Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е оптимист дека денеска може да се постигне договор за измените на Изборниот законик, поврзувајќи го застојот со несогласувањата меѓу опозициските партии и со прашањето за гласањето на дијаспората.
Одговарајќи на новинарско прашање за шансите да се донесе законот, со што Македонија би обезбедила над четири милиони евра од европскиот План за раст, Мицкоски рече дека владината коалиција е подготвена да го поддржи текстот што ќе го усогласи опозицијата, доколку во него остане можноста за гласање на дијаспората.
„Не сум оптимист за носењето на Изборниот законик затоа што имаме работа со неодговорни и незрели политичари во опозицијата“, изјави Мицкоски за време на посетата на скопската општина Сарај.
СДСМ јасно објаснува дека власта манипулира кога го претставува законот како европски услов, додека Мицкоски упатува на изјавите на еврокомесарката за проширување Марта Кос, која при посетата на Скопје порача дека усвојувањето на Изборниот законик е дел од реформите поврзани со Планот за раст.
Кос претходно изјави дека Македонија исполнила 90 отсто од реформите што требало да бидат завршени до 15 јули, а преостанатиот дел се однесува на Изборниот законик. Таа повика на политички консензус, наведувајќи дека усвојувањето на законот ќе овозможи исплата на повеќе од четири милиони евра.
Во истата изјава, Кос направи разлика меѓу Планот за раст и пристапниот процес. Според неа, изборното законодавство е дел од реформскиот пакет поврзан со финансиската поддршка од ЕУ, додека за формално отворање на кластерите останува условот од преговарачката рамка – уставните измени.
