Израелската армија ја заврши прелиминарната истрага за смртта на повеќе од 100 Палестинци кои загинаа во близина на камион со хуманитарна помош минатата недела и заклучи дека израелските сили не отвориле оган, туку Палестинците загинале во метежот што настанал кога се стрчале кон камионите со храна, соопшти денеска воениот портпарол.
Палестинските власти тврдат дека израелските сили го извршиле масакрот, отворајќи оган врз толпата луѓе кои се собрале со надеж дека ќе се дели храна.
– Израелската армија (ИДФ) ја заврши првичната истрага за несреќниот инцидент во кој цивили од Газа беа прегазени и ранети кога нападнаа конвој, изјави денеска портпаролот на израелската војска, адмирал Даниел Хагари.
Тој додаде дека во истрагата се користеле информации собрани од команданти и сили на теренот и оти е заклучено дека немало израелски напади во правец на хуманитарниот конвој.
Во военото соопштение е наведено дека биле испукани „предупредувачки истрели“ за да се растера масата народ и кога војниците почнале да се повлекуваат, им пришле неколку крадци кои претставувале непосредна закана.
Војниците одговориле со пукање во неколку лица, се додава во соопштението.
Тој извештај е во целосна спротивност со тврдењата на здравствените власти во Газа кои минатата недела рекоа дека најмалку 112 луѓе биле убиени, а стотици биле ранети кога израелските сили отвориле оган врз цивили на локација за дистрибуција на помош.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека станува збор за „масакр извршен од израелската окупаторска армија врз луѓе кои чекале камиони со помош на кружниот тек Набулси“, пренесоа агенциите.
Министерството за надворешни работи на Франција оцени дека „огнот на израелските војници врз цивили кои се обидуваат да дојдат до храна е неоправдан“.
Советот за безбедност на ОН вчера изрази длабока загриженост поради недостигот на храна во Газа и повика на непречена испорака на хуманитарна помош.
Помошта за Појасот Газа, кој е под израелска блокада од 2007 година, сега пристигнува во ограничени количини главно преку граничниот премин Рафа од Египет и е предмет на израелска контрола.
Транспортот на помош, особено на северот на Појасот Газа, е отежнат од борбите, израелските бомбардирања и урнатините што ги блокираат патиштата, како и кражбите.
Според последните податоци на Хамас, 118 луѓе загинале, а 760 се ранети кога израелската армија отворила оган врз изгладнети Палестинци кои чекале хуманитарна помош.
Тим на ОН соопшти дека голем број од жртвите имале прострелни рани.
Портпаролот на израелската војска Хагари, сепак, вели дека нема основа за тврдењето дека израелските војници го нападнале конвојот и намерно гаѓале палестински цивили. ј