Кога режисерката Јана Маричиќ ја подготвувала „Коштана“, нејзината претстава за слободата, завистa и насилството врз жените – драмата зазела сосема поинакво значење.
Не затоа што се променил текстот на Бора Станковиќ. Туку затоа што се променил светот околу нас.
Маричиќ отвора врата кон најмрачните слоеви на патријархатот – не како книжевна археологија, туку како дневна хроника, правна немоќ и институционален крах. Во тој свет, како што вели, „мртов систем ги штити живите насилници“.
Затоа ова интервју не е само за театар.
Ова е приказна за стравот, слободата, злосторството и тишината.
И за еден настан што ја променил, засекогаш.

„Ова не е драма за жените како жртви – туку за мажите кои ги повредуваат“
РАЦИН: Коштана често се чита како трагедија на талентот, слободата и заробената женска индивидуалност. Кој е по ваше мислење, нејзиниот најдлабок и најретко прочитан слој?
Маричиќ: Тоа е оној слој кој ретко се гледа: ова не е приказна за жените, туку за мажите и она што тие им го прават на жените. Често фокусот е ставен на женската жртва, а со тоа се заборава изворот на насилството – мажите.
Нашата „Коштана“ е свртена кон тој механизам: критика на машкото однесување, на Хаџи Тома и на сите што ја казнуваат женската слобода. Толкувањето на жените како жртви е пасивно — ништо не менува.
За заштита – мора да го осудиме однесувањето што ги повредува.

„Во патријархатот, вистинската љубов не смее да опстане“
РАЦИН: Односот на Митке и Салче во вашата поставка станува клучен емоционален контрапункт. Дали тоа има поголема тежина како лична приказна или метафора на општеството кое ги пропушта своите шанси?
Маричиќ: Јас бев многу среќна што работам со Дејан Лилиќ, затоа што ова ми е прва соработка со македонски актер, а претходно од колегите се изнаслушав дека Македонските актери се најдобрите актери од Балканот, потоа на второ место се српските и на трето се хрватските. Тој е потполно откровение за мене во оваа улога, улогата на Митке. Не сум го гледала претходно во ваква улога, тоа што го имам гледано, биле урбани карактери кои тој исто така вешто ги одглумува. Бев многу среќна што тој се приклучи кон нашата екипа, а тој и Маја Цветковиќ се актерски пар од претходно и баш добро се знаеја и беа потполно синхронизирани на сцената. Е сега да се вратам на прашањето. За мене тоа е контрапункт на токсичната љубов Стојан–Коштана, која е полна со насилство и вина.
Митке и Салче се неостварената, чистата, невозможната љубов во патријархално општество.
Ако љубовта е хармонична – тоа општество ја казнува.
Затоа тие се плашат да ја оживеат повторно: во систем во кој партнерството не смее да биде рамноправно, чистата љубов мора да остане сон, во спротивно ќе биде упропастена.
„Уметникот мора да ја соголи вистината, колку и да боли“

РАЦИН: Коштана често се смета за реализам. Колку традицијата во оваа поставка на Коштана смее да ве обврзе, а колку смее да ве предизвика?
Маричиќ: Ја почитував традицијата само во костимите, симболите и психолошките односи.
Но, големите уметници не пишуваат за „фини луѓе“, туку за она што се случува зад затворени врати.
Во јужна Србија имав многу забелешки за сцената на силување – луѓето сакаат од Бора Станковиќ да направат мит, но тоа е лицемерие.
Човекот се менува само во облеката.
Сè друго – останува исто.

„Музиката не е декор – тоа е крикот на живиот човек“
РАЦИН: Во вашата поставка на Коштана музиката и звукот стануваат посебна драматургија. Што сакате вашата публика да почувствува?
Маричиќ: Сакам публиката да се поистовети со времето, да го почувствува распадот.
Затоа ја заменив традиционалната музика со Силвана Арменулиќ, Верица Шерифовиќ и Шабан Бајрамовиќ.
Оригиналната музика е музејски артефакт, создава дистанца.
Јас сакам живи, сурови ликови, не стилизирани сенки.
Музиката е крвта на тие луѓе.
„Патријархатот се плаши од слободните жени — не од морал, туку од завист“
РАЦИН: Дали темата за слобода на жената е денеска уште поболна отколку во времето кога драмата е напишана?
Маричиќ: Да. И тоа не само поради контрола, туку поради машката завист.
Хаџи Тома ѝ завидува на Коштана затоа што таа е слободна, талентирана, игрива, бескомпромисна.
Тој мора да остане татко, сопруг, морален столб со измислен углед.
Таа нема ништо – но има слобода.
И токму затоа ја казнува.
И денес, мажите често се плашат од жени кои се подготвени сè да изгубат, затоа што знаат дека утре можат повторно да се родат.

„Луѓето се исти, само желбите и стравовите им станале поскапи“
РАЦИН: Што од првата поставка на Коштана па сѐ до оваа, денес е заедничко искуство за публиката?
Маричиќ: Основните психолошки механизми се исти низ векови: завист, инфериорност, контролирање, потреба за доминација. Закони можат да се променат – природата на човекот не.
Современиот свет е материјализиран, непродуховен. Општеството е исто – само декорот е нов.

РАЦИН: Дали постои некој личен момент кој посебно ве инспирираше и ве приближи до оваа драма?
Маричиќ: Да. И не е нешто што ми се случило мене — туку нешто што ме разори како човек и педагог.
Многу ме потресе сведоштвото на Милена Радуловиќ за силувањето од Мика Алексиќ – нејзиниот професор. Јас сум особено чувствителна кон позицијата на педагог, затоа што и самата предавав глума. Знам каква моќ има педагог врз млади души.
Да злоупотребиш малолетни девојчиња – во 21 век, во европски главен град – и да не сносиш последици, тоа е пораз на државата. На правосудството. На општеството во кое ги растам моите деца.
Фактот дека тој човек сеуште се брани од домашен притвор и дека судењето се одложува, можеби до неговата смрт – тоа е траумата што не можам да ја поднесам.
Потоа следеше и личен удар:
Не ми го продолжија договорот на Академијата, бидејќи ги поддржав студентите. Колегите беа отпуштени со лажни обвиненија. Единаесет професори поднесоа оставки од солидарност. Академијата денес нема предавачи, но има политичка поддршка — и сѐ продолжува како ништо да не се случило.
Живееме во земја која ги штити насилниците, а ги казнува оние што се борат за правда.
Тоа е причината зошто ја направив Коштана.
Од гнев. Од болка. Од потребата да викнам наместо да молчам.
Никогаш не се опоравив од сознанието дека живеам во општество кое не може да го заштити детето од наставникот, ученичката од професорот, жената од мажот.
* Го завршуваме ова интервју кое не зборува само за претстава. Зборува за систем што дозволува тишината да биде поважна од правдата. За уметница која се бори против тоа. И за „Коштана“ – драма која на сцена пулсира како нашата стварност, а не како музејска фолклорна реликвија.
А вистината е остра: Кога силувачот останува неосуден, целото општество станува соучесник.

