Истражување: Чешка се соочува со рекорден број дезинформации

Резултатите од најновото истражување на чешкиот вебсајт „Вокспот“ заедно со ИТ здружението „Друит“ покажуваат дека Чешка пред парламентарните избори се соочува со огромен број дезинформации. Според истражувањето, веб-страниците што шират дезинформации во Чешка објавуваат околу 120 текстови дневно.

Анализата на 360.000 објави на 16 платформи во текот на изминатите 25 години покажа дека серверите за дезинформации во Чешка секојдневно објавуваат повеќе статии од најголемите чешки медиумски куќи, честопати правејќи го тоа тајно со помош на финансии од Русија или субјекти блиски до Москва.

Околу 10 проценти од статиите се директни преводи на текстови од државни руски медиуми и оние контролирани од Кремљ, како што се Спутник и РТ, или други веб-страници поврзани со руската пропагандна машина.

Од вкупно 20.975 статии што цитираат руски пропагандни извори, повеќе од 7.000 се од државната агенција Спутник, 4.000 од телевизијата РТ и повеќе од 2.000 од РИА Новости, се наведува во извештајот.

ЕУ ги забрани овие медиуми по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Согласно чешките закони, за прекршителите предвидени се казни до 50 милиони круни (два милиони евра) или осум години затвор.

Едни од најголемите дистрибутери на лажни вести е веб-страницата Цз24њуз“, кои објавуваат до 2.000 вести месечно и имаат околу три милиони посетители, како и „Зведавец“, „Нова република“, „Протупроуд“ и Aц24.

Извештајот укажува на вообичаена тактика што руските пропагандни кампањи често ја користат во Европа, односно количината на дезинформации се зголемува како што се приближуваат изборите. Парламентарните избори во Чешка ќе се одржат на почетокот на октомври.

„Вокспот“ наведува дека во пресрет на изборите, месечно се објавуваат околу 4.000 невистините написи, што е највисока стапка во историјата на земјата, а нивната цел е да предизвикаат недоверба во западната демократија и политичките лидери и да создадат попозитивно јавно мислење за Русија.

Во некои текстови се тврди дека Украина банкротирала или се обвинува Брисел дека се меша во чешките избори. 

Зачлени се на нашиот е-билтен