Израел го продолжува примирјето со Хамас по воздушните напади и 33 жртви во Газа

И покрај кршењето на прекинот на огнот и загинати израелски војници, Израелската армија најави продолжување на примирјето со Хамас, под притисок од САД. Хуманитарната помош се очекува да продолжи утре.

Израелската армија вечерва објави дека го продолжува примирјето во Појасот Газа, откако претходно во текот на денот започна воздушни напади откако го обвини Хамас за кршење на примирјето.

Палестинската цивилна одбрана соопшти дека најмалку 33 лица се убиени во израелските воздушни напади.

Израелската армија соопшти дека погодила десетици цели на Хамас, вклучувајќи команданти на терен, вооружени борци, тунел и складишта со оружје во палестинската енклава, во услови на меѓусебни обвинувања меѓу Израел и палестинската група за кршење на примирјето посредувано од американскиот претседател Доналд Трамп, кое стапи на сила на 10 октомври.

Израелската армија соопшти дека двајца нејзини војници се убиени. Според соопштението од прес-службата на ИДФ, двајцата војници биле убиени за време на борбите во јужниот дел од енклавата, а друг војник бил сериозно повреден и однесен во болница во Израел.

Според израелските медиуми „група вооружени палестински борци излегле од подземен тунел во областа на градот Рафа и испалиле противтенковски проектил кон возилото во кое се наоѓале двајцата убиени војници. Малку подоцна, еден израелски војник бил застрелан во истата област, при што бил тешко повреден“.

Израел денеска изврши неколку воздушни напади во Појасот Газа и објави дека ја суспендира хуманитарната помош за енклавата како одговор на нападите врз неговите сили.

Претставник на израелските безбедносни сили изјави дека приемот на хуманитарна помош за енклавата е суспендиран до понатамошно известување, по „јасното кршење на прекинот на огнот“ од страна на Хамас.

Сепак, израелските медиуми објавија дека испораките на хуманитарна помош ќе продолжат утре, по притисокот од САД.

Зачлени се на нашиот е-билтен