Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кочо Рацин: 115 години од раѓањето на безвременскиот поет и инспирација за многу генерации

На 22 декември се навршуваат 115 години од раѓањето на Кочо Рацин, поетот и револуционер кој имал поддршка и од европската левица предводена од славните интелектуалци Ромен Ролан и Анри Барбис

Подготвил: С. Синадинов

Коста Апостолов Солев е роден на 22 декември 1908 година во Велес, во семејството на сиромашниот грнчар Апостол Солев. Биографските податоци велат дека поради сиромаштија го прекинал школувањето во II клас нижа гимназија и му се посветил на татковиот, грнчарскиот занает, но продолжил, со голема жар, со самообразувањето, студирајќи ги делата на најистакнатите марксисти, социолози, писатели и мислители.

Меѓу двете светски војни станал член на Комунистичката партија на Југославија. КЛучна година во неговото творештво и револуционерна дејност е 1939 година, кога во Самобор (близу Загреб), била отпечатена стихозбирката „Бели мугри“ на македонски јазик. Иако забранета, книгата сепак брзо се раширила меѓу македонското население.

Во 1941 година Рацин работел во Софија, но по загинувањето на Коле Неделковски, гонет од софиската полиција, избегал во Скопје. Работел во Народната библиотека, а живеел илегално. Малку подоцна им се приклучил на партизанските одреди. Го издавал весникот „Илинденски пат“, работел во партизанската печатница и подготвувал нова книга за печатење.

Трагично загинал по несреќно недоразбирање во партизанската база на планината Лопушник на 13.6.1943 година, каде што бил партизан кому му било одземено оружјето бидејќи бил исклучен од Коминистичката партија на Македонија заради непослушност.

Рацин.мк во март годинава во неколку продолженија ги приопшти сеќавањата на Антун Колендиќ, револуционер, современик, но пред сè близок другар на Кочо Рацин. Се запознале на почетокот на 30-те години од минатиот век и поминале разни премрежја во нивната револуционерна борба за слободата и самостојноста на Македонија како дел од некогашна СФРЈ.

Славните интелектуалци Ромен Ролан и Анри Барбис со поддршка за Кочо Рацин

Колендиќ во неговите сеќавања пишува за провалата и апсењето на комунистите, кон крајот на 1933 година во Македонија, кои предизвикале големо интересирање. Особено кога, во врска со таа провала, во Загреб е уапсен и под тешка стража е доведен во Скопје, Стеван Галогажа, книжевник и познат издавач на популарни левичарски списанија.

Список на делегатите на КПЈ на конгресот во Дрезден 1928 година и извештајот на Рацин

„Во тоа време јас веќе бев курир на Централниот комитет на КПЈ и добив наредба, од Загреб, да отпатувам веднаш за Скопје, каде што ќе го испитам целиот тек на провалата, нејзиниот обем и вистинската ситуација во врска со партиската организација на теренот. При собирањето на материјалите за извештајот упаден беше фактот дека властите, по директива од Белград, се стремеа да ја заташкаат работата и да ја прикажат како „… обид на загрепскиот комунист Галогажа да ровари по ‘Јужна Србија’, обид кој не му успеа, зашто единствено придоби еден занесеник-поет…“, пишуваше Колендиќ.

Многу комунисти и работници, откако биле претепани во полицијата, или биле испратени во казнените баталјони на војската или биле интернирани, односно добар дел од нив се пуштени дома – но под полициска контрола! Властите не сакале некој голем монстр-процес на комунистите во Македонија, кој би го покажал вистинското лице на диктатурата.

„Дополнително, по директива на Партијата, присуствував и на судењето на Рацин и Галогажа, кое е одржано во Загреб. Целиот тој мој, опширен, писмен извештај постои – или барем постоеше до 1949 година во Архивата на ЦК КПЈ и во него има интересни податоци како за апсењето на комунистите во Македонија така и за самиот Рацин, неговото држење и мачење во полицијата, говорот во судот итн. Од судењето се сеќавам на многу импресивниот и подробен Рацинов опис на мачењето во скопската полиција. Со шкрти зборови, а далеку повеќе со мимика и движења, Рацин сликовито ги долови ужасните сцени на нечовечното тепање и претепување. Неговата, во тоа време многу акутна и упадна глувост, ги дополнуваше сликите на ужас кои тој ги прикажуваше. На секое прашање – или забелешка на судијата, особено на државниот тужител – Рацин ќе застанеше во својата приказна и наглуво се вртеше кон говорникот, ставајќи рака зад увото, за, проширувајќи ја ушната школка, подобро да слушне…

Централниот комитет покрена поширока акција како за ослободување на „хрватските и македонските поети и книжевници Стеван Галогажа и Коста Рацин“ така и воопшто против полицискиот терор, акција која ја прифати меѓународната „Црвена помош“ и за која пишуваше левичарскиот печат поврзан со Коминтерната. Во склоп на таа акција и Ромен Ролан – а ми се чини и Анри Барбис – го даде својот потпис и упати телеграми со протест“, се сеќаваше Колендиќ.

