Кај Пробиштип откриена населба стара 3.000 години – ѕидот сè уште стои

Населба стара 3.000 години е откриена кај пробиштипското село Дренок, а археолозите пронашле дел од праисториска куќа со зачуван ѕид долг 6,8 метри. Наодите на локалитетот „Тумба Сред Село“ откриваат нови детали за животот во источна Македонија во доцното бронзено време.

Како што објави ТВ Стар, годинашните истражувања потврдиле дека станува збор за значајна населба поврзана со културната група Уланци. Покрај остатоците од куќата, била пронајдена и богата колекција рачно изработена керамика, карактеристична за периодот пред повеќе од три милениуми.

Локалитетот го откриле археолозите Дамјан Донев и Радомир Ивановиќ при теренски истражувања на подрачјето на Пробиштип и Кратово. Годинашните ископувања се одвивале под раководство на археологот Златко Видески, со стручен тим од Националниот археолошки музеј.

Иако дел од населбата е оштетен од ерозија и понови интервенции, зачуваните структури и предмети овозможуваат да се реконструира начинот на кој луѓето граделе, живееле и изработувале садови во доцното бронзено време.

Од Археолошкиот музеј оценуваат дека локалитетот е важен извор за проучување на праисторијата во овој дел од Македонија и дека отвора простор за нови истражувања. Проектот е дел и од годишната програма на институцијата за 2026 година.

Најчитано