Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ќе се судри ли Мицкоски со Тошковски за катната гаража кај Собрание или сите ќе добијат, како што најави премиерот?

Државата планира да го експроприра земјиштето во непосредна близина на македонското Собрание и да го врати во државна сопственост, откако МВР не даде согласност на таа површина да се гради катна гаража, оценувајќи дека изградба на комерцијален објект до Собранието е безбедносен ризик и може да предизвика импликации во работењето на институциите.

Ова денеска го соопшти премиерот Христијан Мицкоски рече дека мора да се води сметка ниту една страна да не биде оштетена.

– Точно е дека е небезбедно македонското Собрание со изведба на овој објект. Но мораме да водиме сметка, инвеститорот да не биде во загуба затоа што некој во минатото се однесувал незрело. Затоа на состанок ќе седнеме да најдеме начин во кој сите ќе добијат. Да немаме оштетена страна, од една страна мора да се зачува безбедноста на македонското Собрание, а од друга страна со компанијата да најдеме начин сето тоа во законска процедура да се експроприра и истата да се обесштети за тоа што некој некогаш тоа го направил без да води сметка за безбедниот интерес на македонското Собрание – изјавил Мицкоски.

Она што треба јавноста да го знае е дека вакво мислење од МВР за безбедносните аспекти за изградбата на катна гаража веднаш до Собранието било побарано уште во февруари оваа година кога претседател на Собранието беше Јован Митрески. Тогаш, и после неколку ургенции МВР не се произнесе по ова прашање. На чело на МВР тогаш како технички министер беше Панче Тошковски, а сега кога МВР дава мислење дека гаража до Парламентот е безбедносен ризик, Тошковски е политички министер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Прашањето за изградбата на катна гаража стана повторно актуелно пред еден месец кога инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража, но хронологијата на ова поигрување со слабостите на системот и со безбедносните ризици има подолга историја.

Хроника на изградбата на катната гаража

Во хрониката за изградба на оваа катна гаража стои дека на локацијата каде што е предвидено да се изгради катната гаража, претходно било планирано подземна гаража и тоа за потребите на Собранието. Сепак, под налетот на Скопје 2014 и со промена на ДУП-от за потребите на овој проект, подоцна на истата маркица се испланирала катна комерцијална гаража за која било спроведено електронското јавно наддавање за отуѓување на градежно неизградено земјиште сопственост на Република Македонија од страна на тогашното Министерството за транспорт и врски на 18 јуни 2013 година.

Маркицата од 2013 година каде што треба да се изгради катната гаража

Почетната цена на земјиштето изнесуваше 1.850 денари од квадратен метар за градежната парцела со површина од 2.455 m². Јавното наддавање траело околу еден час, а учество земале три компании: АНГО дооел, Сити Централ Интернационал дооел и ВИП проект. На првото место се најде АНГО дооел, со највисока понуда од 8.355 денари за метар квадратен.

Под притисок на јавноста и реакциите поврзани со Скопје 2014, а на иницијатива на тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ, во 2018 година Општина Центар го поништи одобрението за градба на инвеститорот „АНГО ДООЕЛ“ Скопје.

Правна основа за ова решение на Општина Центар било пробивањето на законски предвидениот рок за отпочнување со градење, согласно членот 66 од Законот за градење, според кој рокот за почеток на градба е 2 (две) години од правосилноста на одобрението за градење (2014), во спротивно одобрението за градење престанува да важи.

Подоцна решението на Саша Богдановиќ било поништено од страна на Уставниот суд по жалбата на инвеститорот.

Следувало уште еден, нов управен акт од страна на Општина Центар во 2012 година, кога повторно поради непочитување на рокот за започнување на изградба на конкретниот објект во рок од 2 години, било донесено Решение за огласување на Одобрението за градење за ништовно. Министерството за транспорт и врски – секторот за нормативно-правни работи, по вложена жалба од страна на Инвеститорот, жалбата ја отфрли како неоснована, а Решението на Општина Центар-Скопје го потврди.

Но, инвеститорот „АНГО дсооел“ покренал нова жалбена постапка до Управниот суд, кој на крајот на декември 2021 година преку донесената Пресуда ја прифати тужбата на инвеститорот и со тоа поништени се и Решението на Министерството за транспорт и врски, а со тоа и на Општина Центар-Скопје.

Пресудата станала правосилна и сѐ уште е правосилна и врз основа на неа од инвеститорот „АНГО дооел“ во декември минатата година беше најавена постапка за почеток на изградба на комерцијална катна гаража во непосредна близина на Собранието.

Панче Тошковски бил адвикат на АНГО дооел

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски бил адвокат на фирмата која започнува со активности за изградба на катна гаража до Собранието, на која на два пати ѝ беше оспорено и поништено одобрението за градба од Општина Центар.

Дека Панче Тошковски бил застапник на „АНГО дооел“, фирмата што во 2013 година на јавно наддавање ја доби маркицата за катна гаража во непосредна близина на Собранието на Република Северна Македонија во предметот со број У-3.бр.20/2021 во Управниот суд.

Во овој предмет Панче Тошковски, како застапник на „АНГО дооел“, покренал тужбена постапка за против Решението на Градоначалникот на Општина Ц. УП1 бр.27-300/2014 од 02.10.2020 година, со кое е огласено за ништовно издаденото Одобрението за градење УП1 бр.28-300 од 26.08.2014 година.

Незадоволен од вака донесеното решение, тужителот (АНГО) преку полномошник Панче Тошковски поднесе тужба за управен спор против решението, со укажување дека тужителот како инвеститор се стекнал со одобрение за градење УП1.бр.28-300 од 26.08.2014 година и кое станало правосилно на ден 10.09.2014 година и кој бил должен да отпочне со градба најдоцна до 10.09.2016 година и дека тужителот во законски рок односно на 08.09.2016 година започнал со градба, на начин што на предметната локација е донесен багер и е вршен ископ на земја и шут, а биле донесени и поставени градежни материјали и бил составен градежен дневник.

Од ова укажување се гледа дека градежните работи на објектот катна гаража кај Собранието започнале само два дена пред рокот на одобрението за градба што адвокатот Тошковски го искористил како аргумент во предметот на Управен што го добил во полза на неговиот клиент „АНГО дооел“.

Оваа пресуда во полза на „АНГО дооел“, како резултат на талентот на Тошковски, е основата врз која „АНГО“ ги започнале активностите за изградба на катната гаража на почетокот на оваа година за што Рацин.мк вчера го објави текстот со наслов „Се будат злите духови на Скопје 2014 – Фирмата што во 2013 доби дозвола, започнала со активности за изградба на катна гаража до Собранието“.

Инаку од самата биографија на Тошковски, поднесена до Собранието, може да се види дека во периодот од 2008 до 2011 година бил советник во Министерството за транспорт и врски, работел на акти во врска со градежното земјиште и земјишната политика, а таму членувал и во комисии за концесии и јавни наддавања за градежно земјиште.

Овој период се совпаѓа со промоцијата на „грандиозниот“ проект Скопје 2014 во 2010 година, а Министерството за транспорт и врски беше носител на најголемите и најскапите објекти во овој проект.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Најново