Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Индија гради поморска база во близина на Малдиви во екот на тензии меѓу двете земји

Индиската војска денеска соопшти дека планира да изгради нова поморска база југозападно од нејзиниот брег, во близина на Малдивите, во услови на зголемени тензии меѓу двете земји поради блиските врски на Малдивите со Кина.

Во соопштението на индиската морнарица се наведува дека поморската база ќе биде изградена на Миникој, најјужниот остров на архипелагот Лакшадвип, кој се наоѓа на само 80 километри северно од Малдивите, а подетален план ќе биде објавен задутре.

Се додава дека новата база значително ќе го прошири оперативниот опсег и ќе ги олесни напорите на индиската морнарица за борба против пиратеријата и трговијата со наркотици во западното Арапско Море.

Во него се наведува и дека базата е дел од политиката на „постепено зголемување на безбедносната инфраструктура на стратешки важните острови“.

Тензиите меѓу Малдивите и Индија се зголемија по изборот на Мохамед Муизу за претседател на Малдиви минатата година.

По доаѓањето на власт, тој прво ја посети Кина, а не Индија, а во февруари побара од Индија да го замени воениот персонал што управува со авионите за хуманитарна служба со седиште на Малдиви со цивилен технички персонал. Се верува дека најмалку 75 индиски војници се наоѓаат на Малдивите, а нивните активности вклучуваат транспорт на пациенти од оддалечените острови и спасување луѓе на море. 

Зачлени се на нашиот е-билтен