикнуваме во иднина да има дела од омраза“.
Според Тасевски, без почитување на законите, и без воспоставување на пракса на казнување, не можеме да се справиме со говорот на омраза: „Прво кога би тргнале да си ги почитуваме законите мислам дека би се справиле со говорот на омраза. Кога ќе воспоставиме пракса на казнување на говорот на омраза, автоматски, верувам, дека ќе видиме и намалување на истото.“
Жарко Трајаноски, од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, упати повик до јавниот обвинител да реагира во врска со говорот на омраза врз основа на род, родов идентитет и сексуална ориентација: „Треба да се потсети обвинителството дека треба да реагира на овие што сега шират говор на омраза врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација, затоа што истите основи стојат и во Законот за јавно обвинителство.“
Според Трајаноски, „овој феномен на дезинформации засновани на род и сексуална ориентација станува глобален проблем“, а и безбедносен проблем, кој треба да биде адресиран не само од медиумите, туку и од надлежните институции: „Не само што медиумите се должни да се придржуваат на своите обврски, да не шират говор на омраза, да се борат против говорот на омраза, и да не шират дезинформации и да спречуваат дезинформации, туку и институциите на системот треба да спречат создавање на безбедносни проблеми и натамошна поларизација во општеството.“