„Ако некој разговара со ЕУ на дневно ниво, тогаш тоа го прават Северна Македонија и Албанија кои водат скрининг процес. Сите процеси кои се одвиваат кај нас, се комуницирани со ЕУ“ рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за измените на Кривичниот законик.
Тој додаде дека измените се направени во согласност со законодавствата кои важат во ЕУ, наспроти казните претходно кои биле остаток од некое комунистичко време.
„Во Германија, членот кој кај нас се коментираше дека дел од него веќе нема, е ист таков. Висината на казните, ако ги споредиме со Словенија, сега се на исто ниво“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека ова се промени кои влијаат на ефикасноста и ефективноста на целиот систем, бидејќи сега имаме рокови кои постојат во ЕУ и казни кои пропишуваат проширена конфискација.
„Воведена е проширена конфискација, која значи дека низ поедноставна постапка може да се заплени имот стекнат на незаконски начин, што досега беше најголема забелешка на граѓаните. Дека има случаи кои се водат со години, а никаков имот не е конфискуван“ рече Ковачевски.