Упорноста – една од највоочливите карактерни црти на Коста Рацин

Рацин и на робија постојано учел. Колендиќ се сеќава дека доста го знаел германскиот јазик.

„Се фалеше дека германски учеше – по партиска задача!, т.е. кога, како делагат-младинец учествуваше на Четвртиот конгрес на КПЈ, одржан во Дрезден во 1928 година. Меѓутоа, неговото знаење на германскиот јазик беше далеку од тоа да може – бидејќи упорно работеше – да го чита Хегел во оригинал. А упорноста, која беше тешко да се разликува од тврдоглавоста, беше една од највоочливите карактерни црти на Коста Рацин“, раскажуваше Колендиќ.

Кога политичките затвореници во Сремска Митровица подготвувале голема прослава на Октомвриската револуција во 1935 година, тие од Рацин – кој бил веќе познат пролетерски поет – побарале да напише соодветна пригодна песна.

„Во дискусијата каква би требало да биде тоа песна, некој рече дека песната мора да биде: на македонски јазик! Сите се согласивме со тој предлог, а самиот Рацин се воодушеви. Дури почна да нè убедува дека македонскиот јазик е музикален и дека има прекрасни, благи варијанти неопходни за нежните тонови на поезијата. Веднаш, како доказ и илустрација, онака воодушевен едноставно од душа, ни изрецитира една од македонските народни, поточно, „староградски“ песни! И Рацин за прославата навистина напиша песна и тоа на македонски јазик. Песната беше многу добро примена кај сите нас и тоа, прво, зашто беше на македонски јазик, а, второ, зашто вриеше од пароли, црвени знамиња, револуција, крв… Пишувањето на таа песна, односно идејата тој да пишува на македонски т.е. на својот сопствен јазик, беше повод за разни дискусии околу проблемите на македонскиот литературен јазик, подобро кажано, за вредноста на поодделните македонски „говори“ т.е. дијалекти и нивниот меѓусебен однос…“, се сеќава Колендиќ.

Во 1940 година, по познатите судири на југословенската книжевна левица, Рацин бил исклучен од Комунистичката партија.

„Бараа да го нападнам Крлежа. Велат: важно е ти како Македонец мораш јавно да заземеш став, зашто вака испаѓа дека само ние, Црногорците, го прогонуваме! Јас се оградив и од „Печат“ и од целата Крлежина група, но не можам – убијте ме – но не можам против својот учител. Од него, од неговите „Пламен“ и „Книжевна република“ станав комунист, што за мене значи: станав човек!“, му раскажувал Рацин на Колендиќ.

Секогаш свој, секогаш за правдата и слободата

Упорен и тврдоглав каков што бил според кажувањето на неговиот другар и соборец, Рацин горливо и се спротивставувал на „главната струја“ во партијата и на почетокот на германската окупација, што ќе му донесе продолжување на судирот со нејзините челници во Македонија. Рацин е меѓу првите интелектуалци кои алудираат и на „црвениот терор“ на Сталин. Во ноември 1938 година во списанието ‘Младост’ ја објавил својата голема ‘Балада за стапката’, во која пее против насилството и теророт.

„… Наместо во практиката нашата критика и самокритика да го разбие лажното и да го замени со вистината, а злото со доброто, таа се претворила во својата апстрактна и формална спротивност. Вечно гониме некои ‘вештици’ околу себе и во себе. Така сите стануваме ‘вештици’, па глупаво се давиме во проклетството не само на општата, туку и на својата сопствена тиранија, која ја вршиме врз себе и врз другите. Меѓутоа, барем од оваа последната би можеле да се воздржиме. Мислам дека тоа би било револуционерен услов на акцијата на совладување и укинување на бучната фашистичка тиранија. Ете, затоа својата ‘Балада’ дефинитивно ја насочив против општото проклетство на секоја тиранија, а моите читатели веќе го имаат во ушите неподносливиот топот на фашистичките потковани чизми…“, беседел Рацин пред неговите другари.

Партиска карактеристика за Рацин гласела: „Непријателски расположен индивидуалист“, и му било забрането да шета по околината на партизанската база.

