Инженерите ќе бараат фер фактурирање на струјата од Регулаторната комисија

Здружението Инженери на Република Македонија (ИНРМ) денеска ќе одржи средба со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, за да ги изнесат своите забелешки за, како што велат, штетните практики во фактурирањето на електричната енергија.

Од здружението истакнуваат дека ќе бараат: Укинување на проценетото фактурирање, Воспоставување фер и транспарентен систем на наплата, Решение за случаи кога операторот не ги отчитал мерните уреди навреме.

Дополнително, инженерите ќе ја изразат својата загриженост за непристрасноста и независноста на членовите на РКЕ, посочувајќи дека неправилностите се присутни уште од воведувањето на блок-тарифите во јули 2022 година.

Реакцијата на ИНРМ е поттикната од големиот број поплаки од граѓаните за нереално високи сметки за струја. Анализирајќи ги законските регулативи, утврдиле неправилности и поднеле претставки за нивно надминување.

РКЕ на 20 март одржа подготвителна седница, на која предложи измени на правилата за снабдување, со што повторно се овозможува проценето фактурирање, велат од здружението.

– Оваа практика не е предвидена со Законот за енергетика, а носи финансиска штета за потрошувачите и дополнителни приходи за операторот.

Од ИНРМ најавуваат дека ќе реагираат и на постапката за свикување на подготвителната седница, тврдејќи дека истата е спроведена спротивно на законските рокови.

Зачлени се на нашиот е-билтен