„… Беше сабота, 5 јуни 1943 година. Извонреден ден. Попладнето имавме политички час. Тема – распуштање на Коминтерната! Рано тоа утро дојде курир и донесе нови материјали. Боби Радосављевиќ нè викна сите нас, од секретаријатот на партиската организација, и ни ги објасни „тезите“ во врска со текстот во московска „Правда“ за распуштање на Коминтерната. Ни пренесе како тоа да им го објаснуваме на партизаните. На крајот на состанокот, Андро и Боби ме викнаа и ми рекоа: „Внимавај! Држи ја дискусијата во свои раце! Немој да дозволиш Рацин да се наметне со свои коментари…“ Меѓутоа, на политичкиот час, на кој сите присуствуваа, Рацин сепак зема збор. Знаеше подобро од сите нас, сè за Коминтерната. Говореше отворено како Сталин сега го распушта центарот на сите комунистички, револуционерни сили — затоа што „црнецот го одигра своето…“ Зборуваше така аргументирано што и мене ме збуни. Затоа, курирот Марче [Аризан Несторовски] отрча од состанокот и му јави на Боби. Овој одненадеж дојде и го „смачка“ Рацин…“, се сеќава Мино Минов за Рацин во партизаните.

Капиталното дело – стихозбирката „Бели мугри“

На 25 ноември 1939 во Самобор, во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излезе од печат збирката песни “Бели мугри” од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.

Збирката претставува извонредна поетска слика на најтипичните социјални појави во Македонија пред почетокот на Втората светска војна. Таа е антологија на болките и страдањата на македонскиот народ – експлоатацијата на тутунопроизводителите, на монополските работници и на надничарите. Покрај ова, таа е проткаена со борбеност и револуционерен дух. Таа претставува стремеж за афирмација на македонската национална култура.

Стихозбирката „Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западно-македонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот на стихозбирката е симболичен – пејзаж кој е посакуван од работниците, аргатите и сите експлоатирани луѓе. Тоа е ново утро, нов почеток, нов живот во кој сите ќе бидат еднакви. „Бели мугри“ била создадена под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ од браќата Миладиновци.

Највпечатливи мотиви во Рациновите песни се: аргатската мака („Денови“ и „Селска мака“), социјално-класната неправда („Тутуноберачите“), револуционерен повик („Копачите“), патриотски мотиви („Елегии за тебе“, „Уторото над нас“ и „Татунчо“), жал за пропаднатите занаети („На Струга дуќан да имам“) и печалбарската тага („Проштавање“).

Збирката претставува извонредно крупен настан во културната и политичката историја на македонскиот народ и пошироко. Тоа е врвен дострел на Рациновото творештво. Дело неделиво од неговиот живот и неговото класно и национално определување. Дело со кое ги потврдува можностите за изразување и на најсуптилните чувства на јазикот кој бил забрануван и одрекуван. Творечки се потпира врз достоинството што ги носи македонското народно епско и лирско творештво збогатени со сопствен творечки однос. Со полна поетска сугестивност и емотивност ги изразува црнилата на животот на македонскиот човек и вечните стремежи на човекот за подобар, поправичен свет, песни што ќе ги отворат прозорците за благороден културен натпревар со другите народи во светот.

Со „Бели мугри“ се отвори патот за современата македонска книжевност, а Кочо Рацин стана еден од основоположниците на современата македонска литература.

Рацин бил и до ден денешен останал инспирација за многу генерации бидејќи неговите живот, неговото дело како поет, како политички и комунистички активист, борец за човекови права, социјална правда и за слобода, како вредности се еднакво значајни и актуелни и денес, во 21 век. На почетокот на годинава нашиот познат уметник и графички дизајнер, Небојша Гелевски, чија специјалност е компјутерската графика преку алатките на вештачката интелигенција (ВИ), беше инспириран да направи една серија портрети.

Изминатиов месец издавачката куќа „Македоника литера“ ја објави книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)“ од Горан Калоѓера, во превод од хрватски на македонски јазик на Славчо Ковилоски, кој е и автор на предговорот.

Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да го реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари.

Во воведниот дел проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто.

На почетокот на наредната 2024 година, веднаш по новогодишно-божикните празници, на телевизија Телма ќе започне со прикажување играната ТВ серија „Црвениот поет“. Креатор и сценарист на историско-биографската драма во 10 полчасовни епизоди е Сашко Насев, режисер е Никола Поповски, а ролјата на Рацин ја толкува Александар Ристоски.

Александар Ристоски како Рацин во играната ТВ серија „Црвениот поет“

„Црвениот поет“ е телевизиска серија за животот и делото на Коста Рацин, еден од великаните на нашата поезија од дваесеттиот век, еден од најреволуционерните патриоти и еден од најромантичните уметници што ги дала нашата земја, истакнуваат продуцентите на серијата од „Сектор филм“.

На крајот, но не помалку битно, овие редови ги читате на портал кој со гордост го носите името Рацин. Под мотото „Расудување на духот на времето“, Рацин.мк ги отвора портите за општествените активисти и интелектуалците за критички дебати за предизвиците што стојат пред демократијата во земјата и во светот. Во центарот на нашето внимание и дебатата ги ставаме врвните интереси и цели на нашето општество и држава. Инспирирани од животот и делото на Кочо Рацин наша определба се темите како што се социјална правда, солидарност, владеење на правото, општество еднакво за сите.

Зачлени се на нашиот е-билтен